Поглед во светот
◼ Во моментов, официјалната веб-страница на Јеховините сведоци (www.watchtower.org) нуди информации на 314 јазици. Минатата година, оваа страница ја посетија повеќе од 22 милиони лица — повеќе од 60.000 секој ден.
◼ „Еден од најголемите проблеми во светот денес е за секого да се обезбеди чиста вода во изобилство... Честопати, онаму каде што нема доволно вода наоѓаме пушки“ (БАН КИ МУН, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ООН).
Среќата и здравјето
Долго време се смета дека луѓето со позитивен став имаат подобро здравје отколку оние што се напнати, непријателски настроени или песимисти. Тоа го потврди и едно поново истражување. Стручњаците заклучија дека луѓето со „ведар дух“ имаат пониско ниво на кортизол — хормон што се ослободува при стрес и може да предизвика најразлични болести доколку го има хронично во големи количини. Таквите луѓе имаат и пониско ниво на „два протеина, кои обично укажуваат на воспаленија по целото тело“. Според д-р Ендрју Стептоу од Колеџот при Универзитетот во Лондон, „расположението не зависи само од наследните фактори туку и од нашите односи со другите, како и тоа дали водиме исполнет живот“.
Современо утврдување на празничниот датум
Муслиманите со векови го набљудуваат небото за да видат кога ќе почне да се појавува српот на младата месечина со која завршува месецот Рамазан и почнува празникот Рамазан Бајрам. Традиционално и задолжително Месечината се набљудува со голо око, а еден верски водач им го објавува почетокот на празникот на верниците. Но, во последниве неколку години, некои водачи одобрија и современи методи. Астрономите во Иран, заедно со муслимански свештеници кои се тука за да ги потврдат нивните резултати, користат телескопи со висока резолуција, опрема за гледање ноќе, па дури и авиони опремени со прецизни инструменти за набљудување. Колку порано ќе ги забележат првите зраци на младата месечина толку порано ќе започне празникот.
И бебињата можат да проценат карактер
Бебињата веќе на 6-месечна возраст, „кога уште не можат да зборуваат“, можат да им го „проценат карактерот на другите“, велат истражувачите од Универзитетот Јејл во САД. Бебиња на возраст меѓу 6 и 10 месеци гледале како една кукла со големи очи се качува по рид, при што некои кукли ѝ помагале, а други ја влечеле назад. Потоа, на децата „им било дадено да изберат со која кукла ќе си играат“, објаснува весникот Houston Chronicle. Речиси сите бебиња одбрале услужлива наместо злобна кукла“. До одредена мера, „дури и бебињата прават разлика меѓу добри и лоши другарчиња и знаат кого да го одберат“, пишува истиот весник.
„Жед за флаширана вода“
„Во Америка постои незаситна жед за флаширана вода — побарувачка од речиси 30 милијарди шишиња годишно“, стои во списанието U.S.News & World Report. Меѓутоа, многу потрошувачи не се свесни дека флашираната вода најчесто се полни од јавниот водовод. Според тоа, секој што од здравствени причини пие флаширана вода наместо вода од чешма е во заблуда“, вели истото списание. Во многу земји, станиците за пречистување вршат строга контрола на водата од јавниот водовод. Ако се земе предвид дека цените на флашираната вода се „изгор“, водата од чешма е „речиси бесплатна“.