Верна на Бог повеќе од 70 години
Раскажала Џозефин Елијас
„Не грижи се“, ми дошепна мојот сопруг низ затворските решетки. „Сеедно дали ќе ме убијат или ќе ме ослободат, јас ќе му останам верен на Јехова.“ И јас бев решена да останам верна, став што го имам до ден-денес.
РОДЕНА СУМ во 1916 год. во Сукабуми, гратче во планинскиот предел на западниот дел од Јава (Индонезија). Моите родители беа богати Кинези и живееја во огромна куќа со слуги. Имав пет браќа — тројца постари и двајца помлади. А бидејќи бев единственото женско дете, станав голема машкуданка — се качував по покриви и уживав во спортот. Но, едно ме мачеше.
Се плашев дека ќе горам во пеколот. Учителките велеа дека немирните девојчиња ќе одат во пеколот, а бидејќи бев доста немирна, си мислев дека и јас ќе завршам таму. Додека учев во средно училиште во Џакарта (поранешна Батавија), се разболев. Лекарот мислеше дека ќе умрам, па газдарицата кај која живеев како потстанар, сакајќи да ме утеши, ми рече дека наскоро ќе отидам на небото. Но, јас имав страв дека ќе одам во пеколот.
Мајка ми и мојот постар брат Додо веднаш дојдоа по мене во Џакарта. На пат за дома, Додо ме праша: „Си знаела ли дека Библијата не учи за пекол?“
„Од каде знаеш?“ — го прашав. Мајка ми прочита неколку стихови од Библијата во кои пишуваше дека мртвите не се свесни за ништо и дека ќе воскреснат (Проповедник 9:5, 10; Јован 5:28, 29). „Овие работи ги научивме од Јеховините сведоци“, ми објаснија тие. Потоа ми дадоа една брошурка со наслов Каде се мртвите?, која почнав веднаш да ја читам.a Уште пред да стигнеме дома, бев сигурна дека тоа е вистината.
Сакав да зборувам за своите верувања
Во меѓувреме, моето семејство се пресели во Бандунг, голем град на западниот дел од Јава, каде што постепено оздравев. Во март 1937 год., нѐ посети Клем Дешомп, Сведок од Австралија кој служеше во Џакарта. За време на неговата посета, јас, мајка ми и моите постари браќа, Феликс, Додо и Пенг, се крстивме за да покажеме дека му се заветувавме на Бог. Подоцна, и моите помали браќа, Хартанто и Јусак, како и татко ми станаа Сведоци.b
Откако се крстивме, му се придруживме на Клем во една проповедничка кампања која траеше девет дена. Тој ни покажа како да користиме картичка за сведочење што содржеше едноставна библиска порака на три јазици. Им сведочевме и на роднините и на пријателите. За кратко време, нашата мала група во Бандунг стана второто собрание во Индонезија.
Нешто подоцна истата година, нашето семејство се пресели во Џакарта бидејќи сакавме да му проповедаме на тамошното кинеско население кое броеше 80.000 жители. Мајка ми, Феликс и јас почнавме да служиме полновремено како пионери. Јас проповедав и во Бандунг, Сурабаја и во други места, претежно сама. Бев млада, силна и среќна што можам да му служам на Бог. Меѓутоа, стануваше сѐ поизвесно дека ќе дојде до војна — време кога мојата вера беше испитана.
Проблеми за време на војната
Во декември 1941 год., Азија беше зафатена од виорот на Втората светска војна. Јапонската војска ја држеше Индонезија под строга контрола. Нашата библиска литература беше забранета и не можевме јавно да проповедаме. Кога одев кај заинтересираните дома, со себе носев и табла за шах за другите да мислат дека одам да играм шах.
Во 1943 год., се омажив со Андре, бестрашен пионер со продорен глас кој веднаш привлекуваше внимание. Заедно со него тајно ги снабдувавме Сведоците низ цела Јава со библиска литература. Ако нѐ фатеа, можеа да нѐ мачат до смрт. Имаше многу ситуации во кои за влакно спасивме жива глава.
