Течност што значи живот
ВОДАТА е голема загатка. Таа е и едноставна и сложена. Секоја нејзина молекула се состои од само три атоми — два на водород и еден на кислород. Сепак, научниците сѐ уште не можат целосно да разберат како дејствуваат молекулите на водата. Меѓутоа, она што го знаеме е дека водата е неопходна за живот и дека 80 отсто од тежината на сите живи суштества е вода. Разгледај само пет својства на оваа неверојатна супстанција.
1. Водата може да задржи многу топлина без значително да се загрее, со што овозможува умерена клима.
2. При смрзнување, водата се шири, така што мразот плови и формира изолационен слој. Да се згуснуваше, водата во езерата, реките и морињата би го смрзнала целиот жив свет во нив — од дното до површината!
3. Водата е многу проѕирна течност, која им овозможува на организмите зависни од светлина да преживеат на големи длабочини.
4. Молекулите на водата создаваат на нејзината површина напон кој ја прави како оптегната мембрана. Благодарение на ова својство, инсектите можат да претрчаат преку некое поточе, се формираат водени капки и постои капиларност, т.е. способноста на водата да се искачува низ внатрешноста дури и на највисоките растенија.
5. Водата е најефикасниот познат растворувач. Таа се врзува со кислородот, јаглерод диоксидот, солите, минералите и со многу други животоважни материи.
Неопходна за регулирање на климата
Океаните прекриваат околу 70 отсто од Земјата, што значи дека тие играат главна улога во регулирањето на климата. Океаните и атмосферата се практично еден систем во кој постојано се врши размена на топлина, вода и гасови, и во кој настануваат ветар и бранови. Соработуваат и во пренесувањето на сончевата топлина од Тропскиот Појас кон половите, со што ги одржуваат умерени температурите на целата планета. Всушност, за да преживеат повеќето организми, температурите мора да се движат во одредени граници кои овозможуваат водата да остане во течна агрегатна состојба. „Се чини дека условите на Земјата се токму како што треба да бидат“, стои во книгата Ретка планета — зошто сложениот живот не е вообичаена појава во вселената.
Сето ова потврдува дека постоењето на Земјата е последица, а не причина. Но, дали причината била случајноста или еден мудар Творец кој многу нѐ сака? Библијата го потврдува второто (Дела 14:15-17). Во следната статија ќе бидат разгледани и други докази кои го поддржуваат ова библиско гледиште — чудесните циклуси кои ја одржуваат нашата планета чиста и функционална.
[Рамка на страница 7]
БИБЛИЈАТА Е НАУЧНО ТОЧНА
Земјата лебди во просторот. „Тој го оптегнува северот над празнината, ја држи земјата обесена на ништо“ (Јов 26:7, изјава дадена околу 1613 год. пр.н.е.)
Земјата е како топка. „Тој престојува над кругот на земјата“ (Исаија 40:22, запишано околу 732 год. пр.н.е.)
Водата постојано кружи. „Сите реки течат во морето... Реките одново се враќаат на своите врутоци и одново го започнуваат својот тек“ (Проповедник 1:7, запишано пред 1000 год. пр.н.е.)
Во вселената владеат закони. „Ги поставив небесните и земните одредби [т.е. закони]“ (Еремија 33:25, запишано пред 580 год. пр.н.е.)
[Извори на слики на страница 7]
Магнетосфера: NASA/Steele Hill; аврора: Collection of Dr. Herbert Kroehl, NGDC; гребен: Stockbyte/Getty Images