ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 10/08 стр. 26-29
  • Што ако ми е кажано во колку да бидам дома?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што ако ми е кажано во колку да бидам дома?
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Чувствителна тема
  • Зошто толку многу правила?
    Разбудете се! 2006
  • Како да ја стекнам довербата на родителите?
    Младите прашуваат
  • Зошто родителите не ме разбираат?
    Разбудете се! 2012
  • Зошто толку многу правила?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
Повеќе
Разбудете се! 2008
g 10/08 стр. 26-29

Младите прашуваат

Што ако ми е кажано во колку да бидам дома?

Си бил излезен со пријателите и сега се враќаш дома. Доцна е. Родителите ти кажале во колку да се вратиш, но ти си се задржал подолго, и сега ќе мора да им дадеш отчет. Тешко ти е да го пречекориш прагот. Се надеваш дека веќе си легнале. Полека ја отвораш вратата и... ете ги пред тебе. Погледнуваат кон саатот и бараат некакво објаснување.

ДАЛИ и тебе ти се има случено такво нешто? Дали и ти не се согласуваш со своите родители кога ќе ти кажат во колку да се вратиш, бидејќи мислиш дека тоа не е разумно? Дебора (17) вели: „Иако живееме во мирна населба, моите родители веднаш креваат паника ако се вратам по полноќ“.a

Зошто ти паѓа тешко да се вратиш дома на време? Погрешно ли е да посакуваш поголема слобода? Како да се справиш со строгите ограничувања?

Чувствителна тема

Временските ограничувања може да ти одат на живци, особено ако ти се чини дека ти го скратуваат времето за дружење. „Барањето да бидам дома во точно одредено време навистина ме вади од такт“, вели Наташа (17). „Еднаш моите знаеја дека ќе гледам филм со неколку другарки, кои живеат во нашата улица. Сепак, кога задоцнив само две минути, тие ми се јавија за да прашаат зошто сѐ уште не сум дома!“

Една девојка по име Стејси спомнува друг проблем. Таа вели: „Требаше да се вратам дома пред да си легнат моите. Ако мораа да ме чекаат, ќе беа исцрпени и изнервирани, а потоа ми наметнуваа грижа на совеста. Тоа многу ме мачеше. Не можев да сфатам зошто едноставно не си легнат!“ Кога ќе дојде до ваков судир, веројатно и тебе ти се јавува истата желба како и на Кејти (18), која вели: „Би сакала моите да имаат поголема доверба во мене за да немам чувство дека ги присилувам да ми дадат поголема слобода“.

Можеби и ти се чувствуваш како некои од младите што беа цитирани погоре. Во тој случај, еве едно прашање за тебе:

◼ Зошто ми е толку убаво кога излегувам некаде? (Штиклирај еден одговор.)

□ Се чувствувам посамостоен.

□ Се ослободувам од стресот.

□ Можам да се дружам.

Сите овие причини се нешто нормално. Додека растеш, сосема е природно да посакуваш поголема слобода. Освен тоа, корисната разонода ти помага да се опуштиш, а Библијата те поттикнува да склопуваш позитивни пријателства (Псалм 119:63; 2. Тимотеј 2:22). Се разбира, тоа не е баш изводливо ако никогаш не излегуваш од дома!

Но, како да уживаш во овие работи ако родителите ти наметнале „полициски час“? Разгледај ги следниве информации.

Проблем бр. 1: Имаш чувство дека те третираат како мало дете. „Се чувствував како бебе затоа што морав да ги прекинам другите и да замолам некого да ме врати дома рано“, се присетува Андреја, која сега има 21 година.

Што може да ти помогне: Замисли си дека си добил возачка дозвола. Во некои земји, законот поставува ограничувања во однос на тоа каде, кога и со кого смееш да возиш — барем до одредена возраст. Дали ќе се откажеш од идејата да ја земеш дозволата и ќе речеш: „Ако немам неограничена слобода, нема ни да возам“? Се разбира дека не! Наместо тоа, твојата дозвола ќе ја сметаш за големо достигнување.

