Нивната потрага по вистинската религија
УШТЕ од своето детство некои луѓе барале задоволувачки одговори на прашањата кои ги поставувале во врска со животот. Кога биле млади, можеби учествувале во богослужба. Но, многумина од нив откриле дека, ниту одговорите што ги добиле на поставените прашања, ниту црковните обреди, не им помогнале вистински да се борат со животните проблеми.
Тие можеби велат дека сѐ уште ѝ припаѓаат на религијата на своите родители иако ретко одат на богослужба. Според еден бискуп на Англиканската црква, верата што ја имаат незначително влијае врз животот на таквите луѓе. За нив религијата е во позадина. Други, пак, згадени од лицемерството кое го гледаат во религиозните кругови, ја отфрлиле религијата во целина. Сепак, прашањата во врска со животот остануваат и понатаму.
Зошто некои имаат сериозни сомнежи
Повеќето луѓе знаат дека многу цркви имаат свои организации за помош на бездомните, за делење на храна на сиромашните и за спонзорирање на културните настани. Но речиси секојдневно слушаат извештаи за насилство и крвопролевање кое има корен во религијата, но не само кај нехристијаните туку и меѓу оние кои се изјаснуваат како христијани. Треба ли да сме изненадени кога овие луѓе се сомневаат во групите кои се вклучени во такво насилство дека ја практикуваат вистинската религија?
Многу луѓе кои биле религиозно воспитани обично сметале дека домовите за сирачиња потпомогнати од црквите е хумана работа. Но, во изминативе години, се запрепастени кога слушаат како свештеници од едно место во друго се обвинувани за сексуална злоупотреба на децата кои им биле доверени. Отпрвин луѓето сметале дека за тоа се виновни само некои свештеници. Но сега некои се прашуваат дали во основа нешто не е во ред со самата црква.
Неколкумина, како Евгенија од Аргентина, некогаш имале голем удел во својата религија. Како девојка одела на аџилак обожавајќи ја Дева од Итати, а четиринаесет години била калуѓерка во еден манастир. Го напуштила затоа што се приклучила на една меѓународна религиозно-политичка група која се борела за директна и радикална промена на социјалните и економските структури на општеството со посредство на револуција. Како последица на она што го видела и доживеала таму, ја загубила верата и довербата во Бог. Не трагала искрено по религија на која ќе можела да ѝ верува. Она што го барала било начинот на кој ќе им се донесе правда на сиромашните — а и пријател на кого би можела да му верува.
Други, пак, забележувајќи што се случува во црквите, се држат настрана од нив. Еден атеист чии гледишта биле објавени во списанието Sputnik во 1991, отворено рекол: „Не гледам никаква суштествена разлика во обележјата на паганската и христијанската митологија“. Како пример раскажал за процесијата во која свештениците облечени во одежди опшиени со злато, низ улиците на Москва полека го носеле саркофагот со мумифицираното тело на „еден православен христијански светец“, пренесувајќи го од музејот во црквата. Писателот се потсетил на свештениците и мумиите во древниот Египет, како и на тоа дека, додека оние кои учествувале во процесијата во Москва верувале во „христијанско Тројство“, Египтјаните исто така обожавале тријада на богови — Озирис, Изида и Хор.
Истиот тој писател се осврнал на христијанскиот концепт за љубовта — „Бог е љубов“ и „љуби го својот ближен“ — дека нема никаква паралела во паганскиот Египет. Но тој забележал: „Братската љубов не успеала да триумфира во светот дури и во оној негов дел кој себеси се нарекува христијански“. После тоа прокоментирал за лошите плодови кои црквата ги донела со инсистирањето да биде вклучена во државните настани. Тоа што го забележал не го поттикнало да размислува дека црквите на т. н. христијанство го нудат она што тој го бара.
Како спротивност, други пронашле задоволувачки одговори, но не во црквите на т. н. христијанство.
Ја дознала вистината за мртвите
Магдалена, која денес има 37 години, живее во Бугарија. Откако починал свекор ѝ во 1991, станала мошне очајна. Секогаш одново се прашувала: ‚Каде одат мртвите?‘; ‚Каде се наоѓа мојот свекор?‘ Отишла в црква, се молела дома пред иконата, но не добила одговор.
Еден ден, ѝ телефонирал соседот и ја повикал кај него. Еден младич кој проучувал со Јеховините сведоци бил во посета таму. Го слушала младичот додека ѝ зборувал за Божјето Царство и Неговата намера да ја претвори Земјата во рај каде луѓето ќе можат засекогаш да живеат во среќа. На масата се наоѓала книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. Земајќи ја книгата в раце, младичот ѝ го посочил библискиот цитат во Проповедник 9:5 кој вели: „Мртвите ништо не знаат [не се свесни за ништо, НС]“. Таа ноќ читала многу повеќе. Дознала дека мртвите не преминале во друг живот на небото или во пеколот; тие не се свесни за ништо, како да се во длабок сон. Со задоволство ја прифатила поканата да присуствува на состанок на месното собрание на Јеховините сведоци. По состанокот се согласила на редовна студија на Библијата. На состанокот забележала на кој начин му се упатуваат молитвите на Јехова, па и таа почнала така да му се моли да ѝ помогне да ја надвладее длабоко вкоренетата слабост. Кога молитвата ѝ била услишена, знаела дека ја пронашла вистинската религија.
Пронашле живот кој има значење
Андре израснал во Белгија во семејство на тврди католици, а служел и како помошник на месниот свештеник. Меѓутоа, во тоа време видел работи кои го поткопале неговото почитување кон црквата. Поради тоа станал католик само на хартија.
Цели 15 години бил професионален фудбалер. Еднаш, неговиот клуб бил на турнир во Италија и биле повикани на средба со папата. На таа посета немало ништо што духовно би го изградило. Андре се потресол кога го забележал световното богатство што го окружувало папата. Уште повеќе почнал да се сомнева во црквата. Немал среќа ни во приватниот живот покрај два неуспешни брака. Светската ситуација го разочарувала. Во 1989, во својот дневник напишал: „Која е смислата на сите овие глупави работи кои се случуваат околу нас?“ Во својата религија не пронашол никакви одговори.
Во 1990, додека работел како фудбалски тренер на Исланд, разговарал со една мисионерка на Јеховините сведоци, Ирис. Ја зел литературата од неа и ѝ рекол дека може повторно да го посети. На повторната посета дошла со својот сопруг Кјел. Кога конечно можеле да седнат и да разговараат, било очигледно колку Андре бил заинтересиран да ја сфати Библијата. И неговата сопруга Аста била мошне заинтересирана. Околу пладне имал тричасовна пауза помеѓу двата тренинга и тие решиле да ја искористат за проучување на Библијата. „Се чувствувам многу посвеж после студирање на Библијата отколку кога се одморам“ — изјавил. Со текот на времето, Библијата одговорила на неговите прашања. Нивната вера во Јехова и неговото Царство постепено растела. Библиските славни ветувања за мирољубив нов свет, свет ослободен од „сите глупави работи кои се случуваат“ за нив станал реалност. И Андре и Аста сега ја споделуваат својата новопронајдена вера со другите.
Магдалена, Андре и Аста се уверени дека конечно ја пронашле вистинската религија. И Евгенија, откако се обидела да ги реши светските проблеми со помош на политиката, на крајот кај Јеховините сведоци пронашла религија која ѝ изгледала дека е вистинската. Но, што одредува навистина која е вистинската религија? Молиме, прочитај го следниот материјал.
[Слика на страница 7]
Редовна студија на Библијата со Јеховините сведоци им помага на преку пет милиони луѓе во нивната потрага по задоволителни одговори