Еднаш се качивме во воз во Сукабуми, каде што требаше да нѐ претресат припадници на ке́мпејтаи, јапонската воена полиција. На дното од чантата имав забранета литература. „Што имате во чантата?“ — нѐ праша полицаецот.
„Облека“, одговори Андре.
„А под облеката?“ — праша тој.
„Исто, облека“, рече Андре.
„А на дното на чантата?“ — праша полицаецот. Ми застана здивот. Почнав да му се молам на Јехова во себе. „Најдобро проверете сами“, одговори Андре.
Помошникот на полицаецот бркна длабоко во чантата. Одеднаш викна од болка и брзо ја извлече раката бидејќи се боцна на игла. Засрамениот полицаец веднаш ни нареди да ја затвориме чантата и да се качиме во возот.
На друго патување за Сукабуми, ке́мпејтаи ме препознаа дека сум Сведок и ме повикаа во полициска станица, а истото се случи и со Андре и со брат ми Феликс. Андре беше испрашуван прв. Му поставуваа многу тешки прашања едноподруго. „Кои се Јеховините сведоци? Дали си против јапонската влада? Дали си шпион?“
„Ние сме слуги на Семоќниот Бог и не сме направиле ништо лошо“, одговори Андре. Командантот грабна еден самурајски меч од ѕидот и го крена во воздух.
„Сега ќе те убијам“, луто рече тој. Андре ја потпре главата на масата, а во себе се молеше. По една долга пауза, полицајците почнаа гласно да се смеат. „Храбар си бил!“ — рече командантот. Потоа го пушти Андре и нѐ повика мене и Феликс. Откако виде дека изјавите ни се поклопуваа, се развика: „Не сте шпиони. Да ве нема одовде!“
Сите тројца си отидовме дома и радосно го фалевме Јехова. Не бевме ни свесни дека за кратко време нѐ чекаа уште потешки искушенија.
Нови искушенија
Неколку месеци подоцна, „лажни браќа“ го поткажале Андре, и ке́мпејтаи го затвори (2. Коринќаните 11:26). Кога го посетив, видов дека беше слаб и исцрпен. Успеал да преживее од остатоците храна што ги собирал од одводниот канал што минувал низ ќелијата. Чуварите не успеаја да го скршат. Како што спомнав на почетокот, тој ми дошепна низ затворските решетки: „Не грижи се. Сеедно дали ќе ме убијат или ќе ме ослободат, јас ќе му останам верен на Јехова. Оттука можат да ме изнесат само како леш, но не и како предавник“.
Откако одлежа шест месеци во затвор, Андре беше изведен пред Врховниот суд на Џакарта. Нашето семејство и пријателите се собраа во судницата, каде што владееше напната атмосфера.
„Зошто одбивате да служите во јапонската армија?“ — сакаше да знае судијата.
„Јас сум војник на Божјето Царство“, одговори Андре, „а еден војник не може да служи во две војски истовремено.“
„Дали би ги терале и другите да не служат војска?“ — праша судијата.
„Не“, рече Андре, „тоа си е нивна одлука.“
Додека го бранеше својот став, Андре користеше многу библиски стихови. Судијата, инаку ревносен муслиман, беше одушевен. „Нашите верувања можеби се различни, но никого не би присилил да ја погази својата совест“, рече тој. „Слободен сте.“
На присутните во судницата им олесни, а јас бев пресреќна. Андре дојде кај мене и ме фати за рака. Семејството и пријателите се насобраа околу нас за да ја изразат својата радост.
Проповедавме вистинска слобода
По Втората светска војна, против холандската колонијална власт во Индонезија се крена револуција, која траеше четири години. Загинаа илјадници лица, а цели села беа раселени. Патриотите се обидоа да нѐ присилат да го извикуваме нивниот борбен повик мерде́ка, што значи „слобода“. Но, ние им кажавме дека не застануваме на ничија страна во политиката.
И покрај таквото насилство, продолживме да проповедаме од куќа до куќа. Ја користевме литературата што ни остана од пред војната, како и нашите стари картички за сведочење. Во мај 1948 год., откако стивна насилството, јас и Андре продолживме да служиме како пионери и бевме единствени пионери во цела Индонезија. По три години, со задоволство им изразивме добредојде на 14 Сведоци кои дипломираа на мисионерската школа Гилеад, која се одржа во државата Њујорк (САД), и беа испратени да служат во Џакарта. Обуката што ја добивме од нив нѐ подготви за уште поголеми одговорности.
Во јуни 1952 год., јас и Андре бевме поканети да служиме како специјални пионери во Семаранг, кој се наоѓа во централниот дел на Јава. Следната година, и самите можевме да бидеме дел од 22. клас на Гилеад. По дипломирањето, се вративме во Индонезија и бевме доделени да служиме во Купанг (Тимор). Служевме и во Јужен Сулавеси и во Северен Сулавеси, каде што повторно беше испитана нашата вера.
Повторно под забрана
Во еден обид за државен удар во 1965 год., загинаа стотици илјади лица. Во конфликтот се вплеткаа и некои свештеници на христијанскиот свет кои тврдеа дека Јеховините сводоци се комунисти. За среќа, властите не им поверуваа. Но, свештенството продолжи да шири слични клевети. И така, на 25 декември 1976 год., Јеховините сведоци беа забранети.
Кратко време откако беше објавена забраната, окружниот јавен обвинител во Манадо го повика Андре во својата канцеларија. „Дали сте свесен дека Јеховините сведоци се забранети?“ — прашал тој.
„Да“, одговорил Андре.
„Спремен ли сте сега да ја смените Вашата религија?“ — повторно го прашал.
Андре се наведнал нанапред и на еден драматичен начин се удрил в гради. „Можете да ми го откорнете срцето, но никогаш нема да ме натерате да си ја сменам религијата“, грмнал тој со својот глас.
Изненаден, јавниот обвинител го прашал: „Што треба да напишам во својот извештај?“
„Напишете дека сѐ уште сум Јеховин сведок и дека не сум сторил ништо лошо“, рекол Андре.
„Ќе морам да ви ја запленам литературата“, рекол јавниот обвинител.
Истата ноќ, младите Сведоци ја однесоа литературата од нашата куќа, и сѐ што остана беа празните картонски кутии. Продолживме да проповедаме со Библии. Окружниот јавен обвинител никогаш повеќе не нѐ вознемируваше.
Прекрасен живот!
Потоа, заедно со Андре служевме како пионери во Сурабаја, на островот Јава и на Банка — остров близу до југоисточниот брег на Суматра. Меѓутоа, во 1982 год., слабото здравје нѐ присили да се вратиме во Џакарта. Овде, во 2000 год., Андре почина на возраст од 85 год. Тој остана ревносен пионер сѐ до крајот на својот живот. Една година по неговата смрт, забраната беше укината.
Многу сум задоволна од мојот живот! На возраст од 93 години, зад себе имам повеќе од 70 години пионерска служба. Во 1937 год., кога се крстив, во цела Индонезија имаше само 25 Јеховини сведоци, а сега има речиси 22.000. Колку сум среќна што и јас малку придонесов за тој пораст! Но, ова е само почеток. Мојата желба е верно да му служам на Бог засекогаш.
[Фусноти]
a Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.
b Сите членови на ова семејство му останаа верни на Јехова. Џозефин и Јусак, единствените кои сѐ уште се живи, и понатаму ревносно му служат на Јехова во Џакарта.
[Истакната мисла на страница 13]
„Јас сум војник на Божјето Царство, а еден војник не може да служи во две војски истовремено“
[Истакната мисла на страница 14]
„Можете да ми го откорнете срцето, но никогаш нема да ме натерате да си ја сменам религијата“
[Карта на страница 15]
(Види во публикацијата)
Места на кои живеевме и проповедавме
ИНДОНЕЗИЈА
Сулавеси
Манадо
Суматра
Банка
Јава
ЏАКАРТА
Сукабуми
Бандунг
Семаранг
Сурабаја
Тимор
Купанг
[Слика на страница 15]
Заедно со Андре, во 1970-тите
[Слики на страница 15]
Кога имав 15 години, брошурката „Каде се мртвите?“ ми помогна да ја дознаам библиската вистина