Божиќните празници — на што се става акцент?
ЗА МИЛИОНИ луѓе, празниците се време кога треба да се биде со семејството и пријателите, време да се зајакне меѓусебната љубов. Многу други, пак, на тој период гледаат како на време кога треба да се потсетат на раѓањето на Исус Христос и на неговата улога во спасението на човештвото. Во Русија, за разлика од многу други земји, луѓето не можеле секогаш слободно да го прославуваат Божиќ. Иако со векови припадниците на Руската православна црква отворено го прославувале Божиќ, во поголемиот дел од 20-тиот век тоа не им било дозволено. Што довело до ваква промена?
Кратко по Болшевичката комунистичка револуција во 1917 година, Советските власти почнале да спроведуваат агресивна политика на државен атеизам. На сите божиќни празници и на сите религиозни елементи поврзани со нив почнало да се гледа со неодобрување. Државата започнала да шири пропаганда против славењето на божиќните и новогодишните празници. Отворено се напаѓале локалните симболи на празниците — божиќната елка и Дедо Мраз.
Во 1935 година, се случила промена која многу го сменила начинот на кој Русите ги прославувале празниците. Советите повторно ги вовеле Дедо Мраз, елката и славењето на Нова година — но со значителна разлика. Било кажано дека Дедо Мраз ќе носи подароци на Нова година, а не на Божиќ. Слично на тоа, немало повеќе да има божиќна елка. Тоа требало да биде новогодишна елка! Така, во Советскиот Сојуз акцентот бил ставен на нешто сосема друго. Всушност, славењето на Нова година го заменило Божиќ.
Божиќните празници станале целосно световни празници, на кои што официјално им било одземено секое религиозно значење. Новогодишната елка не се украсувала со религиозни предмети, туку со световни, кои го прикажувале напредокот на Советскиот Сојуз. Рускиот весник Вокруг Света (Околу светот) објаснува: „Според украсите на новогодишните елки од различни години од советската ера, можно е да се следи историјата на воспоставувањето на комунистичкото општество. Покрај вообичаените зајчиња, мразулци и тркалезни лебови, беа произведувани и украси во форма на срп и чекан и трактори. Тие подоцна беа заменети со фигурички на рудари и космонаути, нафтени платформи, ракети и месечеви возила“.
Што е со самиот Божиќ? Тој не бил признаен. Наместо тоа, советските власти го деградирале до статус на обичен работен ден. Оние кои сакале да ги држат верските божиќни обичаи можеле да го прават тоа само скришно, со што ризикувале да паднат во немилост на државата и да доживеат непријатни последици. Да, во 20-от век во Русија се смени акцентот на божиќните празници — од верски тие станаа световни празници.
Промена во поново време
Во 1991 година Советскиот Сојуз се распадна и луѓето добија повеќе слобода. Ја немаше повеќе државната политика на атеизам. Многу од новоформираните независни држави беа претежно нерелигиозни, во кои Црквата беше одвоена од државата. Многу религиозни луѓе почувствуваа дека сега би можеле да ги изразат своите религиозни верувања. Тие сметаа дека еден начин на кој можат да го направат тоа би било со славењето на верскиот празник Божиќ. Меѓутоа, наскоро многу од нив се разочараа. Зошто?
Со секоја наредна година, празникот стануваше сѐ повеќе комерцијализиран. Навистина, исто како и на Запад, божиќните празници станаа најдобрата прилика за заработка на производителите, продавачите на големо и за трговците. На божиќните украси им се отстапува значајно место во излозите. Од продавниците се слушаат божиќна музика и песни во западен стил, кои порано не беа познати во Русија. Продавачите носат големи вреќи со божиќни украси и ги продаваат во возовите и другите средства за јавен превоз. Тоа е денешната слика на божиќните празници.
Дури и оние што немаат ништо против ваквиот отворен комерцијализам, ги мачи друга вознемирувачка карактеристика на празниците — прекумерната употреба на алкохол, заедно со сите ужасни последици од тоа. Еден лекар во одделот за итни случаи во една болница во Москва објаснил: „Лекарите за време на новогодишната прослава веќе со сигурност знаат дека ќе биде примен зголемен број лица со разни повреди кои се движат од удари и модринки па до рани од нож или куршум, од кои повеќето се предизвикани од семејно насилство, расправии под дејство на алкохол и сообраќајни несреќи“. Еден водечки научник од еден оддел во Руската академија на науките рекол: „Има брз пораст во бројот на смртни случаи предизвикани од алкохол. Тој беше особено висок во 2000 година. Исто така се зголеми и бројот на самоубиства и убиства“.
