Што вели Библијата
Дали лошите луѓе ќе горат во пекол?
ГЕРТРУД, која е проповедник во една пентакостална црква, е цврсто убедена дека постои пекол. Самата помисла дека не постои такво место го повредува нејзиното чувство за правда. Според неа, тоа би значело дека ќе нема ни казна за ужасните злосторства што се вршат. Затоа таа останува цврсто убедена во своите верувања и вели: „Да не постоеше пекол во кој ќе горат злобните, немаше да верувам во Бог“.
Дали лошите луѓе навистина ќе горат во пекол, како што се верува во многу религии? Ако не, како ќе бидат казнети?
Првата казна од Бог
Според Библијата, Бог ги создал првите маж и жена совршени (1. Мојсеева 1:27; 5. Мојсеева 32:4). Ги сместил во рајска градина и им дал можност да живеат засекогаш. Меѓутоа, Адам и Ева добиле и една забрана. Бог ги предупредил со следниве зборови: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17).
За жал, нашите први родители не го положиле овој едноставен испит на лојалност и послушност. Творецот немал друг избор освен да ги осуди на смрт. „Во потта на своето лице ќе го јадеш својот леб додека не се вратиш во земјата, бидејќи од неа си земен. Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19).
Да требало Адам и Ева да горат во пекол, немало ли Бог да ги предупреди дека ќе добијат таква казна? Но, тој не спомнал никакво страдање по смртта. Всушност, тие и не можеле да страдаат бидејќи немале бесмртни души кои би продолжиле да живеат по смртта. Библијата јасно го потврдува ова кога вели: „Онаа душа што греши, таа и ќе умре“ (Езекиел 18:4).a
Нашиот Творец, кој е Извор на животот, знае сѐ за животот и смртта. Преку својата Реч, тој ни кажува дека „мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Тоа значи дека не било можно Адам и Ева да страдаат во огнен пекол по нивната смрт. Тие само се вратиле во прав и престанале да постојат, односно ‚не биле свесни за ништо‘.
Можно ли е ние да страдаме по смртта?
Во Римјаните 5:12, Библијата вели: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе“. Тогаш, дали е разумно да веруваме дека луѓето се мачат во пекол поради своите гревови ако Адам, кој е причина зошто сите ние умираме, при својата смрт се вратил во прав? (1. Коринќаните 15:22).
Сите ние сме под законот што важел и за Адам, имено: „Платата за гревот е смрт“, а „оној што умрел, ослободен е од својот грев“ (Римјаните 6:7, 23). Ако смртта ги снаоѓа и добрите и лошите, а потоа никој не е казнет за своите гревови, каде е тогаш Божјата правда?
Божјата правда
Божјата намера со послушните луѓе останала иста уште од времето кога ги создал првите маж и жена и им рекол да имаат деца и да се грижат за Земјата (1. Мојсеева 1:28). Тој јасно го потврдил тоа и подоцна, кога рекол: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
Забележи дека праведниците ќе живеат токму овде, на Земјата. Ќе бидат потполно здрави и среќни. Бог навистина ќе ја „изврши“ својата првобитна намера да се исполни Земјата со праведни луѓе. Ова ќе се случи кога Бог ќе го замени сегашниов поредок со еден нов свет (Исаија 55:11; Даниел 2:44; Откровение 21:4).
Милијарди луѓе што умреле без да дознаат што бара Бог од нив ќе бидат воскреснати и поучени како да живеат во новиот свет (Исаија 11:9; Јован 5:28, 29). А сите што нема да ги почитуваат Божјите закони ќе бидат казнети со ‚втора смрт‘, односно со смрт од која нема воскресение (Откровение 21:8; Еремија 51:57).
Јасно е дека Јехова, Богот на љубовта, не би ги мачел луѓето во пекол (1. Јованово 4:8). Сепак, тоа не значи дека тој вечно ќе го трпи злото. Псалм 145:20 нѐ уверува дека „Јехова ги чува сите што го сакаат, а сите зли ќе ги истреби“. Зарем тоа не е доказ дека тој е праведен Бог кој многу нѐ сака?
[Фуснота]
a Во Библијата, зборот „душа“ укажува на целата личност, а не на нешто одвоено од телото. Во 1. Мојсеева 2:7 стои: „Јехова Бог го направи човекот од земниот прав и му дувна во носниците здив на животот, и човекот стана жива душа“. На Адам не му била дадена душа како дополнување на неговото тело, туку самиот тој бил жива душа.
ШТО МИСЛИШ?
◼ Дали имаш бесмртна душа? (Езекиел 18:4)
◼ Што се случува со мртвите? (Проповедник 9:5)
◼ Како Бог ќе ги казни злобните? (Псалм 145:20)
[Истакната мисла на страница 11]
„Мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5)
[Извор на слика на страница 10]
Фотографија: www.comstock.com