Објавителите на Царството известуваат
Исусовите овци го слушаат неговиот глас
КАКО што делото на проповедање се шири во сите делови на светот, Јехова преку своите ангели ги управува своите слуги кај лицата слични на овци. Тие го слушаат Исусовиот глас и учат како да му служат, имајќи во изглед вечен живот. Во Јован 10:27, 28, Исус рекол: „Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене, и Јас ќе им дадам живот вечен“. Забележи како искрените лица на Мадагаскар го слушнале Исусовиот глас.
Еден од Јеховините сведоци на лекарот кој дошол да го прегледа неговиот болен татко, му дал примероци од книгите Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата и Направи ја својата младост успешна.
Лекарот бил протестант и голем противник на Сведоците, но ја прочитал книгата и ги проверил стиховите во својата Библија. Неговата сопруга, католик, исто така лекар, повеќе пати ја прочитала книгата Младост, зашто, како што рекла, ѝ се чинело како да била напишана токму за неа. Библиски темеленото објаснување на Заедницата за значењето на 1914 година оставило впечаток кај нив. Сопругот контактирал со Сведокот кој му ги дал книгите. Сведокот му ја дал книгата Животот — Како настанал? Со еволуција или со создавање? и се договорил да го посети него и неговата сопруга за да одговори на нивните прашања. Кога ги посетил, започнал редовна библиска студија со двојката и нивните три деца. Брзо напредувале во библиското разбирање.
По првото проучување, целото семејство почнало да ги посетува состаноците во Царската сала и наскоро се запишале во Теократската школа на проповедање. Однесувањето на децата значително се подобрило. Од нивната библиска студија научиле дека славењето родендени и други религиозни празници не е христијански; затоа престанале да ги слават. Сопругот одбил да му даде крв на еден роднина, иако таа тема сѐ уште не била разгледувана на библиската студија. Наскоро неговото карате кимоно исчезнало од гардеробата; го дал на кројач за од него да направи облека за децата. Ги запалил сите свои списанија и книги со хороскопи. Само три месеци откако почнале да проучуваат, и сопругот и неговата жена ги напуштиле своите цркви и изразиле желба да учествуваат во делото на проповедање. Сега се крстени.
◻ Една жена во Тајланд ја барала вистината. Иако била будистка, никогаш не била оддадена на својата религија затоа што гледала големо лицемерие и алчност. Освен тоа, постоеле разни обичаи коишто ги сметала за навредливи. Била сита од сѐ.
Тогаш, една сосетка ѝ препорачала да се обиде кај христијаните и ја одвела во една пентекостална црква. Меѓутоа, за време на богослужението, жената чувствувала силна желба да излезе и да си оди дома поради вревата, зашто сите присутни се молеле на сет глас. Тоа ѝ бил последен пат што ја посетила таа црква.
Подоцна се обидела во една римокатоличка црква. Меѓутоа, откако ја посетила неколку пати, станала свесна за лицемерието и алчноста како и за луксузниот начин на живот на свештеникот. Чувствувала одвратност и престанала да оди таму. Свештеникот бил љубопитен зошто заминала. Кога ја дознал причината, потсмевливо ѝ рекол: „Ако сакате да се придружите на вистински строги луѓе, одете кај Јеховините сведоци“. Таа прашала: „Каде се тие?“ Свештеникот одговорил: „Тие се близу водоводот“. Утредента ги барала безуспешно. Била разочарана, но сепак постојано мислела на Јеховините сведоци.
Еден ден случајно слушнала како еден од соседите потсмевливо му вели на другиот: „Уште малку па и ти ќе станеш Јеховин сведок!“ Кога го чула тоа, жената отрчала кај соседот и прашала: „Дали овде во близина има Јеховини сведоци?„ „Да“, гласел одговорот. „Некои ќе дојдат во соседството да проповедаат од куќа до куќа. Ќе ги препознаете по нивното чисто и уредно облекување.“ Потоа отишла надвор да ги побара. Отпрвин не ги нашла, но враќајќи се дома, забележала две уредно облечени жени како разговараат со некого. Пристапила и прашала дали се тие Јеховини сведоци. Кога рекле дека се, таа замолила: „Ве молам, дојдете во мојот дом. Сакам да разговарам со вас“.
Била започната библиска студија, а и покрај противењето и исмејувањето од нејзиното семејство, оваа госпоѓа почнала да ги посетува состаноците и да им сведочи на своите роднини.
Исус навистина ги познава своите овци и ги собира во својата организација за преживување во својот нов свет на праведност.