За жал, таквото однесување за време на празниците во Русија се влошува и поради еден друг фактор. Под насловот „Русите го слават Божиќ двапати“, весникот Известија пишува: „Скоро секој десетти Русин го слави Божиќ двапати. Според истражувањето на Центарот за истражување на руското мислење и пазар, 8 проценти од анкетираните признале дека го слават Божиќ и на 25 декември, според католичкиот божиќен календар, и на 7 јануари, според православието . . . Очигледно, за некои, не е важно религиозното значење на Божиќ, туку приликата да се прославува“.a
Дали денес акцентот навистина се става на Христос?
Очигледно, за време на празниците има многу безбожно однесување. Колку и да е ова вознемирувачки, некои можеби мислат дека сепак треба да ги слават овие празници од почит кон Бог и кон Христос. Желбата да му се угоди на Бог е за пофалба. Но, дали Бог и Христос се задоволни од божиќните празници? Разгледај го потеклото на овие празници.
На пример, без оглед што мисли некој за советскиот став кон Божиќ, тешко дека би приговорил на следниве историски факти запишани во Great Soviet Encyclopedia (Големата советска енциклопедија): „Божиќ . . . бил присвоен од претхристијанското обожавање на богови ‚кои умираат и воскреснуваат‘, што особено било раширено меѓу земјоделските народи кои, обично во периодот на зимската краткодневица од 21-25 декември, секоја година го славеле ‚раѓањето‘ на богот-спасител, кој ја буди природата во нов живот“.
Можеби ќе го сметаш за значајно она што таа енциклопедија веродостојно го истакнува: „Христијанството во првите векови не го славело Божиќ . . . Од средината на четвртиот век, од обожавањата на Митра христијанството го присвоило прославувањето на зимската краткодневица и го претворило во божиќна прослава. Први кои го прославувале Божиќ биле верските заедници во Рим. Во десеттиот век, Божиќ, заедно со христијанството, се раширил во Русија, каде што се измешал со зимските празници на древните Словени, со кои ги славеле духовите на предците“.
Можеби ќе прашаш: ‚Што вели Божјата реч, Библијата, во врска со тоа дека Исус е роден на 25 декември?‘ Всушност, Библијата не наведува конкретен датум за Исусовото раѓање и нема запис дека самиот Исус зборувал за тоа, а уште помалку дека рекол тоа да се прославува. Меѓутоа, Библијата ни помага да одредиме во кое време од годината се родил Исус.
Според евангелието на Матеј, поглавја 26 и 27, Исус бил погубен на 14 нисан, доцна во денот на еврејската Пасха, која започнала на 31 март 33 н.е. Од евангелието на Лука дознаваме дека Исус имал околу 30 години кога се крстил и кога започнал со службата (Лука 3:21-23). Таа служба траела три и пол години. Според тоа, Исус имал околу 33 и пол години кога умрел. Околу 1 октомври 33 н.е. ќе наполнел 34 години. Лука известува дека во времето на Исусовото раѓање, овчарите ‚живееле на отворено и ноќе чувале стража над своите стада‘ (Лука 2:8). Овчарите не би биле надвор со своите стада во ладниот декември, кога дури може да има и снег во околината на Витлеем. Но, можеле да бидат таму со своите стада околу 1 октомври кога, според доказите, се родил Исус.
Патем речено, што е со прославата на Нова година? Како што видовме, исполнета е со распуштено однесување. Покрај обидите овој празник да се направи световен или нерелигиозен, и неговите корени се сомнителни.
Очигледно, кога ќе се видат фактите во врска со празниците, тогаш слоганите како, на пример, ‚Празниците се во чест на Исус‘ звучат бесмислено. Ако си вознемирен поради комерцијализмот и загрижувачкото однесување што се поврзани со божиќните празници, како и недоличното паганско потекло, не се обесхрабрувај. Има еден исправен начин на кој можеме да покажеме длабока почит кон Бог и да му искажеме чест на Христос, а во исто време да ги зајакнеме семејните врски.
