ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • yp2 погл. 24 стр. 199-207
  • Што да правам кога моите родители се караат?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што да правам кога моите родители се караат?
  • Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто родителите се караат
  • Што да правиш
  • Што да не правиш
  • Што да правам кога моите родители се караат?
    Разбудете се! 2007
  • Како подобро да ги запознаам моите родители?
    Разбудете се! 2009
  • Зошто толку многу правила?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
Повеќе
Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
yp2 погл. 24 стр. 199-207

ПОГЛАВЈЕ 24

Што да правам кога моите родители се караат?

Дали твоите родители некогаш се караат пред тебе? Кога го прават тоа, за која од следниве работи најчесто се расправаат?

□ За пари

□ За домашните работи

□ За роднините

□ За тебе

Што би сакал да им кажеш за тоа како нивните кавги влијаат врз тебе?

․․․․․

ТЕШКО ти паѓаат кавгите на твоите родители. Тоа е нормално, зашто ги сакаш и очекуваш поддршка од нив. Затоа, веројатно многу те погодува кога ги слушаш како се караат. Можеби и ти се чувствуваш како Мери, која вели: „Тешко ми е да ги почитувам моите родители кога изгледа дека тие самите не се почитуваат еден со друг“.

Кога гледаш како твоите родители се расправаат, сфаќаш една болна вистина: Тие не се толку совршени како што си мислеше. Кога ќе те освести оваа сурова реалност, кај тебе може да се родат разни стравови. Ако кавгите се чести или големи, можеби си загрижен дека бракот им е пред распад. „Кога ќе ги чујам родителите како се караат“, вели Мери, „си замислувам дека ќе се разведат и дека ќе морам да бирам со кого да живеам. Страв ми е и дека ќе морам да живеам одвоено од браќата и сестрите.“

Но, зошто се караат родителите, и што да правиш кога ќе избие некоја семејна кавга?

Зошто родителите се караат

Општо земено, можеби твоите родители ‚се поднесуваат еден со друг со љубов‘ (Ефешаните 4:2). Но, Библијата вели: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Твоите родители не се совршени. Затоа, не треба да те изненади ако им се насобере лутина и одвреме-навреме ја истурат во кавга.

Не заборавај ни дека живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Притисокот да заработат за живот, да ги платат сметките, да се борат со атмосферата на работа — сето ова носи огромен стрес во еден брак. А ако и двајцата родители работат, причина за несогласувања можат да бидат и одлуките во врска со тоа кој ќе заврши одредени домашни работи.

Ако твоите родители имаат несогласувања, тоа не мора да значи дека бракот им се распаѓа. Тие најверојатно сѐ уште се сакаат — иако имаат различни мислења за некоја работа.

Да го објасниме ова со еден пример: Ти се случило ли некогаш да гледаш филм со другарите и на крајот ти да имаш поинакво мислење за филмот од нив? Тоа се случува. Дури и луѓе што се доста блиски може да гледаат поинаку на некои работи. Може да е слично и со твоите родители. Можеби и двајцата се загрижени поради финансиската состојба на семејството, но секој од нив има различно мислење за тоа како да се распоредат средствата. Можеби и двајцата сакаат да го испланираат семејниот одмор, но секој од нив има различна претстава за тоа како би изгледал еден добар одмор, или можеби и двајцата сакаат да бидеш добар ученик, но секој од нив има различна идеја како да те мотивираат да учиш.

Поентата од ова е: двајца не мора во сѐ да се едномислени за да се сложуваат. Двајца што се сакаат понекогаш може различно да гледаат на работите. Сепак, не е лесно да ги слушаш расправиите на твоите родители. Што можеш да речеш или да направиш за да ти биде полесно?

Што да правиш

Покажи почит. Кога родителите постојано се ’рчкаат, лесно може да ти дојде преку глава од нив. Па, зар не треба тие да ти дадат пример тебе, а не ти ним? Но, ако се однесуваш со своите родители без почит, само уште повеќе ќе ја зголемиш напнатоста во семејството. Што е уште поважно, Јехова Бог ти заповеда да ги почитуваш и да ги слушаш — дури и кога тоа не е баш лесно (2. Мојсеева 20:12; Изреки 30:17).

