Колку време ѝ останува на планетата Земја?
Што мислиш, кој е точниот одговор на следново прашање?
Дали во блиска иднина состојбата на Земјата:
а) ќе се подобри?
б) ќе остане иста?
в) ќе стане полоша?
СЕ ОБИДУВАШ ЛИ да гледаш позитивно на иднината? Од многу причини е добро да си позитивен. Истражувањата покажуваат дека луѓето што се оптимисти се поуспешни на интелектуално поле и имаат подобро здравје. Едно долгогодишно истражување откри дека кај мажите што се оптимисти постојат помали шанси да заболат од коронарно срцево заболување отколку кај оние што гледаат на животот со песимизам. Овие сознанија се во склад со една изјава дадена во Библијата пред многу векови: „Веселото срце дејствува добро како лек, а скршениот дух ги суши коските“ (Изреки 17:22).
Меѓутоа, кога ќе го земат предвид она што експертите на полето на науката го предвидуваат во врска со иднината на планетата Земја, на мнозина им е тешко да бидат весели и да гледаат на работите со оптимизам. Да спомнеме само неколку од мрачните предвидувања за кои се зборува во медиумите.
Планета во опасност
Во 2002 год., реномираниот Институт за заштита на животната средина, кој се наоѓа во Стокхолм, предупреди дека трката по економски напредок на сметка на животната средина веројатно ќе повлече по себе „настани што би можеле од корен да ги променат климата и екосистемите на нашава планета“. Извештајот понатаму наведе дека општата сиромаштија, постојаните неправди и исцрпувањето и уништувањето на природните богатства би можеле да го туркаат општеството „од една во друга еколошка, општествена и безбедносна криза“.
Во 2005 год., Обединетите нации издадоа Милениумска проценка на екосистемите. Таа е резултат на четиригодишно глобално истражување на животната средина, во кое беа вклучени над 1.360 експерти од 95 земји. Овој извештај го содржеше следново строго предупредување: „Луѓето со своите активности толку ги оптоваруваат природните функции на Земјата што повеќе не можеме со сигурност да сметаме дека екосистемите на оваа планета ќе бидат во состојба да ги одржат во живот следните генерации“. За да се спречи катастрофа, ќе треба да се направат „значајни промени во ставовите, институциите и активностите, но тие промени сѐ уште не се прават“, стои во истиот извештај.
Ана Тибајука, извршен директор на Програмата за човекови населби при Обединетите нации, го кажува истото што го мислат и сѐ поголем број истражувачи. Таа вели: „Ако продолжиме како досега, нѐ чека страшна иднина“.
Причина за оптимизам
И Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, веруваат дека наскоро ќе се случат настани со кои драстично ќе се променат работите на Земјата. Меѓутоа, уверени се дека, наместо да значат катастрофална иднина, тие настани ќе водат до најпрекрасните услови што некогаш владееле во светот. Зошто можат да бидат такви оптимисти? Затоа што имаат доверба во ветувањата што се дадени во Божјата реч, Библијата. Еве едно од тие ветувања: „Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11).
Дали таквата надеж е само сон? Пред да одговориме на ова прашање, размисли за следново: илјадници години однапред, Библијата точно прорекла многу од сериозните проблеми што денес ги погодуваат Земјата и луѓето. Те молиме, прочитај ги библиските стихови што се наведени во следната статија и спореди го она што е речено во нив со она што гледаш дека се случува во светот. Така ќе се зголеми твојата доверба дека во Библијата е точно проречено она што ќе се случи во иднина.