Шимпанзата во својот дом
ДОДЕКА чекоревме по тесната патека во една тропска шума во екваторијална Африка, очите полека ни се навикнаа на треперливата светлина што се пробиваше низ густиот свод од лисја и гранки. Придушениот звук на неуморните штурчиња, огромните дрвја обвиени со лијани — некои високи и преку 55 метри —нѐ исполнија со чувство на страхопочит и исчекување. Замрачената средина како да нѐ предупредуваше да бидеме на штрек и да газиме нечујно. Одненадеж, се слушна гласно: ху! По брзото и чујно земање на воздух овој звук стануваше сѐ повисок и погласен сѐ додека не се претвори во заглушувачка врева и тогаш, речиси одеднаш, прекина. Нашето заморно пешачење беше наградено со овој возбудлив момент на кој се надевавме. Наидовме на заедница шимпанза!
Овие лудории од возбуда — меѓу другото збревтањето, испуштањето крици, а понекогаш и удирањето по стебло од дрво — се всушност начин на кој шимпанзата комуницираат, т.е. контактираат меѓусебно. Изгледа изобилството вкусни зрели смокви предизвика толку итна потреба да им се каже тоа и на останатите од заедницата. Погледнавме нагоре, кон широката крошна на една висока смоква, и видовме како приличен број шимпанза, можеби триесетина, мирно се гоштеваат со смоквите. Црното крзно им блескаше на сонцето. Тогаш едно од шимпанзата почна да фрла со гранчиња по нас. За миг врз нас паѓаше дожд од гранчиња — јасен знак дека не сме добредојдени на нивната гозба.
Најдобро време да најдете шимпанза е кога има изобилство од плодови. Во други периоди потешко ќе ги сретнете бидејќи обично се раштркани низ ниската вегетација во мали групи од само неколку шимпанза. Во дивината, овие животни си поткаснуваат по цел ден додека се движат низ огромните подрачја од неколку квадратни километри. Освен овошје, јадат главно лисја, семки и корења, а се хранат и со мравки, јајца од птици и термити. Одвреме-навреме ловат и убиваат мали животни, меѓу кои и мајмуни.
Бидејќи наближуваше пладнето, на шимпанзата почна да им станува жешко. Едно почна да се симнува од дрвото, а за кратко време и другите тргнаа по него. Едно по едно, се преместуваа меѓу густите грмушки. Едно палаво мајмунче тргна по заобиколен пат нишајќи се од гранка на гранка за да им се доближи на посетителите. Разиграноста и љубопитноста на ова мало шимпанзо измами насмевка на нашите лица.
Извонредни карактеристики
„Погледнете зад вас“, рече еден член на нашата група додека се враќавме кон патеката. Се свртивме и видовме како едно шимпанзо претпазливо ѕирка од зад едно стебло. Стоеше на две нозе и беше високо околу еден метар. Штом ќе го погледневме, ќе ја скриеше главата зад стеблото, а потоа пак ќе ја подадеше. Изгледаше многу слатко! Шимпанзата можат да стојат, па дури и да одат на две нозе на кратка оддалеченост. Но, обично се движат користејќи ги сите четири екстремитети. ’Рбетот на шимпанзата не е свиткан во долниот дел како кај луѓето, што е неопходно за да се има исправена положба. Поради самата структура на шимпанзата — нивните релативно слаби бутни мускули и нивните раце што се значително подолги и посилни од нозете — тие можат да одат на сите четири екстремитети, или да се нишаат и да се искачуваат по дрвјата.
Долгите раце добро им се наоѓаат и кога сакаат да ги дофатат плодовите на тенките гранки што би се скршиле од нивната тежина. Дланките и стапалата им се совршено обликувани за да можат цврсто да ги зграпчат и да се држат за гранките. Палците на нозете им се издадени нанадвор и им овозможуваат да се качуваат по дрвјата, па дури и да фатат и да носат предмети со нозете, и тоа исто толку лесно колку и со рацете. Ова особено им користи навечер, кога си прават гнездо. Доволни се само неколку минути виткање и вртење на лисјата и гранките, и веќе имаат меко и удобно преноќиште.
Многу е интересно да се набљудуваат и да се проучуваат шимпанзата во нивната природна средина, бидејќи имаат извонредни карактеристики и упадливи сличности со луѓето во поглед на анатомијата и однесувањето. Но, некои луѓе се заинтересирани за шимпанзата само за да можат на нив да вршат експерименти со кои ќе ја потврдат нивната наводна еволуциска врска со човекот. Затоа, на место е да се прашаме: Што, всушност, ги прави шимпанзата и луѓето толку различни? Во која смисла човекот, за разлика од животните, е создаден според „Божјиот лик“? (1. Мојсеева 1:27).
Незаборавно доживување
Во нивната природна средина, тешко е да се дојде до шимпанзата, кои обично тивко исчезнуваат штом ќе здогледаат човек. Но, за да бидат заштитени, некои заедници шимпанза беа привикнувани да бидат во присуство на луѓе.
Нашата кратка посета на шумата во која живеат шимпанзата беше незаборавно доживување. Ни помогна барем донекаде да видиме какви се навистина шимпанзата — толку поинакви од оние во зоолошките градини или во лабораториите. Тие се навистина прекрасни и се едни од ‚животните што се движат и дивите земни животни‘ за кои Бог видел дека се добро и совршено создадени за средината во која живеат (1. Мојсеева 1:24, 25).
[Рамка/слика на страници 14 и 15]
ШИМПАНЗАТА И ДНК
Во својата книга Во сенка на човекот (In the Shadow of Man), зоологот Џејн Гудал пишува дека тоа што во 1960-тите години забележала дека шимпанзата ‚изработуваат орудија‘ убедило многу научници дека е неопходно да го стават човекот во група на многу посложени суштества“. Неверојатно откритие беше тоа дека шимпанзата користат лисја како сунѓер, користат камења или гранки за да кршат јаткасти плодови, ги тргаат лисјата од гранката и ја ставаат во земјата за да ловат термити. Меѓутоа, во поново време стана општопознато дека голем број животни имаат извонредна способност да изработуваат орудија. Во својата книга Човечката природа на птиците — научно откритие со неверојатно значење (The Human Nature of Birds—A Scientific Discovery With Startling Implications), д-р Т. Барбер вели: „Сите темелно проучувани животни, во кои не спаѓаат само мајмуните и делфините туку и мравките и пчелите, покажаа потполно неочекувана основна свесност и практична интелигенција“.
Се разбира, ова воопшто не го оспорува фактот дека човекот е уникатен. Професор Дејвид Премак пишува: „Граматиката, односно синтаксата на јазикот на луѓето, е единствена“. Сложеноста на човековиот говор и богатата култура на човештвото, во која јазикот и говорот играат важна улога, нѐ прават многу поразлични од животните.
Откако со години ги проучувала шимпанзата во нивната природна средина, д-р Џејн Гудал напишала: „Невозможно е шимпанзата меѓусебно да покажуваат емоции слични на вистинската и длабока љубов кај луѓето што се карактеризира со нежност, заштитничка грижа, толеранција и длабоко задоволство кога ја покажуваме оваа особина“. Таа додава: „Самосвеста кај човекот ја надминува примитивната свесност што едно животно ја има за своето тело. Човекот бара објаснување за мистеријата на своето постоење и за чудата во светот околу себе и во вселената над него“.
Библијата ја истакнува разликата помеѓу животните и луѓето со тоа што вели дека човекот е создаден „според Божјиот лик“ (1. Мојсеева 1:27). Значи, за разлика од животните, човекот може да го одразува „ликот“, т.е. да ги покажува особините на својот Творец, од кои највпечатлива е љубовта. Човекот ги надминува животните и во тој поглед што има огромен капацитет да учи и способност да ја користи својата интелигенција. Освен тоа, човекот не се води по инстинкт туку има слободна волја.
[Слики на страница 15]
Шимпанзата се палави и љубопитни суштества кои се совршено создадени за средината во која живеат
[Извори на слики]
Шимпанза, горе десно: Corbis/Punchstock/Getty Images, подолу, лево и десно: SuperStock RF/SuperStock3; Џејн Гудал: © Martin Engelmann/age fotostock
[Извор на слика на страница 13]
© Photononstop/SuperStock