Но, што ако твоите родители имаат несогласувања токму поради нешто што е поврзано со тебе? На пример, да речеме дека едниот е Сведок, а другиот не. Може да дојде до проблеми поврзани со религијата, при што ќе мораш цврсто да застанеш зад своите верувања заедно со родителот што е Сведок (Матеј 10:34-37). Но, секогаш прави го тоа „благо и со длабока почит“. Можеби со својот пример еден ден ќе го придобиеш родителот што не е Сведок (1. Петрово 3:15).

Биди неутрален. Што можеш да направиш ако родителите бараат од тебе да заземеш страна во некоја расправија во која ти не си директно вклучен? Труди се да останеш неутрален. Можеби ќе можеш учтиво да им кажеш нешто како: „Мамо, тато, ве сакам и двајцата. Но, ве молам, не барајте од мене да бирам страни. Тоа си е меѓу вас, и вие треба да си го решите“.

Комуницирај. Кажи им на родителите како се чувствуваш кога се караат. Избери време кога мислиш дека ќе те сослушаат и со почит објасни им како влијаат нивните кавги врз тебе — на пример, дека те вознемируваат, те лутат, па дури и те плашат (Изреки 15:23; Колошаните 4:6).

Што да не правиш

Не изигрувај брачен советник. Како млад човек, ти едноставно не си дораснат да им ги решаваш несогласувањата на твоите родители. Да земеме еден пример: Замисли си дека си патник во еден мал авион и дека слушаш како пилотот и копилотот се караат. Нормално дека ќе бидеш загрижен. Но, што ќе се случи ако си земеш слобода да им кажеш на пилотите како да управуваат со авионот или ако самиот се обидеш да го преземеш управувачот?

Слично на тоа, ако се обидеш ‚да го преземеш управувачот‘ со тоа што ќе се вмешаш во брачните проблеми на твоите родители, може само уште повеќе ќе ги влошиш работите. Библијата вели: „Вообразеноста само предизвикува караници, а мудри се оние што меѓусебно се советуваат“ (Изреки 13:10). Твоите родители веројатно подобро можат да си ги решат проблемите ако поразговараат насамо (Изреки 25:9).

Не се вклучувај. Доволно е лошо кога слушаш двајца како се караат. Зошто да додаваш уште еден глас во сета таа викотница? Колку и да ти доаѓа да се вклучиш и ти во кавгата, факт е дека твоите родители — а не ти — ја имаат одговорноста да си ги средат несогласувањата. Затоа, кога станува збор за такви лични работи, труди се да се држиш за библискиот совет ‚да си ја гледаш својата работа‘ (1. Солуњаните 4:11). Не скокај во огнот.

Не ги боцкај родителите еден против друг. Некои млади ги тераат родителите да се караат со тоа што ги боцкаат еден против друг. Кога мама за нешто ќе каже ‚не‘, го фаќаат тато на емоции за да изнудат од него ‚да‘. Со такво лукаво манипулирање можеби ќе добиеш малку повеќе слобода, но на долги патеки, тоа само ги продолжува кавгите во семејството.

Не дозволувај нивното однесување да влијае врз твоето. Младиот Петар сфатил дека почнал да прави работи што не му прилегаат на еден христијанин само за да му врати на татко му кој ги малтретирал дома. „Сакав да го повредам“, вели тој. „Толку го мразев поради она што ни го правеше мене, на мајка ми и на сестра ми.“ Но, по кратко време, Петар морал да се соочи со последиците од своето однесување. Што учиме од ова? Лошото однесување само уште повеќе ќе ги влоши проблемите дома (Галатите 6:7).

Напиши на што од ова поглавје треба најмногу да работиш. ․․․․․

Очигледно, не можеш да ги спречиш родителите да се караат. Но, биди сигурен дека Јехова може да ти помогне да се справиш со грижите што ти ги создаваат нивните кавги (Филипјаните 4:6, 7; 1. Петрово 5:7).

Труди се со сите сили да ги примениш предлозите што беа дадени. Со текот на времето, твоите родители можеби ќе бидат поттикнати сериозно да поработат на своите проблеми. Којзнае — можеби дури и ќе престанат да се караат.

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Како успешно да растеш во семејство со еден родител?

КЛУЧЕН СТИХ

„Вашиот збор секогаш нека биде пријатен“ (Колошаните 4:6)

ПРЕДЛОГ

Ако кавгите на твоите родители се чести и големи, со почит предложи им да побараат помош.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

И луѓето што се сакаат понекогаш може да не се согласуваат за нешто.

