Објавителите на Царството известуваат
Добри дела кои го слават Јехова
ВО СВОЈАТА Проповед на гората, Исус им рекол на своите ученици: „Да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:16). На сличен начин, вистинските христијани денес се ангажираат во „добри дела“ кои го слават Јехова.
Кои се тие добри дела? Во нив спаѓа проповедањето на добрата вест, но и нашето примерно однесување е важен дел од тоа. Честопати, луѓето се привлечени кон христијанското собрание пред сѐ преку нашето добро однесување. Следниве искуства илустрираат како Јеховините сведоци на Мартиник дозволуваат ‚нивната светлина да свети пред луѓето‘.
◻ Додека работела во делото на проповедање од куќа до куќа, една жена Јеховин сведок посетила некоја католичка. Веќе 25 години, оваа жена живеела со некој маж со кого не била венчана. Таа била запознаена со учењата на Јеховините сведоци затоа што седум години пред тоа ја добила книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.a Таа ѝ рекла на жената Сведок: „Има премногу религии. Не знам кому да му верувам среде сета оваа мешаница“. Жената Сведок објаснила дека вистината може да се најде само во Библијата, но за да ја најде, таа ќе мора грижливо да го проучува Светото писмо и да го моли Бог за негов дух и водство.
Извесно време, иако била заинтересирана за проучување на Библијата, жената одбивала извесен број покани да присуствува на христијанските состаноци во Салата на Царството на Јеховините сведоци. Зошто? Била премногу срамежлива. Меѓутоа, откако добила покана да присуствува на Споменот на Христовата смрт, таа ја совладала срамежливоста и отишла.
Она што ѝ оставило најголем впечаток на состанокот во Салата на Царството била атмосферата полна со љубов. Никогаш во својата црква немала доживеано едно такво искрено пријателство! После тој состанок, почнала да присуствува на сите состаноци што ги воделе локалните Сведоци и наскоро се венчала со мажот со којшто живеела. Сега таа е крстен член на собранието.
◻ Добрите дела на една друга жена Сведок донеле добри резултати. Таа била на одговорна положба во една канцеларија. Откако бил најмен еден човек од островот Реинион, некои од работниците почнале да го исмејуваат поради неговиот низок раст. Тој станал предмет на мајтапење. За разлика од нив, жената Сведок секогаш била љубезна и полна со почит кон човекот. Набргу тој ја прашал зошто таа толку многу се разликува од другите.
Жената Сведок објаснила дека нејзиното однесување со почит било резултат на библиските начела што ги научила од Јеховините сведоци. Исто така, му покажала што вели Светото писмо за Божјите намери и за надежта во еден нов свет. Човекот прифатил библиска студија, почнал да присуствува на христијанските состаноци и се венчал со жената со којашто живеел.
На крајот, тој се вратил на Реинион. Во минатото имал доживеано тешкотии со своите роднини, особено со семејството на својата сопруга. Но, сега тие биле импресионирани од неговото добро христијанско однесување. Човекот се крстил и моментално е слуга помошник. Неколку членови на семејството, вклучувајќи ја неговата сопруга и двете ќерки, исто така служат во христијанското собрание како објавители на добрата вест за Божјето Царство.
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.