ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/2 стр. 26-28
  • Што научивме од пигмеите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што научивме од пигмеите
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Растенија што лекуваат
  • Сите се собираат на солилото
  • Како се лови со мрежи
  • На чун по реката Санга
  • Нашите впечатоци на патот за дома
  • Насилство над дождовните шуми
    Разбудете се! 1998
  • Габон — рај за животните
    Разбудете се! 2008
  • „Господовите дрва се наситија со храна“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Користите од дождовните шуми
    Разбудете се! 1998
Повеќе
Разбудете се! 2004
g04 8/2 стр. 26-28

Што научивме од пигмеите

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЦЕНТРАЛНОАФРИКАНСКАТА РЕПУБЛИКА

„Собујте ги чевлите. Ќе одиме низ вода, а потоа ќе ја преминеме слоновата патека. Внимателно следете ги моите упатства. Ако сретнеме горила, клекнете и не гледајте го в очи. Ако сретнеме слон, не мрдајте.“

ОДМОРАЈЌИ се на балконот на ресторанот, размислуваме за сѐ што видовме пред малку. Пред нас тече реката Санга, а на другата страна можеме да ја видиме густата шума во сета нејзина убавина. Се наоѓаме во Бајанга, на јужниот крај на Централноафриканската Република, некаде помеѓу Камерун и Република Конго. (Видете ја картата на 27. страница.)

Кога пристигнавме на влезот на националниот парк Дзанга—Ндоки, заборавивме колку ни беше напорно патувањето до овде. Овој парк се наоѓа на оддалеченост од 480 километри од Банги, главниот град на Централноафриканската Република, и за да стигнеме до овде се возевме речиси 11 часа по една тесна патека. На некои места веднаш крај патот растеше многу бамбус. Во Нгото моравме да земеме траект за да ја преминеме реката. Овој траект е многу необичен затоа што нема мотор — нѐ пренесе на другата страна на реката само со помош на водната струја. Чамецот го задржува правецот со помош на едно тркало што се лизга по должината на големо јаже, а неколкуте млади мажи требаше само да го насочуваат траектот во исправен правец.

Подолу на реката Бамбио има еден пловен мост, кој е многу практичен бидејќи може да се прилагоди на нивото на водата во реката, кое се менува во текот на сувата и на дождливата сезона. Ова подрачје е нешто навистина прекрасно и овде можеме да ги видиме животните во нивното природно живеалиште и да ги запознаеме пигмеите Ака,a кои сѐ уште водат традиционален живот.

Дали би сакале да појдеме заедно на оваа прекрасна посета, макар што, за жал, таа ќе биде само во Вашите мисли? Наш водич е еден пигмеј по име Бенуа. Најпрво одиме во неговото село за да се запознаеме со уште две пигмејки, Жермен и Валери, кои добро ги познаваат лековитите билки и кои ќе дојдат заедно со нас. Тие нѐ пренесуваат од едно до друго чудо додека ни ги покажуваат најразличните шумски растенија што се користат за медицински цели.

Растенија што лекуваат

Откако се возевме неколку минути по една шумска патека, нашите нови придружнички нѐ замолуваат да излеземе од автомобилот и да појдеме со нив во шумата. Со мачетите ја сечат тревата за да направат патека, додека ние правиме сѐ што можеме за да бидеме во чекор со нив. Пред нас лежи првото изненадување — мо нзамбу нзамбу — растение што се нарекува воден ползавец. Нашите водичи брзо отсекуваат делови од ова растение долги по половина метар и ја пиеме водата што истекува од нив. Таа е чиста, свежа и ја гаси жедта.

Малку понатаму ни покажуваат како изгледа лист од дрвото гуава. Пигмеите ги варат овие листови и прават чај против кашлица. Едно друго дрво, офурума, лачи густ бел сок, кој е совршен лосион за очи и служи како лек за конјуктивитис. „Има ли лек против змиско каснување?“, прашуваме ние. „Се разбира дека има. Толчиме боло листови [тоа е назив на народот Ака за еден вид лијан, тропски ползавец] и ги ставаме врз каснатото место“, одговараат нашите водичи. На секој чекор откриваме други растенија кои, како што нѐ уверуваат нашите водичи, имаат лековити својства. Има лековити растенија за зацелување на рани, за цревни паразити, ушни инфекции, расипани заби, па дури и за стерилност.

Овие луѓе, кои понекогаш ги сметаат за примитивни, можат да нѐ научат на многу работи. Додека продолжуваме да одиме низ шумата, нашите две треварки „си пазаруваат“ за јадење — печурки, дива зелена салата и корења што служат како замена за лук. Некои листови мора да се многу вкусни затоа што ги јадат на лице место! Колку само ќе биде прекрасно кога ќе продолжиме да учиме за тие растенија во новиот свет што ни го ветил Бог! (Исаија 65:17; 2. Петрово 3:13; Откровение 21:1—4).

Сите се собираат на солилото

Попладнето одиме да ги видиме шумските слонови на солилото. Додека сме на пат, нашиот водич ни ги дава упатствата што се спомнати во почетокот на оваа статија. Но, што е солило? Тоа е една голема чистинка каде што почвата е многу богата со минерални соли, кои претставуваат вистински деликатес за некои животни. Од таа причина тоа е место каде што секој ден се сретнуваат африканските слонови, бизоните, антилопите, џиновските диви свињи и други диви животни.

Бидејќи шумата е многу густа и затоа е многу тешко да се видат животните, во паркот е направена една платформа за набљудување, веднаш до солилото. Меѓутоа, за да дојдеме до платформата, мораме да преминеме едно мочуриште во кое водата ни допира до средината на бедрата. Нашиот водич внимателно ги слуша звуците околу нас и редовно проверува дали сме крај него. Зошто? Затоа што по истата патека понекогаш одат и слоновите!

Доаѓаме до платформата и застануваме да ги гледаме животните — повеќе од 80 слонови, неколку бизони и неколку антилопи. Овде е и еден научник што ги изучувал слоновите цели 11 години. Таа ни кажува: „Секој си има свој карактер. Досега имам евидентирано 3.000, а 700 од нив знам по име“. За жал, слоновата коска од африканските слонови е многу барана затоа што од неа се прават лични печати, кои во некои земји на Ориентот се користат за да се означи авторот на документите и на сликите.b

Како се лови со мрежи

Рано следното утро, следиме една група од десет ловци за да видиме од прва рака како се лови со мрежа. Доаѓаат мажи и жени со своите мрежи направени од лијани. Секоја мрежа е долга околу 20 метри и широка околу 1,2 метра. Додека навлегуваме сѐ подлабоко во џунглата, групата луѓе ги раширува и ги затегнува мрежите, кои се врзани една за друга, така што покриваат растојание од околу 200 метри. Потоа нашите ловци прават голем круг околу оваа стапица и, додека се враќаат по истиот пат, тресат гранки и гласно извикуваат за да ги натераат животните, ако ги има, да влезат во мрежите. Овој пат нема животни. Ловците ги одврзуваат мрежите, одат уште подлабоко во шумата и почнуваат сѐ од почеток. Тоа го прават еднаш, двапати, десетпати.

На крајот на утрото ние сме исцрпени. Пигмеите видоа три мали антилопи, но тие успеаја да ги избегнат мрежите и да побегнат. Ние не сме заинтересирани да видиме како некое животно се фаќа во мрежите. Напротив, сакаме да дознаеме нешто за досетливите начини на кои преживуваат овие луѓе иако имаат толку малку орудија на располагање и немаат ниедна алатка од индустријализираниот свет. Затоа, воопшто не сме разочарани, бидејќи тоа што го видовме сега беше нешто посебно.

На чун по реката Санга

Кој не би сакал бесшумно да плови по водата? Во чун тоа е уште поинтересно, бидејќи практично се наоѓате на исто ниво со водата. Додека се возевме попладнето, видовме сиви чапји и многу други шарени птици, која од која поубава. Некои птици летаат од гранка на гранка по должината на речниот брег, оставајќи ни впечаток дека нѐ следат додека пловиме по водата.

На некои места гледаме како шимпанзата скокаат од еден лијан на друг едноставно за забава — или можеби сакаат да нѐ разонодат нас! Ален Патрик, веслачот, напорно весла за да нѐ однесе неколку стотина метри подолу затоа што вчера таму видел неколку нилски коњи. Ќе можеме ли да ги видиме и ние денес? За жал, не. Тие заминале на друго место. Од друга страна, пак, додатниот пат што го минавме ни овозможи да видиме неколку села по должината на брегот на реката и да им се восхитуваме на многуте деца што со изненадувачка вештина управуваа со своите мали чунови. Навистина, никогаш нема да го заборавиме нашето пловење по реката Санга.

Нашите впечатоци на патот за дома

Додека се враќаме во Банги, во мислите ни се враќаат стотици глетки и сеќавања. Многу работи длабоко нѐ трогнаа, а други нѐ зачудија. Над сѐ, никогаш нема да ја заборавиме хармонијата што владееше помеѓу пигмеите и шумата ниту, пак, мудроста што им овозможува на пигмеите да искористат сѐ што се наоѓа во нивното природно живеалиште.

Освен тоа, иако немавме доволно време да видиме сѐ, имавме предност да посетиме еден посебен дел од светот, каде што можат да се видат африкански слонови, горили, шимпанза, нилски коњи, антилопи, пантери и разнобојни птици и пеперутки. Ни беше речено дека во густите шуми на резерватот Дзанга—Санга и националниот парк Дзанга—Ндоки можат да се најдат околу 7.000 видови растенија и 55 видови цицачи.

Целиот овој неспоредлив биодиверзитет нѐ потсетува на еден библиски стих: „Колку се бројни Твоите дела, о Господи! Со мудрост направи сѐ: земјата е полна со Твои созданија“ (Псалм 104:24). Ова незаборавно поучно искуство ја зајакна нашата решеност да ги примениме следниве зборови што се наоѓаат во истиот псалм: „Ќе Му пеам на Господа додека сум жив, ќе Му свирам на мојот Бог додека суштествувам. Ќе Му биде мило моето размислување! Јас ќе се радувам во Господа“ (Псалм 104:33, 34).

[Фусноти]

a Пигмеите од екваторијална Африка се познати по својот низок раст; нивната просечна височина е 127 сантиметри.

b Овие печати, наречени и жигови, се прават и од други материјали. За повеќе информации, видете го хрватското издание на Разбудете се! од 22 мај 1994, страници 22—24.

[Карти на страница 27]

(Види во публикацијата)

КАМЕРУН

РЕПУБЛИКА КОНГО

ЦЕНТРАЛНОАФРИКАНСКА РЕПУБЛИКА

Банги

Бајанга

Националниот парк Дзанга—Ндоки

[Извор на слика на страница 26]

© Jerry Callow/Panos Pictures

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели