Поглед во светот
◼ „Факт е“ дека температурите на Земјата стануваат сѐ повисоки, а за тоа „најверојатно“ е виновна дејноста на луѓето (МЕЃУНАРОДЕН ОДБОР ЗА ПРОМЕНИ ВО КЛИМАТА [IPCC], ШВАЈЦАРИЈА).
◼ Во Германија, од 1,4 до 1,9 милиони луѓе се „зависни од лекови“. Овој проблем има исти размери како и зависноста од алкохол (TAGESSCHAU, ГЕРМАНИЈА).
◼ Во Британија, возрасна група која е во најголем ризик да биде убиена се бебињата до една година (THE TIMES, БРИТАНИЈА).
◼ Некои делови од границата помеѓу САД и Канада се толку обраснати со вегетација што властите „не можат да ја пронајдат“. Денис Шорнак од Меѓународната комисија за граници вели: „Ако не можеш да ја најдеш границата, не можеш ни да ја чуваш“. (ASSOCIATED PRESS, САД).
Телото е создадено самото да се лекува
Професор Густав Добос, специјалист во Рударската болница во Есен (Германија) вели: „Човечкиот организам може сам да излекува од 60 до 70 отсто од болестите што го напаѓаат“. За да се лекува самото, се вели дека телото создава 30-40 лекови, како што се кортизонот и некои состојки што спречуваат да се создадат камења во бубрезите. Некои процеси што се вклучени во ваквото природно лекување им се познати на лекарите, но имаат уште многу да учат. Според списанието Vital, научниците сфаќаат дека „постои комплицирана соработка меѓу хормоните, имунолошките посредници и клетките убијци, а улога играат и емоциите и расположението“. Меѓутоа, понатаму во списанието се вели дека стресот и личните проблеми можат „на подолг период да го ослабнат имунолошкиот систем“.
Распоредување на богатството во светот
Во лондонскиот весник Guardian се вели: „Четириесет отсто од вкупното богатство во светот го држат 1% од најбогатите луѓе“. Во весникот уште пишува: „Најголемиот број од супер богатите се занимаваат со финансии и понуди на Интернет“. Според едно истражување што го спроведоа ОН, 37 отсто од најбогатите луѓе живеат во САД, 27 отсто во Јапонија и 6 отсто во Велика Британија. За разлика од нив, половина од најсиромашните луѓе во светот имаат едвај 1 отсто од светското богатство. Според Данкан Грин, раководител на истражувачкиот тим на добротворното друштво Оксфам од Британија, „оваа огромна нееднаквост е ужасна... Не постои никакво оправдание толку малку луѓе да имаат толку огромно богатство, а 800 милиони луѓе секоја ноќ да си легнуваат гладни“.
Повеќе машки отколку женски деца во Кина
Во 2005 год., во Кина на секои 100 женски бебиња се родија 118 машки. Весникот China Daily известува дека во некои делови од земјата, „овој број се искачи на 130 машки на секои 100 женски деца“. Причината за оваа разлика е тоа што родителите прават тест на полот на детето и избираат да абортираат ако е женско. Државните органи се свесни дека ова се должи на кинескиот закон за планирање на семејството, според кој на двојките што живеат во градовите не им е дозволено да имаат повеќе од едно дете. Во весникот се вели дека „до 2020 год., ќе има околу 30 милиони повеќе мажи отколку жени на возраст за брак“, и дека оваа нерамнотежа „ќе влијае врз стабилноста на општеството“.