Младите прашуваат
Како подобро да ги запознаам моите родители?
Јасмина и родителите вечераат заедно со пријатели. Додека јадат, една пријателка ѝ вели на мајка ѝ на Јасмина: „Нема да веруваш! Некни го сретнав Роберт — ти текнува, со него одеше во средно?“
Јасмина ја испушта виљушката од рака. Никогаш порано не слушнала за Роберт.
„Мамо, си имала и друг дечко освен тато!? Првпат слушам!“
ДАЛИ и ти, како Јасмина, некогаш си дознал нешто за твоите родители што било вистинско изненадување за тебе? Ако да, веројатно си почнал да се прашуваш што уште не знаеш за нив!
Зошто можеби има работи што не ги знаеш за твоите родители? Зошто е корисно подобро да ги запознаеш? И како можеш да го сториш тоа?
Дознај повеќе
Зошто можеби има работи што не ги знаеш за твоите родители? Понекогаш, причина може да биде оддалеченоста. „Моите родители се разведоа кога имав осум години“, вели Јаков,a кој сега има 22 години. „По разводот, татко ми го гледав само неколку пати во годината. Има многу работи што би сакал да ги знам за него.“
Дури и ако со години живееш со своите родители, тие веројатно ти немаат кажано сѐ за себе. Зошто? Како на сите нас, и на родителите понекогаш им е срам поради грешките што ги направиле во минатото (Римјаните 3:23). Освен тоа, можеби се плашат дека, ако ги дознаеш нивните грешки, ќе ги цениш помалку — или дека ќе си земеш преголема слобода.
Но, честопати има работи што родителите не ти ги кажале едноставно затоа што никогаш не сте паднале на муабет на таа тема. Едно момче по име Кристијан вели: „Просто е неверојатно дека со години живееш со родителите и сѐ уште дознаваш нови работи за нив!“ Зошто не го направиш првиот чекор за да ги запознаеш подобро? Да разгледаме четири придобивки од тоа.
Придобивка 1: Родителите најверојатно ќе ценат што се интересираш за нив. Без сомнение ќе им биде мило што си доволно заинтересиран да ги распрашаш за нивниот живот. И кој знае — можеби дури ќе имаат уште поголемо разбирање за тебе и за твоите чувства! (Матеј 7:12).
Придобивка 2: Ќе ти биде појасно зошто твоите родители имаат одредени ставови. На пример, дали порано имале помалку во материјален поглед? Ова може да ти помогне да сфатиш зошто сега се толку штедливи, дури и ако тебе тоа ти изгледа непотребно.
Ако разбереш како размислуваат родителите, тоа може да ти биде од голема помош. Едно момче по име Коди вели: „Кога знам како размислуваат моите родители, уште пред да кажам нешто, можам да претпоставам како ќе влијаат моите зборови на нив“ (Изреки 15:23).
Придобивка 3: Ќе ти стане полесно да зборуваш за себе. „Ми беше непријатно да зборувам со татко ми за едно момче што ми се допаѓаше“, вели Бети (18). „Но, кога отворено му кажав за моите чувства, татко ми ми раскажа за првиот пат кога тој се заљубил и колку убаво се чувствувал тогаш. Дури ми раскажа за денот кога раскинал со девојката и колку му било тешко. Тоа ме поттикна да му кажам повеќе за мојата ситуација.“
Придобивка 4: Можеби ќе научиш нешто. Животното искуство што го имаат твоите родители може да ти помогне да се носиш со своите нервози и проблеми. „Сакам да знам како моите родители успеваат да се грижат за големо семејство со многу различни физички, емоционални и духовни потреби“, вели Џошуа (16). „Сигурно можам да научам нешто важно од тоа.“ Во Библијата е поставено ова прашање: „Зарем нема мудрост меѓу старците и зарем не донесува разумност долгиот живот?“ (Јов 12:12).
Ти почни го разговорот
Како да ги запознаеш подобро своите родители? Еве неколку предлози.
Избери добра атмосфера. Не мора да биде некоја формална прилика. Труди се тоа да биде во опуштена атмосфера. Можеби додека играте некоја игра заедно, додека работите на некој проект, додека се шетате или додека се возите. „Сме имале многу убави разговори со родителите додека сме патувале некаде“, вели Коди, кого го спомнавме претходно. „Се разбира, многу е полесно да ги ставам слушалките в уши или да спијам, но увидов дека секогаш вреди да почнеш разговор!“
Поставувај прашања. Мораме да признаеме: Дури и во добра атмосфера, мајка ти веројатно нема веднаш да ти раскаже за првиот пат кога се заљубила, а татко ти можеби нема да спомне дека, кога бил тинејџер, ја чукнал колата. Но, можеби ќе ти ги кажат тие работи ако ги прашаш! (Предлози за тоа какви прашања би можел да поставуваш има во рамката на 12. страница.)
Биди флексибилен. Честопати, одговорот на некое прашање ќе води до некоја друга приказна или ќе начне некоја друга тема. Можеби ќе бидеш на искушение пак да се вратиш на претходната тема, но не прави го тоа! Не заборавај, твојата цел не е само да собереш информации. Целта ти е да станеш поблизок со родителите, а еден од најдобрите начини да го сториш тоа е да разговараш со нив за работи што им се важни ним (Филипјаните 2:4).
Биди прониклив. „Размислувањата во човековото срце се како длабока вода, а разборитиот човек знае како да ги исцрпи“ (Изреки 20:5). Проникливост ти е потребна особено кога зборуваш со родителите за некоја осетлива тема. На пример, можеби те интересира какви непријатни грешки направил татко ти кога бил на твои години и што би сменил доколку повторно би се нашол во истата ситуација. Но, пред да преминеш на такви теми, би можел да прашаш: „Ќе ти пречи ли ако те прашам за...“
Биди обѕирен. Кога родителите ти раскажуваат нешто за себеси, биди „брз на слушање, а бавен на зборување“ (Јаков 1:19). Никогаш немој да ги исмеваш или да ги навредуваш за она што ти го кажале. Ако имаш забелешки од типот: „Опа! Не ми се верува дека си направил такво нешто!“ или „Значи, затоа си толку строг со мене!“, твоите родители нема да сакаат повеќе да зборуваат отворено со тебе. Истото ќе се случи и ако пренесуваш лични работи на некој што не е дел од семејството.
Никогаш не е доцна!
Овие предлози можат да ти помогнат подобро да ги запознаеш своите родители уште додека живееш со нив. Но, што ако веќе си се иселил од дома? Истите начела можат да ти помогнат повторно да се зближиш со родителите — или дури и да се зближиш со родителот што не си го познавал вистински. Токму тоа му се случило на Јаков, кој беше спомнат претходно. Иако сега живее сам, тој вели: „Во последно време, многу се зближив со татко ми, и многу ми е мило поради тоа“.
Значи, без разлика дали живееш со родителите или не, никогаш не е доцна подобро да ги запознаеш. Од помош можат да ти бидат предлозите што беа дадени во оваа статија.
[Фуснота]
a Некои имиња во оваа статија се сменети.
РАЗМИСЛИ
◼ За кои теми што се спомнати во оваа статија би сакал да разговараш со твоите родители?
◼ Како тоа што ќе дознаеш повеќе за родителите може да ти помогне подобро да се разбереш себеси?
[Рамка/слика на страница 12]
Би можел на родителите да им поставиш вакви прашања:
БРАК: Како се запознавте ти и мама (или тато)? Што ве привлече? Каде живеевте кога се зедовте?
ДЕТСТВО: Каде си роден? Како се сложуваше со твоите браќа и сестри? Дали твоите родители беа строги или попустливи со тебе?
ОБРАЗОВАНИЕ: Кој предмет ти одеше најдобро на училиште? Што ти одеше најслабо? Имаше ли омилен наставник? Зошто ти беше омилен?
ВРАБОТУВАЊЕ: Кое ти беше првото работно место? Го сакаше ли? Кога би можел да избираш професија, што би работел?
СЛОБОДНО ВРЕМЕ: Кога би можел да бираш да патуваш некаде, каде би отишол? Какво хоби или вештина би сакал да имаш?
ДУХОВНО ВОСПИТАНИЕ: Дали си воспитан како христијанин? Ако не, како се заинтересира за Библијата? Ти беше ли тешко да се држиш за библиските начела?
ВРЕДНОСТИ: Кои се според тебе најважните фактори за добро пријателство? за среќен живот? за добар брак? Кој е најдобриот совет што си го добил?
Обиди се со следново: Избери неколку прашања и обиди се да претпоставиш како би ти одговорил родителот. Потоа постави му ги прашањата и спореди ги неговите одговори со одговорите што ти претпостави дека ќе ги даде.
[Рамка на страница 13]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ
Вечераш заедно со сопругот, ќерката и неколку семејни пријатели. За време на вечерата, твојата пријателка спомнува некој со кого си била во врска — и со кого си раскинала — пред да го запознаеш својот сопруг. Никогаш порано не си ѝ го спомнала тоа на ќерка ти. Сега таа сака да дознае нешто повеќе. Што ќе направиш?
Обично, најдобро е да одговориш на прашањата што ќе ти ги постави детето. Биди свесен дека, секој пат кога те прашува нешто и го слуша твојот одговор, вие комуницирате — нешто што го посакуваат повеќето родители.
Но, колку информации за твоето минато треба да му кажеш на син ти или на ќерка ти? Сосема е нормално ако сакаш да задржиш за себе некои непријатни работи. Сепак, кога тоа е на место, би можел да им кажеш на децата некои од грешките што си ги направил или проблемите со кои си се мачел, зашто тоа може да им биде од помош. Како?
Да разгледаме еден пример. Апостол Павле еднаш открил нешто за себе: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене... Беден човек сум јас!“ (Римјаните 7:21-24). Јехова Бог ги вдахновил овие зборови и дозволил да бидат запишани и зачувани во Библијата за наша корист (2. Тимотеј 3:16). И навистина ни се од корист, зашто кој од нас не се почувствувал како Павле?
Слично на тоа, кога слушаат за твоите добри одлуки, но и за твоите грешки, децата ќе можат полесно да те разберат. Точно, ти си растел во поинакво време. Но, иако времињата се менуваат, човечката природа не се менува, а не се менуваат ни библиските начела (Псалм 119:144). Кога разговарате за проблемите што си ги имал ти — и како си ги надминал — тоа може да им помогне на децата да се справат со нивните проблеми. Едно момче по име Камерон вели: „Кога ќе дознаеш дека твоите родители имале слични проблеми како твоите, некако пореално ги гледаш“. Понатаму додава: „Следниот пат кога ќе имаш проблем, се прашуваш дали и тие поминале низ истото“.
Едно предупредување: Не мора сите приказни да завршат со совет. Точно, можеби се плашиш дека децата ќе донесат погрешен заклучок, па дури и дека ќе го искористат тоа како изговор за да ги направат истите грешки. Но, наместо да им кажеш што треба да научат од разговорот („Затоа ти никогаш не треба да...“), накратко кажи им што мислиш ти („Да го имав тогаш овој памет, никогаш не ќе го направев тоа, затоа што...“) Така, децата ќе извлечат вредни поуки од твоето искуство без да имаат чувство дека си им држел предавање (Ефешаните 6:4).
[Рамка на страница 13]
„Еднаш, ѝ признав на мајка ми дека ми е поубаво кога сум со друштвото од училиште отколку со сохристијаните. Следниот ден, на бирото најдов писмо од неа. Во него пишуваше дека и таа знае како е да немаш пријатели меѓу соверниците. Ме потсети и на поединци од Библијата кои му служеле на Бог дури и кога немало никој друг кој би ги охрабрил. Исто така, ме пофали што се трудам да имам пријатели кои ќе ме изградуваат. Бев изненадена кога дознав дека не сум единствената што има таков проблем. И мајка ми се соочила со истото. Кога го дознав тоа, толку ми беше мило што заплакав. Нејзините зборови многу ме охрабрија. Тоа ми даде сила да го правам она што е исправно“ (Џунко, 17, Јапонија)
[Слика на страница 11]
Замоли ги родителите да ти покажат стари фотографии или други работи. Тоа често може да води до интересен разговор