ПЛАН!

Кога моите родители ќе почнат да се караат, јас ќе ․․․․․

Ако родителите бараат од мене да заземам страни, ќе им речам ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто некои родители се караат?

● Зошто ти не си виновен за проблемите на твоите родители?

● Што можеш да научиш ако набљудуваш како се однесуваат твоите родители?

[Истакната мисла на страница 201]

››Тоа што сум свесна дека моите родители не се совршени и дека и тие се борат со разни проблеми, ми помогна да не се вознемирувам многу кога се караат‹‹ (Кети)

[Рамка/слики на страници 206 и 207]

Што ако моите веќе не живеат заедно?

Ако твоите родители се разделат, како да постапуваш мудро и покрај чувствата што можеби те јадат однатре? Размисли за следниве предлози:

● Отфрли ги неоснованите очекувања. Можеби инстинктивно ти доаѓа да пробаш да ги смириш родителите. Ана се сеќава: „Откако се разделија, моите понекогаш сѐ уште заедно ќе нѐ изнесеа некаде. Јас и сестра ми си шепотевме: ‚Ајде да истрчаме малку понапред за мама и тато да бидат сами‘. Но, изгледа дека тоа не смени ништо. Тие никогаш не се смирија“.

Во Изреки 13:12 стои: „Од предолго исчекување се разболува срцето“. За да не се изложиш себеси непотребно на таков стрес, не заборавај дека не можеш да ги контролираш постапките на твоите родители. Ти не си причината зошто се разделиле и најверојатно не можеш да се вмешаш и да им го поправиш бракот (Изреки 26:17).

● Не собирај омраза. Ако собираш во себе гнев и омраза кон еден или кон двајцата родители, може да си нанесеш трајна штета. Том раскажува какви чувства имал на 12 години: „Почнав да чувствувам силен гнев кон татко ми. Не сакам да го користам зборот ‚омраза‘, но бев страшно огорчен. Не можев да сфатам како може да тврди дека нѐ сака, а си замина“.

Но, кога родителите ќе се разделат, работите ретко може да се сведат на толку едноставен заклучок дека едниот родител е сосем невин и дека целата вина лежи само кај другиот. Вистината е дека твоите родители веројатно не ти кажале сѐ за нивниот брак или зошто се разделиле. Можеби и ним не им е сѐ јасно. Затоа, немој да судиш штом не ги знаеш сите факти (Изреки 18:13). Мора да се признае, не е лесно да не те обземе гнев, и сосема е природно некое време да бидеш вознемирен. Но, ако собираш во себе гнев и огорченост, тоа полека може да ти го уништи карактерот. Затоа Библијата нѐ советува: „Отфрли го гневот и остави ја лутината“ (Псалм 37:8).

● Биди реалистичен. Некои млади не го мразат родителот што си заминал, но одат во друга крајност — го идолизираат. На пример, таткото на едно момче бил алкохоличар и женкар кој многупати го оставал семејството, а на крајот побарал и развод. Сепак, ова момче кажува дека, од некоја причина, речиси го обожавало татко си!

Ваквата неразумна почит не е ништо необично. Во една земја, околу 90 отсто од децата на разведени родители живеат со мајката, и повремено одат кај таткото. Затоа, обично мајката е одговорна секојдневно да се грижи за децата — во што спаѓа и воспитувањето и карањето. Иако добива алиментација, животниот стандард на мајката обично оди надолу по разводот, додека кај таткото може да се случи да оди нагоре. Како резултат на тоа, кога децата одат кај тато, тоа значи дека ќе добијат подароци и ќе се забавуваат! Животот со мама значи штедење и постојано нагласување што смееш и што не смееш да правиш. За жал, некои млади дури и си заминале од кај родителот што е христијанин за да одат и да живеат со другиот родител кој не му служи на Јехова и со кого ќе имаат повеќе удобности и поголема слобода (Изреки 19:4).

Ако и ти се мислиш дали да го сториш тоа, размисли што ти е најважно. Не заборавај дека ти треба морално водство и стега. Тоа ќе влијае врз твојот карактер и врз твојот живот многу повеќе од сѐ друго што родителот може да ти го даде (Изреки 4:13).

[Слика на страници 202 и 203]

Едно дете што им кажува на родителите како да си ги решат несогласувањата е како патник кој им кажува на пилотите како да управуваат со авионот

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели