ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 6/09 стр. 10-11
  • Колку се опасни сончевите зраци?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Колку се опасни сончевите зраци?
  • Разбудете се! 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Оштетување на очите
  • Оштетување на кожата
  • Ослабување на имунитетот
  • Биди задоволен со својата боја на кожата
    Разбудете се! 2010
  • Необични и застрашувачки случки под озонската дупка
    Разбудете се! 1994
  • Земјините штитови
    Разбудете се! 2009
  • Експериментален физичар зборува за својата вера
    Разбудете се! 2014
Повеќе
Разбудете се! 2009
g 6/09 стр. 10-11

Колку се опасни сончевите зраци?

„Бидејќи озонскиот слој станува сѐ потенок, а луѓето сѐ повеќе сакаат да бидат на сонце, опасноста од појава на здравствени компликации поради претерана изложеност на ултравиолетово зрачење станува сериозен проблем за здравството“ (Д-Р ЛИ ЏОН-УК, ПОРАНЕШЕН ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА СВЕТСКАТА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА)

МАРТИН, кој живее во Северна Европа и има светла кожа, заспал во сенката на чадорот на една плажа во Италија. Кога се разбудил, видел дека сенката се поместила и дека нозете не му се повеќе бели, туку црвени како жар. Тој вели: „Морав под итно да одам во болница. Нозете ми беа вкочанети и надуени како балони. Наредните 2-3 дена имав ужасни болки. Не можев ни да стојам ни да ги свиткам колената. Кожата ми беше толку растегната што мислев дека ќе пукне“.

Многу луѓе мислат дека сонцето е опасно само за лицата со светла кожа. Меѓутоа, и кај луѓето со темен тен, макар што потешко добиваат изгореници, може да се појави рак на кожата, кој честопати се препознава предоцна. Други опасности поврзани со претераната изложеност на сонце се оштетувањето на очите и на имунолошкиот систем — проблеми кои може да се забележат со години откако биле предизвикани.

Се разбира, нивото на ултравиолетово зрачење е обично поголемо во близина на екваторот. Тоа значи дека оние што живеат или патуваат во тропскиот или во суптропскиот појас треба да бидат особено претпазливи. Една причина за тоа е што, според извештаите, заштитната озонска обвивка во атмосферата станала потенка во последниве неколку години. Да разгледаме некои потенцијални опасности од претераната изложеност на сонце.

Оштетување на очите

Најчеста причина за слепило кај луѓето е очното перде (катаракта). Доказ за тоа е и фактот што 15 милиони луѓе во светот се слепи поради некаков вид катаракта. Оваа болест настанува кога во очната леќа ќе дојде до измена во хемиската структура на белковините и ќе се наталожат пигменти, со што таа се замаглува. Катарактата е еден од долготрајните последици од изложеноста на ултравиолетово зрачење. Се проценува дека дури 20 отсто од сите видови катаракти се предизвикани или влошени поради зачестена изложеност на сонце.

За жал, во близина на екваторот се наоѓаат многу земји во развој во кои поголемиот дел од населението е сиромашно. Затоа, милиони сиромашни луѓе од Азија, Африка и од Јужна и Средна Америка се слепи бидејќи не можат да си дозволат операција за отстранување на очното перде.

Оштетување на кожата

Една третина од сите луѓе со некаков вид рак имаат рак на кожата. Секоја година се откриваат околу 130.000 нови случаи на меланом, најопасниот облик на рак на кожата, и 2-3 милиони нови случаи на други видови рак на кожата, како што се базалиомот и карциномот на плочестите клетки. Се проценува дека секоја година од рак на кожата умираат околу 66.000 лица.a

На кој начин сончевите зраци ја оштетуваат кожата? Највообичаен и најдобро познат акутен ефект од претераната изложеност на сонце се кожните изгореници. Тие можат да траат со денови и да бидат проследени со појава на пликови и лупење на кожата.

Изгореници настануваат кога ултравиолетовото зрачење ќе ги уништи повеќето клетки од надворешниот слој на кожата и ќе ги оштети подлабоките слоеви. Секоја промена во бојата на кожата до која доаѓа поради изложеност на сонце покажува дека настанало некакво оштетување. Можна е и појава на рак доколку притоа биле оштетени и молекулите на ДНК во гените, кои ги контролираат растот и делбата на клетките на кожата. Сончевата светлина ја менува и структурата на кожата и ја ослабува нејзината еластичност, па затоа таа може прерано да се збрчка, да висне или да стане пречувствителна.

Ослабување на имунитетот

Истражувањата покажуваат дека силното ултравиолетово зрачење влијае негативно на одредени делови од имунолошкиот систем. Ова може да ја намали отпорноста на телото спрема некои болести. Познато е дека дури и умерената изложеност на сонце може да го зголеми ризикот од бактериска, габична, паразитска или вирусна инфекција. Кај многумина, сонцето предизвикува постојана појава на херпес. Еден извештај на Светската здравствена организација (СЗО) објаснува дека ултравиолетовите Б-зраци „изгледа го ослабуваат имунитетот. Вирусот на херпес симплекс лесно се реактивира кога имунитетот ќе падне“.

Според тоа, кога станува збор за ракот, сончевата светлина причинува штета на два начина. Како прво, директно ја оштетува структурата на ДНК и, како второ, ја ослабува способноста на имунолошкиот систем да се справи со ова оштетување.

Затоа би било мудро да преземаме заштитни мерки и да не се изложуваме претерано на сонце. Тоа може да ни го загрози здравјето, па дури и животот.

[Фуснота]

a Повеќе информации за ракот на кожата можеш да најдеш во српското издание на Разбудете се! од 8 јуни 2005, страници 3-10.

[Рамка на страница 11]

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИШ

◼ Избегнувај да се изложуваш на сонце во периодот помеѓу 10 и 16 часот, кога ултравиолетовото зрачење е најсилно

◼ Обиди се да останеш под сенка

◼ Покривај ги рацете и нозете со широка облека од густо ткаен материјал

◼ Носи шапка со широк раб за да ги заштитиш очите, ушите, лицето и задниот дел од вратот

◼ Квалитетните очила за сонце кои покриваат поголем дел околу очите и нудат 99 или 100-процентна заштита од ултравиолетовите А- и Б-зраци можат многу да ја намалат опасноста од оштетување на очите

◼ Користи крем за сончање со широк спектар на дејствување и заштитен фактор 15 или повеќе. Обилно нанесувај го на секои два часа

◼ Бидејќи кварцните ламби и солариумите користат ултравиолетови зраци кои можат да ја оштетат кожата, СЗО препорачува да се избегнуваат

◼ Заштити ги бебињата и малите деца, кои имаат особено нежна кожа

◼ Никогаш не заспивај на сонце

◼ Ако ти се појави бемка или пега која те загрижува, појди на лекар

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели