Европскиот бизон — спасен од истребување
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ПОЛСКА
Ловокрадците биле возбудени кога наишле на стапките по кои трагале. Пробивајќи се напред, погледот најпосле им паднал на она што го барале — животно со темнокафеаво крзно, речиси црна брада и со извиткани рогови на врвот од главата. Побарувачката за неговото месо и кожа била голема, што ветувало добра заработувачка.
При првиот истрел на ловокрадците, животното било рането. Спас барало во шумата, но напразно. По вториот истрел, кој бил смртоносен, ова суштество тешко половина тон се струполило на земја. На ловокрадците не им паднало ни на крај памет дека овој настан, кој се случил во април 1919 год., ќе има историско значење. Тие штотуку го убиле последниот рамничарски европски бизон во дивината на Полска. За среќа, во тоа време вакви бизони сѐ уште имало во зоолошките градини и кај некои приватни лица.
ЕВРОПСКИТЕ бизони (Bison bonasus) првобитно биле распространети на поголемиот дел од европскиот континент, и ги имало во голем број. Еден зрел мажјак може да тежи и до 900 килограми и да достигне висина од речиси 2 метри кај плеќите. Овие големи цицачи се наречени цареви на шумите.
Една значајна карактеристика на бизоните е несразмерната големина на предниот дел на телото во однос на задниот дел. Телото одзади му е многу помало во споредба со широките плешки од кои се издига една висока грпка. Задниот дел од телото го покриваат кратки влакна, а на предниот има долго, бушаво крзно и брада.
На работ на истребување
Се проценува дека денес има само неколку илјади европски бизони. Земјоделието и уништувањето на шумите придонеле тие да го загубат своето живеалиште. Освен тоа, овие животни отсекогаш биле мета на ловокрадците. До осмиот век, европските бизони на територијата на Галија (денешна Франција и Белгија) изумреле.
Во 16 век, царевите на Полска презеле мерки за заштита на овие бизони. Еден од првите цареви кои го сториле тоа бил Сигисмунд II. Тој пропишал смртна казна за секој што ќе убие европски бизон. Зошто? Д-р Збигњев Крашински од Националниот парк Бјаловјески вели: „Животните биле заштитени за да можат да ги ловат владетелите и нивните дворјани“. Иако казната биле многу строги, законот не успеал да ги заштити бизоните во дивината и, до крајот на 18 век, европскиот бизон можел да се најде само во Бјаловјеските шуми (источна Полска) и на Кавказ.
Во 19 век, работите конечно тргнале на подобро. Откако Бјаловјеските шуми потпаднале под Руското Царство, цар Александар I издал заповед за заштита на европскиот бизон. За кратко време можеле да се забележат и резултати. Бројот на бизоните постепено растел и, до 1857 год., имало речиси 1.900 бизони кои биле под заштита на владата. Подоцна, во текот на зимата, на одредени места им била оставана храна. Внимателно било испланирано каде да се направат поила, а некои места биле расчистени и посеани со сточни култури.
За жал, добрите времиња за овие бизони не потрајале многу долго. За 60 години, нивниот број двојно се намалил. Последниот, смртоносен удар за бизоните во дивината на Полска бил во текот на Првата светска војна. Иако Германија донела одлука „бизоните да се остават за приплод, како природна знаменитост“, германските војници кои се повлекувале од фронтот, припадниците на рускиот отпор и неизбежните ловокрадци ги опустошиле крдата. Како што беше спомнато и на почетокот, во 1919 год. бил убиен и последниот европски бизон во дивината на Полска.
Позитивен пресврт
Во обид да се спаси овој вид, во 1923 год. било основано Меѓународното здружение за заштита на европскиот бизон. Најпрво требало да се одреди бројот на сите чистокрвни бизони што живееле во заточеништво.a Било утврдено дека низ целиот свет, во различни зоолошки градини и менажерии имало уште 54 чистокрвни рамничарски европски бизони. Меѓутоа, сите не биле погодни за размножување. Некои биле премногу стари, а други биле жртви на болести. На крајот, биле избрани 12 бизони за да го зголемат нивниот број. Сите рамничарски европски бизони денес потекнуваат од само пет поединечни грла.
Есента 1929 год., два рамничарски европски бизони биле пуштени на слобода во дивината. Тие биле сместени во еден резерват во Бјаловјеските шуми што бил подготвен исклучиво за нив. За десет години, нивниот број пораснал на 16.
Спасени од истребување?
На почетокот од 21 век, низ целиот свет можеа да се најдат околу 2.900 европски бизони, од кои околу 700 се во Полска. Со текот на времето, овие животни се намножија и во Белорусија, Киргистан, Литванија, Русија и Украина.
Сепак, тоа не значи дека европскиот бизон повеќе не е загрозен вид. Нему сѐ уште му се заканува опасност од паразити, болести, глад, недостиг на вода и ловокрадци. Друг сериозен проблем се генетските нарушувања, до кои доаѓа поради слабата генска разновидност. Од овие причини, европскиот бизон сѐ уште не е симнат од Списокот на загрозени видови на кој се евидентирани сите загрозени растенија и животни низ целиот свет.
Решеноста на човекот да го спаси овој вид помогна тој да преживее до нашево време. Меѓутоа, д-р Крашински, кого претходно го цитиравме, нѐ потсетува дека „она што го снајде европскиот бизон ни покажува за колку кратко време може еден вид да се најде на работ на истребувањето и колкав напор е потребен за да биде спасен од таквата опасност“. Иднината на ова, но и на многу други животни, останува неизвесна. Сепак, засега можеме да кажеме дека „царевите на шумата“ беа спасени од истребување.
[Фуснота]
a Постојат два подвида на европски бизон — рамничарскиот европски бизон и кавкаскиот, т.е. планински бизон. Последниот кавкаски бизон умрел во 1927 год. Меѓутоа, претходно, друг мажјак бил спарен со женки од рамничарските бизони, при што било добиено хибридно потомство. Извесен број хибридни кавкаски бизони сѐ уште постојат.
[Слики на страница 10]
Европски бизон во Националниот парк Бјаловјески
[Извор на слика]
Сите фотографии: Białowieski Park Narodowy