Подобар начин да им искажеме чест на Бог и Христос
Библијата ни кажува дека Исус Христос дошол „да ја даде својата душа како откупнина во замена за мнозина“ (Матеј 20:28). Тој дозволил да го убијат, умирајќи доброволно за нашите гревови. Некои можеби сакаат да му искажат чест на Христос, сметајќи дека тоа можат да го направат за време на божиќните празници. Но, како што видовме, Божиќ и Нова година баш и немаат некаква врска со Христос, а нивното потекло е од паганските прослави. Исто така, колку и да им се привлечни на некои, божиќните празници се карактеризираат со краен комерцијализам. Освен тоа, мора да се признае дека овие празници се поврзани со бесрамно однесување кое не им се допаѓа на Бог и на Христос.
Како треба да реагира некој што сака да му угоди на Бог? Еден искрен човек нема да се залажува себе си дека е побожен со тоа што ќе се држи за традициите кои се во спротивност на Библијата, туку ќе сака да го најде исправниот начин да им искаже чест на Бог и Христос. Кој е тој исправен начин и што треба да правиме?
Самиот Христос ни кажува: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Да, ако некој вистински е заинтересиран да им искаже чест на Бог и Христос, тогаш ќе сака да дознае како точно да го прави тоа. Потоа ќе го применува тоа, не само за време на одреден период од годината, туку секој ден. Бог е многу задоволен со таквите искрени напори, кои можат да водат до вечен живот.
Дали би сакал твоето семејство да биде меѓу оние што вистински им искажуваат чест на Бог и на Христос во склад со Библијата? Јеховините сведоци им помогнале на милиони семејства низ целиот свет подобро да се запознаат со важните информации од Библијата. Слободно побарај ги Јеховините сведоци во твоето место или пиши им на соодветната адреса што се наоѓа на 2. страница од ова списание.
[Фуснота]
a Пред Октомвриската револуција во 1917 година, Русија го користела стариот јулијански календар, но повеќето земји го користеле грегоријанскиот календар. Во 1917 година јулијанскиот календар бил 13 дена зад грегоријанскиот. По револуцијата, Советите го прифатиле грегоријанскиот календар, и оттогаш Русија користи ист календар како и останатиот дел од светот. Меѓутоа, Православната црква го задржала јулијанскиот календар за своите празници, означувајќи ги како календар со „стар стил“. Можеби ќе чуеш дека во Русија Божиќ се слави на 7 јануари. Но имај на ум дека 7 јануари според грегоријанскиот календар е 25 декември според јулијанскиот. Затоа, многу Руси ги организираат своите празници на следниов начин: 25 декември, западњачки Божиќ; 1 јануари, Нова година; 7 јануари, православен Божиќ; 14 јануари, Стара нова година.
[Рамка/слика на страница 7]
Потеклото на славењето на Нова година
Еден грузијски православен монах зборува отворено
„Празникот Нова година потекнува од неколку пагански празници од древниот Рим. Први јануари бил празник посветен на паганскиот бог Јанус, и името на месецот доаѓа од неговото име. Сликите од Јанус имаат две лица свртени на спротивните страни, кои означувале дека тој гледа на минатото и на сегашноста. Се велело дека секој што ќе го дочекал 1-ви јануари со забава, смеење и изобилство храна и пијалак, ќе ја поминел цела година во среќа и благосостојба. Многу наши сонародници ја прославуваат нова година со истото суеверие . . . За време на некои пагански празници, луѓето директно му принесувале жртви на некој идол. Некои биле познати по неморални оргии, прељуба и блуд. Во други прилики, на пример за време на празникот Јанус, се претерувало со јадење и пиење, пијанство и секакви други гадости. Ако се сетиме како ние во минатото сме ја прославувале Нова година, тогаш мораме да признаеме дека сите сме учествувале во оваа паганска прослава“ (Еден грузијски весник).
[Слика на страница 6]
Христијанството го присвојува обожавањето на Митра
[Извор на слика]
Museum Wiesbaden
[Слика на страница 7]
Овчарите не би биле надвор со своите стада во ладниот декември