Набљудување на светот
„Дремка за сила“
„Дремката може да го подобри расположението, будноста и работната способност“, известува The Wall Street Journal. Подмладувачките ефекти на добрата дремка поттикнале некои индустрии да бараат начини да ги воведат дремките во редовниот работен ден. Тоа особено е вистинито таму каде што заинтересираноста за безбедноста е поврзана со будноста на вработените — како што се камионџиите, воздухопловните пилоти и машинистите на нуклеарните централи. „Откривме дека будноста се надоместува во огромни размери — во вредност од неколку часа — со 15-минутна дремка“, вели Клаудио Штампи, истражувач на спиењето. Но, спиењето на работно место сѐ уште е далеку од тоа да го прифатат повеќето работодавачи. Весникот Journal вели дека со цел „спиењето на работното место да стане поприфатливо, поборниците сега укажуваат на тоа како на ‚дремка за сила‘“.
ДНК и свитоците од Мртвото Море
Дешифрирањето на древните свитоци од Мртвото Море започнало кратко после нивното откривање во Јудејската пустина во 1947 година. Досега, преведени се околу 15 свитоци. Остануваат околу 10.000 фрагменти од стотици други свитоци, со величина на нокт од палец. Составувањето на фрагментите се покажало фрустрирачко. Рабовите се премногу распаднати за да се состават заедно како слагалка, а бидејќи секој фрагмент содржи само неколку букви, тие не можат да се поврзат според значењето. Сега, според International Herald Tribune, науката доаѓа на помош. Како? Пишувањето било направено на животински кожи, затоа одредувањето на типот на ДНК може да го идентификува видот, стадото и поединечното животно од кое произлегува секој фрагмент. Научниците се надеваат дека ова ќе им го олесни класифицирањето и сложувањето на фрагментите.
„Благословени се Јеховините сведоци“
Како во многу други земји, и во Италија избувнал скандал во врска со крвта. Се тврди дека илјадници литри крв биле дистрибуирани во центрите за трансфузиологија без соодветно проверување или без да се преземат исправни мерки на безбедност, изложувајќи со тоа илјадници луѓе на опасноста да се заразат од болести како што се СИДА и хепатитис. Коментирајќи за потресната ситуација која го става профитот пред личното здравје, Луиџи Пинтор, уредник на италијанското списание Il Manifesto, својата статија ја започнал со следниве зборови: „Благословени се Јеховините сведоци, кои . . . одбиваат трансфузија на крв од религиозни причини. Додека ги читаат весниците деновиве, тие ќе бидат единствените кои не мора да се грижат за тоа што се случува . . . во индустриите за крв и во клиниките кои продаваат или даваат крв, плазма и сродни деривати на нивните ближни“.
Младите жртви на војната
Некогаш, воените жртви најмногу биле војници. Но, повеќе не. Во текот на изминатите десет години, војните онеспособиле и убиле многу повеќе деца отколку војници. Околу два милиони деца умреле во војни во изминатата деценија, наведува делото The State of the World’s Children 1995 (Состојбата на децата во светот 1995), извештај од Детскиот Фонд на Обединетите нации. Додатни 4 до 5 милиони деца се осакатени, повеќе од 5 милиони се присилени да одат во логори за бегалци и преку 12 милиони се оставени без дом. Извештајот наведува: „Тоа се статистички податоци на срам, кои фрлаат долга сенка над идните генерации и на нивната борба за стабилност и социјална кохезија“.
Преживување на потопувањето во студена вода
Научниците кои истражуваат зошто луѓето што паѓаат во ледена вода умираат толку бргу откриле дека природната реакција на телото на ладниот шок е да хипервентилира. „Наглото примање на воздух проследено е со прилив на вода и давење“, наведува списанието New Scientist. Хипервентилацијата не може да се спречи. Затоа преживувањето зависи од тоа главата да се држи над водата сѐ додека реакцијата да се голта воздух не се повлече — обично за две или три минути.
Нови библиски преводи
„Експлозија на нови изданија на Библијата на современ англиски јазик ги погодува книжарниците“, забележува U.S.News & World Report. Приредени се Библии за деца, за спортисти, за постари, за мајки кои седат дома, за татковци и за други групи. Преводот Black Bible Chronicles „користи сленг и драма за да ги оживи библиските раскази за африканско-американските тинејџери“. Еден друг, The New Testament and Psalms: An Inclusive Version, настојува да направи јазик во среден род. Бог е наречен „Татко-Мајка“, а Синот човечки станува „човечкиот“. Со цел да се избегне навреда на левичарите, преведувачите ја нарекуваат Божјата десна рака негова „моќна рака“, а поради расни призвуци, темнината повеќе не се изедначува со злото. Еден трет превод, New International Reader’s Version New Testament, опишан е од неговите издавачи како „првата Библија некогаш напишана на многу елементарно ниво на читање, најниското на пазарот“. Статијата заклучува: „Сѐ на сѐ, само на англиски сега постојат преку 450 верзии на Библијата. Со сите нови изданија кои ги достигнуваат полиците, Библијата најверојатно нема бргу да го напушти своето трајно место на листата на бестселери на сите времиња“.