Слично е и кога твоите ќе ти дозволат да излегуваш од дома под услов да се вратиш во одредено време. Пробај да гледаш на тоа како на напредок — чекор во исправна насока. Не концентрирај се на ограничувањето, туку на слободата што ја добиваш. Зарем немаш сега поголема слобода отколку кога беше помал?

Зошто функционира: Ако ова ограничување го сметаш за шанса наместо за пречка, ќе ти биде полесно да го почитуваш. Веројатно ќе добиеш поголема слобода ако се трудиш да се враќаш дома навреме (Лука 16:10).

Проблем бр. 2: Не можеш да сфатиш зошто мора да се вратиш толку рано. Ники, на која извесно време ѝ било тешко да се враќа дома во строго утврден термин, вели: „Си мислев дека мајка ми поставува правила само колку да ги има“.

Што може да ти помогне: Примени го начелото од Изреки 15:22, каде што стои: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“. Смирено дискутирај со твоите родители за овој проблем. Обиди се да откриеш зошто бараат од тебе да се вратиш дома токму во тоа време.b

Зошто функционира: Ако ги сослушаш твоите родители, ќе можеш подобро да ги разбереш. Стивен вели: „Татко ми ми кажа дека мајка ми не може да заспие додека не се вратам дома жив и здрав. Воопшто не бев свесен за тоа“.

Запомни: Секогаш е подобро да дискутираш за несогласувањата смирено, наместо да го истуриш својот гнев, што сигурно ќе има последици. Наташа, која ја спомнавме претходно, вели: „Сфатив дека, кога им викам на моите, обично ми се ускратуваат следните неколку работи што сакам да ги правам“.

Проблем бр. 3: Имаш чувство дека немаш контрола над својот живот. Понекогаш родителите велат дека домашните правила — меѓу кои и правилото да бидеш дома во одредено време — се за твое добро. Бренди (20) вели: „Кога моите ќе ми го спомнат тоа, имам чувство дека не сакаат да донесувам свои одлуки или да го изразам моето мислење“.

Што може да ти помогне: Можеби ќе сакаш да го следиш советот што го дал Исус во Матеј 5:41: „Ако некој што има власт те присили да одиш една милја, оди со него две“. Ешли и брат ѝ го применуваат ова начело. „Обично се трудиме да бидеме дома 15 минути порано“, вели таа. Би можел ли и ти да си поставиш слична цел?

Зошто функционира: Попријатно ни е да правиме нешто затоа што сакаме, а не затоа што мораме! Кога ќе одлучиш да се вратиш дома малку порано, ти имаш контрола над твоето време. Можеби ова те потсетува на начелото: „Не [треба] тоа добро дело да го направиш присилно, туку доброволно“ (Филимон 14).

Ако се враќаш дома порано, родителите ќе стекнат доверба во тебе, поради што веројатно ќе ти допуштат поголема слобода. Еве што забележал Вејд (18): „Ако родителите стекнат доверба во тебе, нема да те оптоваруваат со премногу правила“.

Проблем бр. 4:

․․․․․

Што може да ти помогне:

․․․․․

Зошто функционира:

․․․․․

Еден ден најверојатно ќе се иселиш од домот на твоите родители и ќе уживаш прилично голема слобода. Но, дотогаш ќе треба да бидеш стрплив. Тифани (20) вели: „Можеби сега не ти е допуштено да правиш сѐ што сакаш, но ако се навикнеш на ограничувањата, ќе можеш сепак да уживаш во своите тинејџерски години“.

[Фусноти]

a Имињата во оваа статија се сменети.

b Предлози можеш да најдеш во статијата „Младите прашуваат... Зошто толку многу правила?“, во Разбудете се! од декември 2006.

РАЗМИСЛИ

◼ Како барањето да се вратиш дома во одредено време покажува дека твоите се заинтересирани за тебе?

◼ Како да ја стекнеш довербата на родителите ако некогаш си задоцнил?

[Рамка на страница 27]

ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ

„Мислам дека времето кога треба да се вратам дома е разумно затоа што, кога не сум доволно наспан, станувам избувлив“ (Гејб, 17)

„Ваквото ограничување ме спаси од многу непријатни ситуации. На пример, на една забава, некои малолетници донесоа алкохол. Кога го видовме тоа, јас и мојата другарка си отидовме под изговор дека дома ќе нѐ чекаат“ (Кејти, 18)

[Рамка на страница 28]

КАКО ДА НАЈДЕШ ЗАЕДНИЧКИ ЈАЗИК

Зошто не се договориш со твоите родители за следниве неколку точки во врска со правилото за враќање дома?

◼ Ќе бидам дома до ․․․․․ часот во ․․․․․ навечер и до ․․․․․ часот во ․․․․․ навечер.

◼ Јасно ми е дека, ако една вечер не се вратам навреме, ќе морам да се враќам во ․․․․․ часот во период од најмалку ․․․․․ седмици.

◼ Можеби ова правило ќе важи пократко ако го почитувам најмалку ․․․․․ месеци.

[Рамка/слика на страница 28]

АКО САКАШ ДА ОСТАНУВАШ ПОДОЛГО

◼ Одбери го вистинскиот момент за ваков разговор (Проповедник 3:1, 7).

◼ Секогаш враќај се на време (Матеј 5:37).

◼ Предложи извесно време да се враќаш подоцна, чисто како проба (Матеј 25:23).

[Рамка на страница 29]

ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ

◼ Твојот син доцни 30 минути. Слушаш како полека се отвора надворешната врата. ‚Сигурно се надева дека спијам‘, си помислуваш. Но, се разбира, ти си буден. Всушност, пред врата седна уште кога син ти требаше да се врати. Сега, на ширум отворената врата стои тој, и погледите ви се судираат. Што ќе кажеш? Што ќе сториш?

Имаш неколку можности. Би можел да му прогледаш на детето низ прсти велејќи си: „Младост — лудост“. Или, да отидеш во друга крајност и да речеш: „Уште еднаш ти што ќе излезеш!“ Наместо неконтролирано да избувнеш, најпрво сослушај го за да видиш дали има оправдана причина што доцни. Потоа би можел да ја искористиш оваа ситуација за да му помогнеш да научи една важна лекција. Како?

Предлог: Кажи му на твоето дете дека за тоа ќе разговарате утре. А потоа, кога ќе процениш дека е погодно време, седни со него и кажи му какви мерки ќе преземеш. Некои родители, кога нивното дете ќе се врати дома подоцна, бараат следниот пат да се врати 30 минути порано. Од друга страна, пак, ако детето редовно се враќа дома на време и ако докажало дека ја заслужува твојата доверба, можеби понекогаш ќе му дозволиш да си доаѓа дома и подоцна. Многу е важно да бидете на чисто во кое време очекуваш тоа да се врати и какви мерки ќе преземеш ако го прекрши тоа правило. Потоа, стој си на зборот и спроведи ги тие мерки.

Внимавај: Библијата вели: „Вашата разумност нека им биде позната на сите“ (Филипјаните 4:5). Пред да одредиш кога треба твоето дете да се врати дома, можеби ќе биде добро прво да разговараш со него и да го прашаш во кое време би сакал тој да се врати, и зошто токму тогаш. Земи го предвид неговото мислење. Ако детето покажало дека е одговорно и ако неговиот предлог е разумен, можеби ќе бидеш спремен да направиш некакви отстапки.

Точноста е дел од животот. Ваквите ограничувања не се само безбедносна мерка туку и начин да му помогнеш на своето дете да стекне вештина што ќе му користи цел живот (Изреки 22:6).

[Слика на страница 27]

Возачката дозвола е знак за напредок. Истото важи и за правилото да бидеш дома во одредено време

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели