Вселена — осмислена творба или производ на случајноста?
Во 1802 год., англискиот свештеник и теолог Вилијам Пејли објаснил зошто верува во Творец. Тој рекол дека, ако најде камен додека минува низ некој пуст предел, со право би можел да заклучи дека тој камен се нашол таму поради влијанието на природните процеси. Но, сигурно нема да дојде до истиот заклучок ако наместо камен најде часовник. Зошто? Едноставно затоа што еден часовник ги има сите карактеристики на направа конструирана со одредена цел.
ИДЕИТЕ на Пејли имале силно влијание врз англискиот природонаучник Чарлс Дарвин. Сепак, спротивно на логиката на Пејли, Дарвин подоцна тврдел дека она што можеби изгледа како доказ за постоењето на Творец може да се објасни со процесот кој тој го нарекол „природна селекција“. Мнозина сметале дека Дарвиновата теорија за еволуција е непобитен доказ против создавањето.
Од времето на Дарвин и Пејли, многу се пишувало на оваа тема. Аргументите во прилог на создавањето и оние во прилог на природната селекција честопати биле надградувани, дообјаснувани и обновувани. И двете тврдења имаат силно влијание врз тоа дали луѓето ќе веруваат или не дека вселената постои со некаква цел. Она во што веруваш ти исто така влијае врз твоето гледиште за смислата на животот. На кој начин?
Логични заклучоци до кои води дарвинизмот
Верувањето во теоријата на Дарвин навело мнозина искрени луѓе да заклучат дека животот нема некоја значајна смисла. Ако космосот и сѐ што е во него настанале со случајно комбинирање на хемиските елементи по „големата експлозија“, тогаш животот нема смисла. Покојниот биолог и добитник на Нобелова награда, Жак Моно, рекол: „Човекот конечно станува свесен дека е осамен во бескрајната празна и студена вселена од која произлегол случајно. Не знае ни каде оди ни зошто постои“.
Слично се изразил и Питер Вилијам Аткинс, професор по хемија на Оксфорд, кој вели: „Сметам дека вселената е величествена, прекрасна и чудесна. Нѐ остава без здив со сета своја убавина, но потполно е бескорисна“.
Меѓутоа, сите научници немаат ваков став, и тоа со добра причина.
Прецизниот склад — доказ за осмислена творба?
Многу истражувачи кои ги испитуваат природните закони ја отфрлаат идејата дека постоењето на космосот нема никаква цел. На пример, тие се одушевени од фундаменталните сили кои дејствуваат во вселената. Се чини дека законите што се во основата на овие фундаментални сили се прецизно усогласени за да постои вселена во која ќе има услови за живот. „Дури и најмала промена во законите може да има смртоносни последици“, вели космологот Пол Дејвис. „На пример, протоните се малку полесни од неутроните, но кога би биле само малку потешки од нив, сите протони би станале неутрони.“ Дали тоа би било толку страшно? „Без протоните и нивниот електричен полнеж кој е од пресудно значење, не би постоеле атоми“, објаснува проф. Дејвис.
Електромагнетната сила ги држи електроните и протоните заедно, а тоа овозможува да се создаваат молекули. Кога оваа сила би била значително послаба, електроните не би кружеле околу јадрото на атомот и не би можеле да се создаваат молекули. А кога би била многу посилна, електроните би се споиле со јадрото на атомот и едноставно не би постоеле хемиски реакции и живот.
Само мала промена на електромагнетната сила би влијаела врз Сонцето и врз сончевата енергија што доаѓа до Земјата. Таквата разлика би ја отежнала или би ја оневозможила фотосинтезата кај растенијата. Значи, животот на Земјата зависи од прецизната јачина на електромагнетната сила.a
Во книгата Четири гледишта за науката и христијанството (Science & Christianity—Four Views) е даден интересен пример што покажува колку прецизна рамнотежа постои меѓу силите и елементите во космосот. Читателот е замолен да си замисли еден истражувач кој посетува една „соба со контролни инструменти за целата вселена“. Во оваа соба, истражувачот наоѓа голем број потенциометри што можат да се наместат на која и да било вредност и сфаќа дека, за да постои живот, секој од овие потенциометри мора да биде прецизно наместен. Еден потенциометар ја регулира гравитационата сила, друг силата на електромагнетната привлечност, трет односот помеѓу масата на неутронот и протонот итн. Додека истражувачот ги набљудува потенциометрите, сфаќа дека тие би можеле да бидат наместени и на други вредности. Но, со внимателна пресметка, му станува јасно дека дури и најмалото поместување може да предизвика промени во структурата на вселената и повеќе да нема живот. Сите потенциометри се прецизно наместени на исправните вредности за да може вселената да постои и да биде населена. Што би заклучил овој посетител од прецизниот склад на потенциометрите?
Астрономот Џорџ Гринштајн вели: „Додека ги разгледуваме доказите, упорно ни се наметнува заклучокот дека зад сето тоа мора да стои некоја виша сила, поточно личност. Можно ли е одеднаш и случајно да наидовме на научен доказ за постоењето на едно Врховно битие?“
Што мислиш ти? Кое е најдоброто објаснување за прецизниот склад што може да се види во вселената? Дали таа е осмислена творба или производ на случајноста?
‚Тука сме, и тоа е сѐ‘
Се разбира, и атеистите имаат свои аргументи. Некои од нив го отфрлаат очигледниот прецизен склад во природата велејќи: ‚Нема сомнение дека во познатата вселена има услови за живот на луѓето. Да не беше така, не би биле тука за да размислуваме за тоа. Сепак, нема потреба ништо да се објаснува. Тука сме, и тоа е сѐ‘. Но дали ова е задоволувачко објаснување за нашето постоење?
Еве уште еден аргумент: Според некои атеисти, еден ден веројатно ќе се докаже дека за равенките со кои се изразуваат фундаменталните сили во природата важи само една утврдена комбинација од бројки. Со други зборови, потенциометрите од примерот даден погоре мораат да бидат прецизно наместени на исправните вредности за да може вселената воопшто да постои. Некои велат: ‚Така е, бидејќи не може поинаку!‘ Дури и кога би било точно ваквото размислување, кое е само вртење во круг, тоа сѐ уште не објаснува зошто постоиме. Накратко кажано, дали вселената во која има услови за живот постои по чиста случајност?
Сакајќи да ги објаснат дизајнот и прецизниот склад во вселената само како резултат на природните процеси, некои посочуваат на т.н. теорија за паралелни вселени. Според оваа хипотеза, можеби живееме во една од безбројните вселени. Во секоја од нив владеат различни услови, но ниедна не е создадена и ниедна не постои со некаква цел. Значи, според ова објаснување и според законите на веројатноста, ако постојат повеќе вселени, на крајот во една од нив би требало да се создадат услови за живот. Но, всушност, не постојат никакви научни докази кои би оделе во прилог на теоријата за паралелни вселени. Тоа се чисти шпекулации.
Откако наведува дека не ја застапува оваа хипотеза, биохемичарот Кристијан де Дуев, добитник на Нобелова награда, вели: „По мое мислење, животот и умот се извонреден производ на материјата, што значи дека мора да имаат смисла, сеедно дали постојат или не многу други вселени во кои тие не можат да опстојуваат. Тоа што на нашата вселена ѝ додаваме трилиони други вселени воопшто не го намалува значењето на нејзините уникатни својства, кои според мене се доказ дека била создадена“.
Човековата свест
Извонреден е и самиот факт дека можеме да создаваме теории за постоењето на космосот. Ако универзумот постои без причина, таквата способност би требало да биде производ на случајноста. Дали тоа ти звучи логично?
Човечкиот мозок е опишан како „најчудесното и најмистериозното нешто во целата вселена“. Неговата способност за апстрактно размислување и фактот дека повеќето луѓе трагаат по смисла во животот не можат да бидат соодветно објаснети само со помош на физиката и хемијата.
Дали нашиот мозок, кој постојано трага по разбирање, настанал случајно или бил создаден од еден Семудар Творец? Што ти се чини поразумно?
Има ли и друго објаснување?
Науката ни открила многу за вселената, за светот и за живите организми. Некои велат дека, колку повеќе ни открива науката, „толку поневеројатно изгледа нашето постоење“. И би било „неверојатно“, доколку сме настанале по пат на еволуција. Меѓутоа, како што вели и Џон Хорган, кој пишува на теми од областа на науката, „сѐ околу нас изгледа толку добро создадено и премногу убаво за да биде чиста случајност“. Физичарот Фриман Дајсон дава сличен коментар. Тој вели: „Колку повеќе ја истражувам вселената и колку подетално се запознавам со неа, толку повеќе докази наоѓам дека таа како да знаела дека доаѓаме“.
Со оглед на многубројните докази — сложеноста на природата, прецизниот склад во неа, осмислените творби и човековата свест — зарем не е логично барем да ја испитаме можноста дека постои Творец? Добра причина да го сториме тоа е што Творецот би можел да ни каже како настанал животот и дали тој има смисла и цел — прашања кои науката не може да ги одговори.
Овие прашања се разгледани во списите познати како Библија, т.е. Свето писмо, чии писатели тврделе дека пренесуваат порака од Творецот. Зошто не провериш што има да ни каже Библијата на оваа тема?
[Фуснота]
a Повеќе информации на оваа тема можеш да најдеш во книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, страници 10-26, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 8]
Дали човечкиот мозок настанал случајно?
[Рамка/слика на страница 6]
На што се должи постоењето на науката?
Научните истражувања се возможни затоа што во материјалниот свет владее ред и секогаш може да се предвиди како енергијата и материјата ќе се однесуваат во одредени услови. Ваквиот ред може да се види во фундаменталните закони во математиката, физиката, хемијата итн. Без тој ред, науката, технологијата и самиот живот не би постоеле.
Ова нѐ тера да се запрашаме: Од каде потекнуваат физичките закони, и зошто функционираат на таков начин? Според многумина, би било најразумно да заклучиме дека зад сето тоа стои Семудар Творец. Што мислиш ти?
[Рамка/слики на страница 7]
Настанале сами од себе?
Молекулите на ДНК (дезоксирибонуклеинската киселина) во секоја жива клетка содржат детални, опширни информации неопходни за правилен развој на организмот. Иако ДНК е многу посложена, би можеле да ја споредиме со информациите запишани на едно ДВД. Декодирањето на податоците што ги содржи ДВД-то овозможува да гледаме филмови или да слушаме музика. Слично на тоа, молекулите на ДНК кои имаат форма на извиткана скала од јаже, содржат кодирани информации кои служат како основа за целокупниот жив свет и ги одредуваат разликите меѓу многуте форми на живот — меѓу бананите и гравот, меѓу зебрите и мравките, меѓу луѓето и китовите.
Би било нелогично некој да тврди дека дигиталните информации на едно ДВД настанале случајно. Тогаш, зарем е разумно да заклучиме дека крајно сложените информации во ДНК настанале сами од себе?
[Извор на слика на страница 6]
Галаксијата Сомбреро: NASA and The Hubble Heritage Team (STScI/AURA)