Како се припитомуваат слонови
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИНДИЈА
ДОДЕКА готви покрај реката Нармада, еден махут (назив за лице што припитомува слонови) си го остава детето помеѓу сурлата и предните нозе на својот слон, кој се одмора. Детето неколкупати се обидува да се извлече, но „легнатиот слон нежно ја завиткува сурлата околу него и го враќа онаму каде што го остави татко му“, стои во книгата Проект: слонови (Project Elephant). „Таткото продолжува да готви и изгледа како да има потполна доверба дека детето е на сигурно“.
Луѓето ги користеле слоновите за работа уште од 2.000 год. пр.н.е. Во старо време, слоновите биле дресирани главно за воени цели. Во денешна Индија, се припитомуваат за да работат. Се користат при сеча на шумите, за време на верските празници и свадбите, за реклама, во циркусите, па дури и за просење. Но, како се припитомуваат и како се дресираат овие животни?
Припитомување
Во Индија има многу центри кои обезбедуваат грижа за малите слончиња што биле заробени, напуштени или повредени во дивината. Еден таков центар има во селото Кони, во државата Керала, каде што слончињата се учат да вршат некоја работа. Махутот мора најпрво да ја стекне довербата на слончето. Важен начин на кој може да го постигне тоа е така што ќе го храни. Бидејќи му го препознава гласот, кога махутот ќе го викне да јаде, слончето веднаш трча знаејќи дека ќе добие млеко и каша од просо. Слончињата не се дресираат пред да наполнат отприлика 13 години, а се користат за работа по 25-тата година. Според законите во Керала, слоновите постари од 65 години не смеат да работат.
Еден махут мора да биде добро обучен за да ги јава безбедно овие животни. Според Здружението за слонови од Тричур (Керала), на еден нов махут му требаат најмалку три месеци интензивна обука. Во текот на оваа обука, тој не учи само да дава наредби, туку и се запознава со сите аспекти од животот на еден слон.
Возрасните слонови се дресираат побавно. Стоејќи надвор од заградениот простор каде што се чува слонот, тренерот најпрво го учи животното да реагира на усни наредби. Еден махут во Керала користи 20-ина наредби и сигнали кога го користи слонот да врши некоја работа. Наредбите ги изговара јасно и гласно, и притоа го подбуцнува слонот со стап покажувајќи му што да прави. Ако е послушен, слонот добива и награда — неговата омилена храна. Кога тренерот е сигурен дека животното е пријателски настроено кон него, влегува во оградениот простор и го гали. Ова ја зајакнува нивната меѓусебна доверба. Со текот на времето, слонот може да биде пуштен и надвор, но, се разбира, потребна е претпазливост бидејќи сѐ уште не е потполно припитомен. Сѐ додека не се припитоми, слонот се води на капење или на друго место само во придружба на други два слона за кои е врзан и кои се користат при дресурата.
Откако слонот ќе ги научи усните команди, махутот му се качува врз грбот и го учи да реагира на физички команди подбуцнувајќи го со петите или со палците на нозете. За да го натера да тргне, махутот го притиска слонот зад ушите со палците од нозете, а ако треба да се враќа назад, со петите му ги притиска плеќите. За да не дојде до забуна, усните команди ги дава само еден махут. За 3-4 години, слонот може да ги научи сите команди, а ги памти до крајот на животот. Иако во споредба со телото има мал мозок, слонот е многу интелигентно животно.
Нега
На слонот му е потребна нега за да биде здрав и расположен. Многу е важно секој ден да се бања. Додека го бања, махутот користи камења и фино исечени лушпи од кокосови ореви за да му ја истрие дебелата, но нежна и осетлива кожа.
Потоа е време за појадок. Махутот му прави густа каша од пченица, просо и еден вид крма, а како главно јадење „му сервира“ бамбус, палмини лисја и трева. Слонот посебно ужива ако во храната му се додадат морков и шеќерна трска. Овие животни го минуваат поголемиот дел од времето во јадење. Имаат дневна потреба од 140 килограми храна и 150 литри вода! За да задржи добри односи со својот дебелокожен пријател, махутот мора да му го задоволи апетитот.
Кога некој ги малтретира
Нежните индиски слонови си имаат своја граница. Тие можат да се свртат против махутите кога тие ги караат или ги казнуваат. Индискиот весник Sunday Herald коментира за еден слон кој „подивел... бидејќи махутот се однесувал лошо со него. Слонот станал агресивен откако неговиот сопственик го тепал, па затоа морал да биде успиен“. Во април 2007 год., India Today International го извести следново: „Само во изминативе два месеца, повеќе од 10 слонови збеснаа за време на празничните свечености. Од јануари минатата година па до сега, разбеснетите слонови убија 48 махути“. Ова честопати се случува за време на периодот познат како муст — годишен физиолошки феномен поврзан со сезоната на парење, кога се покачува нивото на тестостерон кај здравите возрасни мажјаци, поради што стануваат агресивни кон другите слонови и кон луѓето. Овој период трае од 15 дена до три месеци.
Друга ситуација што ги гневи слоновите е кога ќе добијат нов газда. Тогаш може да се види колку се приврзани кон претходниот махут. За да му помогне да се приспособи на новите околности, претходниот сопственик обично го придружува до неговиот нов дом и му помага на новиот махут да се запознае со слонот. Уште поголем проблем е ако стариот махут умре и мора да го замени нов. Сепак, со текот на времето слонот почнува да ја прифаќа и да се привикнува на новата ситуација.
Иако некои луѓе можеби се плашат од ова силно копнено животно, еден добро издресиран слон обично му е послушен на својот љубезен господар. Ако тој постапува на добар начин со слонот, нема потреба да го врзува со синџири кога привремено е отсутен. Сѐ што треба да стори е едниот крај од стапот да го стави на стапалото на слонот, а другиот крај на земјата и да му каже да не оди никаде. Слонот послушно стои мирен, а стапот останува таму каде што бил ставен. Како што покажува и примерот во почетокот, соработката помеѓу слонот и неговиот махут може да нѐ изненади и да нѐ трогне. Добриот махут навистина може да има доверба во својот слон.
[Рамка/слика на страница 18]
ДОЛГОТО ПРИЈАТЕЛСТВО ПОМЕЃУ СЛОНОТ И ЧОВЕКОТ
Човекот од памтивек припитомувал слонови. Можеби најпознат пример од историјата е генералот од Картагина, Ханибал. Во третиот век пр.н.е., северноафриканскиот град Картагина завојувал со Рим. Оваа низа битки, познати како Пунски војни, се воделе цел век. Ханибал собрал војници во градот Картагена во Шпанија со намера да го нападне Рим. На територијата на денешна Франција влегол преку Пиринеите, а потоа, како што стои во списанието Archaeology, започнал „еден од најхрабрите воени походи во историјата“. Неговата војска од 25.000 војници, заедно со 37 африкански слонови и мноштво товарни животни натрупани со резерви, ги преминала Алпите и влегла во Италија. Таму биле изложени на студ, снежни бури, одрони од камења и непријателски настроени планински племиња. Ваквото патување било крајно напорно за слоновите. Ниеден од нив не ја преживеал првата година на Ханибал во Италија.
[Извор на слика]
© Look and Learn Magazine Ltd/The Bridgeman Art Library
[Слика на страница 17]
Махутот му ја трие дебелата, но нежна и осетлива кожа на својот слон
[Извор на слика]
© Vidler/mauritius images/age fotostock
[Извор на слика на страница 16]
© PhotosIndia/age fotostock