Поглед во светот
◼ „Во текот на 20 век, тутунот одзеде 100 милиони животи“ (СВЕТСКА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА, ШВАЈЦАРИЈА).
◼ „Од речиси 9.000 пациенти од [Обединетото Кралство], кај кои меѓу 1996 и 2003 год. беше извршена операција на срце, оние што примија трансфузија на црвени крвни клетки беа во трипати поголема опасност да умрат следната година и речиси во шестпати поголема опасност тоа да им се случи во текот на првиот месец по операцијата во споредба со пациентите кои не примија никаква трансфузија“ (NEW SCIENTIST, БРИТАНИЈА).
„Среќен“ Божиќ?
„Божиќ е еден од најголемите празници“, но и „време на несогласувања“, пишува Vi Föräldrar, шведско списание за родители. Всушност, на божиќните празници, семејствата „се караат и се препираат почесто отколку во кое и да било друго време од годината“. Ова списание анкетирало повеќе од 1.100 родители на мали деца за тоа како си поминуваат за време на празниците. Дури 88 отсто одговориле дека се караат околу тоа „како и каде да го слават Божиќ“. Многу од нив изразиле незадоволство што бабите и дедовците ги разгалуваат внуците со слатки и со непотребни подароци.
Давањето усреќува повеќе
„Парите те прават среќен — ако им ги даваш на другите“, гласи еден наслов во канадскиот весник The Globe and Mail. Иако повеќето од анкетираните мислеле дека би биле посреќни ако трошат за себе, на темел на изјавите било утврдено дека оние што давале пари за да им помогнат на другите — сеедно за колкава сума станувало збор — всушност, биле посреќни. „Сѐ поголем е бројот на истражувања што потврдуваат дека богатството не е предуслов за среќа“, стои во истиот весник. „Човек што веќе има доволно пари за основните потреби нема да стане многу посреќен ако се збогати повеќе.“
Онлајн трговија со воена опрема
Една државна служба на САД сакала да провери дали е можно потенцијалните државни непријатели да „набават воена опрема забранета за цивили“ преку Интернет, вели списанието New Scientist. „Беа изненадени кога сфатија колку лесно е тоа.“ Користејќи ги најпосетуваните аукциски Интернет-страници, тие можеле без никаков проблем да купат „делови од американска заштитна воена опрема“, „половна нуклеарно-биолошко-хемиска заштитна облека“, делови од млазни борбени авиони и „слични артикли кои не се за јавна продажба“. Не се знае како продавачите успеале да дојдат до таква опрема, но за неколку од нив „е покрената правна постапка“, пишува во истото списание.
Екстра лепило од старо време
За лепење на сребрените декоративни ловорови листови врз парадните шлемови на римските службеници се користело екстра лепило. Франк Вилер, главен реставратор при Рајнландскиот музеј во Бон (Германија), случајно го открил тоа. Тој со фина пила почнал да сече делче од еден железен шлем од првиот век пр.н.е., кој најмалку 1.500 години лежел во речното корито на реката Рајна. „Под дејство на топлината од пилата, сребрените ловорови листови се одлепија од шлемот оставајќи тенки траги од лепило“, објаснува тој. Со анализа беше утврдено дека ова моќно лепило содржи битумен, катран од дрво и говедски лој.