ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 10/07 стр. 18-20
  • Што да правам кога моите родители се караат?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што да правам кога моите родители се караат?
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Различни мислења
  • Влијанието на несовршеноста
  • Што ќе ти помогне
  • Што да правам кога моите родители се караат?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Како подобро да ги запознаам моите родители?
    Разбудете се! 2009
  • Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?
    Разбудете се! 2011
  • Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
Повеќе
Разбудете се! 2007
g 10/07 стр. 18-20

Младите прашуваат...

Што да правам кога моите родители се караат?

КАВГИТЕ на твоите родители неизбежно оставаат белег врз тебе. Тоа е нормално, зашто ти ги сакаш и очекуваш поддршка од нив. Затоа, кога изгледа дека веќе не можат да најдат заеднички јазик, почнуваат да те обземаат грижи. Зошто понекогаш твоите родители како да се на различна бранова должина?

Различни мислења

Исус рекол дека, кога еден маж и една жена ќе стапат во брак, тие стануваат „едно тело“ (Матеј 19:5). Но, дали ова значи дека мајка ти и татко ти секогаш ќе имаат исто мислење за работите? Во никој случај. Всушност, меѓу кои и да било двајца луѓе — па дури и меѓу маж и жена кои се навистина соединети — понекогаш ќе дојде до несогласувања.

Ако твоите родители имаат различни мислења за некоја работа, тоа не значи дека бракот им се распаѓа. Тие најверојатно сѐ уште се сакаат — иако понекогаш си одат на нерви. Тогаш, зошто се караат? Можеби различно гледаат на одредени работи. Тоа не е секогаш погрешно, ниту, пак, значи дека бракот ќе им пропадне.

Да го објасниме ова со еден пример: Ти се случило ли некогаш да гледаш филм со другарите и на крајот ти да имаш поинакво мислење за филмот од нив? Тоа се случува. Дури и луѓе што се доста блиски може да гледаат на работите поинаку.

Може да е слично и со твоите родители. Можеби и двајцата се загрижени поради финансиската состојба на семејството, но секој од нив има различно мислење како да се распоредат средствата. Можеби и двајцата сакаат да го испланираат семејниот одмор, но секој од нив има различна претстава за тоа како би изгледал еден добар одмор, или можеби и двајцата сакаат да бидеш добар ученик, но секој од нив има различна идеја како да те мотивираат да учиш. Поентата од ова е: двајца не мора да се едномислени за да се сложуваат. Дури и двајца што се во брак може да имаат различни мислења за една иста работа.

Но, зошто понекогаш твоите родители дозволуваат да се скараат само затоа што имаат различни мислења? Зошто понекогаш може од една безначајна забелешка да избие вжештена кавга?

Влијанието на несовршеноста

Многу кавги меѓу родителите се резултат на несовршеноста. Во Библијата пишува: „Сите ние честопати грешиме. Ако некој не греши во зборови, тој е совршен човек“ (Јаков 3:2). Твоите родители не се совршени, а не си ни ти. Понекогаш, сите ние кажуваме работи што не ги мислиме навистина, а понекогаш нашите зборови може да прободат „како да прободува меч“ (Изреки 12:18).

Веројатно си забележал нешто слично и кај себе. На пример, веројатно и ти се сеќаваш кога некогаш си се скарал со некој што ти е близок. „Сите се караат понекогаш“, вели една девојка по име Марија.a „Всушност, најмногу можат да ме изнервираат луѓето што најмногу ги сакам — веројатно затоа што очекувам толку многу од нив!“ Еден сопруг и една сопруга што се христијани очекуваат многу еден од друг, и тоа не треба да нѐ изненади затоа што Библијата поставува високи мерила за нив (Ефешаните 5:24, 25). А бидејќи се несовршени, само прашање на време е кога некој од нив ќе згреши. Библијата вели: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23; 5:12).

Според тоа, треба да очекуваш дека меѓу твоите родители ќе се појави барем некаква напнатост. Всушност, апостол Павле напишал дека оние што се во брак ќе имаат „телесни неволји“ или, „болка и тага“, како што гласи оваа фраза во преводот The New English Bible (1. Коринќаните 7:28). Незгоден шеф, сообраќаен метеж, големи сметки — ова се само некои стресови што го зголемуваат притисокот во семејството.

Ако имаш на ум дека твоите родители се несовршени и дека понекогаш може да бидат под голем притисок, поразумно ќе гледаш на нивните повремени препирки. Тоа ѝ помогнало и на Марија. „Ми се чини дека моите родители сега се пречкаат повеќе отколку порано“, вели таа, „а понекогаш се прашувам дали едноставно си дошле преку глава еден на друг. Но, тогаш ќе си речам: ‚Биди фер — па и не е мала работа да си 25 години во брак и да одгледаш пет деца!‘“ Можеби и ти ќе бидеш ‚сочувствителен‘ ако сфатиш дека твоите родители имаат многу одговорности (1. Петрово 3:8).

Што ќе ти помогне

Можеби признаваш дека твоите родители се несовршени и свесен си дека секој ден имаат разни притисоци. Но, сѐ уште останува прашањето: Што можеш да направиш кога се караат? Еве некои предлози:

◼ Не се мешај (Изреки 26:17). Не е твоја работа да изигруваш брачен советник или да ги смируваш кавгите на твоите родители. Ако се обидеш да го направиш тоа, најверојатно само уште повеќе ќе ги влошиш работите. Христина (18) вели: „Речиси секојпат кога ќе се обидам да изигрувам судија меѓу нив, обично ќе ми речат да си ја гледам работата“. Остави ги твоите родители сами да си ги решат проблемите.

◼ Гледај разумно на работите (Колошаните 3:13). Како што веќе спомнавме, тоа што твоите родители ќе се скараат одвреме-навреме, не значи дека бракот им се распаѓа. Затоа, не дозволувај повремените искри меѓу нив да те испаничат. Мелани (20) за своите родители вели: „Дури и ако се караат, знам дека сѐ уште се сакаат и дека си го сакаат семејството. Знам дека ќе си ги решат несогласувањата“. Можеби и со твоите родители е исто кога ќе се скараат.

◼ Моли се за она што те загрижува. Не оставај грижите да се насобираат во тебе. Библијата вели: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22). Молитвата може многу да ти помогне. Апостол Павле им напишал на Филипјаните: „Изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7).

◼ Води сметка за себе. Не е мудро да се вознемируваш за нешто над што немаш никаква контрола. Со тоа може само да си наштетиш. Во Библијата пишува: „Од загриженост срцето на човекот му премалува“ (Изреки 12:25). Потруди се да се оттргнеш од грижите така што ќе поминуваш повеќе време со пријатели што ќе те охрабрат и ќе правиш работи што ќе те исполнат.

◼ Разговарај со родителите. Иако не треба да се мешаш во кавгите на твоите родители, сепак слободно кажи им како се одразуваат нивните кавги врз тебе. Избери добро време и разговарај со некој од нив (Изреки 25:11). Зборувај „благо и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15). Не обвинувај. Едноставно кажи како се чувствуваш.

Обиди се да ги примениш овие предлози. Можеби твоите родители добро ќе реагираат. Па дури и ако не реагираат добро, ќе бидеш помирен знаејќи дека, иако немаш контрола над своите родители, сепак можеш да влијаеш врз тоа како ќе реагираш кога се караат.

[Фуснота]

a Имињата во оваа статија се сменети.

ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

◼ Зошто на родителите понекогаш им е тешко да најдат заеднички јазик?

◼ Што би му рекол на својот помал брат или сестра врз кој лошо се одразуваат кавгите на родителите?

[Рамка на страница 20]

ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ

Несогласувањата во бракот се неизбежни, но како ќе ги решавате останува на вас. Кавгите меѓу родителите оставаат длабоки трауми врз децата. Треба сериозно да се размисли за ова, зашто вашиот брак, всушност, е пример што децата веројатно ќе го следат кога ќе стапат во брак (Изреки 22:6). Кога ќе дојде до кавга, гледајте таа прилика да ја искористите за да покажете како да се решаваат несогласувањата. Пробајте со следново:

Слушај. Библијата ни кажува да бидеме ‚брзи на слушање, а бавни на зборување и бавни на гнев‘ (Јаков 1:19). ‚Не враќај зло за зло‘, зашто така само додаваш масло на огнот (Римјаните 12:17). Дури и кога се чини дека твојот брачен другар не сака да слуша, ти можеш да слушаш.

Труди се да објасниш, а не да критикуваш. Смирено кажи му на својот брачен другар како влијаело врз тебе неговото однесување. („Ме повредува кога ќе...“) Не обвинувај и не критикувај. („Не ти е гајле за мене.“ „Никогаш не слушаш.“)

Повлечи се. Понекогаш е најдобро да ја прекинеш расправијата и да разговараш со својот брачен другар кога ќе се смирите малку. Библијата вели: „Кога ќе почне караница, како да се отворила водна брана. Затоа, пред да избие караницата, оддалечи се“ (Изреки 17:14).

Извинете се, а ако треба, извинете им се и на децата. Барбара (14) вели: „Понекогаш, кога мајка ми и татко ми ќе се скараат, ќе ни се извинат мене и на брат ми зашто знаат како влијае тоа врз нас“. Една од највредните поуки што можеш да им ја дадеш на своите деца е да ги научиш понизно да кажат: „Извини“.

Повеќе информации можеш да најдеш во Разбудете се! од 8 април 2001, страници 8-14 и од 22 јануари 1994 (српски), страници 3-12.

[Слика на страница 19]

Не обвинувај. Едноставно кажи како се чувствуваш

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели