Необични и застрашувачки случки под озонската дупка
СТО дваесет и петте илјади жители на Пунта Аренас, најјужниот град во Чиле, долго се шегувале на своја сметка за тоа дека живеат на „крајот од светот“. Но, ненадејната поплава од чудни и застрашувачки појави во минатата година, шегата ја прави малку пререална. Некои научници полека доаѓаат до заклучок дека овде би можело да се случува „нешто ново под сонцето“. Еден извештај во The Wall Street Journal, од 12. јануари 1993, дава некои детали.
Феликс Заморано, член на Групата за атмосферски истражувања при локалниот универзитет Магалјанес, известува: „Во октомври ги забележавме најниските вредности на озонот што досега се измерени. Озонскиот слој три дена беше скоро половина од нормалната дебелина и падна пониско од утврдените ризични граници“. Според Journal-от, како последици од зголеменото ултравиолетово зрачење низ дупката во озонскиот слој „се вбројуваат, рак на кожата и очната мрена, плус опасност за фитопланктонот, кој е почетна алка во веригата на исхрана во морето“.
Минатата година, „половина од 1.200-те говеда на Радован Виличиќ беа толку заслепени од конјунктивитис што се судираа како колички на струја во луна-парк, а пет од нив умреа од глад бидејќи не можеа да си ја најдат храната“.
Во Journal-овиот извештај понатаму се вели: „Хосе Бахамонде раскажува слична случка. Од неговиот ранч, кој е на 125 километри одовде, се пружа прекрасна глетка на Магелановиот мореуз, но многу од неговите овци не можат да го видат, ниту пак можат да видат било што друго. Минатата година, околу 10% од нив биле лекувани од очни инфекции, а 200 овци од стадото ослепеле“.
Дерматологот Хаиме Абарка тврди дека „она што се случува овде е нешто сосем ново во светот. Тоа е толку необично како што би било и приземјување на Марсовци“. Кај него доаѓаат сѐ повеќе и повеќе пациенти со кожни проблеми, се намножиле случаите на изгоретини од сонцето, а обемот на појавата на многу опасниот малиген тумор — меланом, во новите случаи на рак на кожата, е за пет пати поголем од обично. Тој лично е уверен дека постои поврзаност со зголеменото ултравиолетово зрачење.
Жителите на Пунта Аренас овој проблем го сфаќаат сериозно. Една аптека продала 40 отсто повеќе средства за заштита од сонце отколку претходната година. Постои телефонска служба која дава информации за нивото на ултравиолетови зрачења. Информациите, ги пренесуваат и три радиостаници. Школите ги советуваат учениците да носат шешир и очила за сонце и да употребуваат средства за заштита од сонце. Во една продавница, продажбата на очила за сонце се зголемила за 30 отсто. А „еден локален фармер се обидува да дизајнира очила за сонце за овци“.
Гувернерот Скарпа вели: „Не ги порекнувам фактите. . . . Што да се прави? Не можеме да ставиме стреа над целиот крај“.