Габон — рај за животните
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГАБОН
ЗАМИСЛИ си тропска плажа на која мирно си пасат слонови, во водата пливаат нилски коњи, а во близина на брегот се собрале китови и делфини. Вакво нешто навистина може да се види на плажите што се протегаат 100 километри по должината на африканскиот брег.
Се разбира, ваквата глетка ќе остане иста само ако ова посебно крајбрежје биде заштитено. За среќа, на ова прашање му беше посветено внимание на 4 септември 2002 год., кога претседателот на Габон најави дека 10 отсто од територијата на оваа земја — во кои спаѓаат и делови со недопрено крајбрежје — ќе бидат прогласени за национални паркови.
Овие ненаселени области со вкупна површина од околу 30.000 квадратни километри — малку повеќе од територијата на Македонија — кријат многу природни убавини. „Габон има потенцијал да ги привлече луѓето од сите делови на светот кои сакаат да ги видат последните сочувани природни чуда на Земјата“, изјави претседателот Омар Бонго Ондимба.
Зошто ваквите резервати се толку важни? Некаде околу 85 отсто од територијата на Габон сѐ уште е прекриена со шуми, а 20 отсто од растителниот свет во нив го нема на ниту едно друго место на Земјата. Екваторијалните шуми во оваа земја се рај за горилите, шимпанзата, шумските слонови и многу други загрозени видови. Новите национални паркови се доказ дека оваа земја на извонреден начин ја штити и ја одржува биолошката разноликост во Африка.
Лоанго — неспоредлива плажа
Националниот парк Лоанго е омилено место за љубителите на живиот свет на Африка. Во него има недопрени, пространи плажи обрабени со слатководни лагуни и густи екваторијални шуми. Но она што ги прави овие плажи навистина посебни се животните што се шетаат по песокот — нилските коњи, шумските слонови, биволите, леопардите и горилите.
Зошто плажата ги привлекува овие шумски животни? Покрај белите песочни плажи на Лоанго има пасишта на кои нилските коњи и биволите можат слатко да си пасат. Плодовите од еден вид родни палми (Borassus aethiopum) кои растат покрај плажата им се омилени на шумските слонови колку што на децата им се омилени чоколадите. Но, што е уште поважно, тука никој не ги вознемирува. На песокот можат да се забележат само животински стапки.
И морските (кожести) желки ги сакаат овие осамени плажи, зашто можат да си ги полагаат своите јајца без да им досаѓаат луѓето. Од слични причини, еден вид пчеларки што живеат во колонии си прават гнезда во песокот на само неколку чекори од границата до која досегаат брановите кога ќе надојде плимата. За време на летните месеци, во тивките води на Лоанго доаѓаат повеќе од илјада грбави китови за да се парат.
Двете огромни лагуни што ги одделуваат плажите на Лоанго од екваторијалните шуми се идеален дом за крокодилите и нилските коњи. Тие изобилуваат со риби, а од страните се накитени со шуми од мангрови дрвја. Африканските орли и речните орли прелетуваат над лагуните во потрага по храна, а разнобојните водомари ги пребаруваат плитките води надевајќи се дека ќе уловат некое рипче. Слоновите, на кои водата многу им годи, со задоволство ги препливуваат лагуните за да стигнат до плажата и да се нагостат со своите омилени плодови.
Во внатрешноста на екваторијалната шума, по високите гранки на дрвјата скокаат мајмуни, а крилцата на шарените пеперутки ги разубавуваат чистинките кои се капат во сончевите зраци. Дење, еден вид лилјаци што се хранат со овошје одмараат на своите омилени дрвја, а ноќе вршат една многу важна работа — разнесуваат семиња низ шумата. На работ од шумата, сјајната птица црвенка пие нектар од расцветаните дрвја и грмушки. Сега сфаќаме зошто Лоанго со право е опишан како „место на кое екваторијална Африка се претставува во најдобро светло“.
Лопе — едно од последните упоришта на горилите
Националниот парк Лопе изобилува со недопрени прашуми, а северниот дел од паркот е прошаран со савани и со шумички што растат долж реките и потоците. Тоа е идеално место за љубителите на природата кои би сакале да видат горили, шимпанза или мандрили во нивната природна средина. На ова заштитено подрачје со површина од околу 5.000 квадратни километри живеат од три до пет илјади горили.
Огистан, кој порано работел во паркот, се присетува на една необична средба со горилите во 2002 год. „Додека се шетав низ шумата, наидов на семејство од четири горили“, вели тој. „Еден огромен и висок мажјак на возраст од околу 35 години ми го попречи патот. Сигурно беше најмалку трипати потежок од мене. Во склад со препораките за една ваква ситуација, веднаш седнав, ја наведнав главата и гледав кон земјата во знак на подложност. Горилата дојде, седна покрај мене и ја стави раката на моето рамо. Потоа ја зеде мојата рака, ја отвори и почна да ми ја испитува дланката. Откако се увери дека не сум закана за неговото семејство, полека се одвлечка кон џунглата. Тој незаборавен ден сфатив колку прекрасно чувство е да бидеш меѓу животните во нивната природна средина. Луѓето ги убиваат горилите за да дојдат до храна или затоа што мислат дека се опасни, но тие се мирољубиви животни и заслужуваат да ги штитиме“.
Во Лопе, мандрилите, т.е. големите бабуни, се собираат во големи групи кои понекогаш бројат и до илјада животни. Ова се едни од најголемите средби на примати во светот, и се многу бучни. Еве како еден турист од Камерун ја опиша средбата со една ваква група.
„Радиопредавателите на ременчињата што ги носеа некои мандрили му покажаа на нашиот водич дека во близина има група од нив. Тргнавме кон местото каде што очекувавме да поминат, набрзина подигнавме камуфлиран параван и почекавме да дојдат. Дваесетина минути можевме да уживаме во музичката изведба на големиот број птици и инсекти. Овој спокој одеднаш го наруши групата мандрили кои наближуваа. Звуците од кршењето на гранките и гласните крикови оставаа впечаток дека надоаѓа силна бура. Но, кога ги здогледав [првите од групата], повеќе ми личеа на воена извидница. Големите мажјаци предводеа чекорејќи брзо по земјата, а женките и младенчињата скокаа од гранка на гранка. Одненадеж, еден од големите мажјаци застана и сомничаво се обѕрна. Еден млад мандрил што скокаше од гранка на гранка нѐ виде и крена тревога. Целата група го забрза темпото, а нивните лути крикови стануваа сѐ погласни. За само неколку мига ги снема сите до еден. Според проценката на водичот, ги имаше околу 400“.
Шимпанзата се исто толку бучни и уште поретко можат да се видат додека прелетуваат како молњи низ шумата во својата непрестајна потрага по храна. Од друга страна, пак, посетителите можат во секое време да ги видат мајмуните од видот Cercopithecus nictitans, кои понекогаш потскокнуваат низ саваната што се граничи со шумата. Можеби најповлечените жители во Лопе се мајмуните Cercopithecus solatus — ендемски вид кој беше откриен пред само 20 години.
Големите шарени шумски птици, како што се туракосите и клунорозите, го најавуваат своето присуство со продорни крици. Во паркот се евидентирани околу 400 видови птици — вистински рај за оние што уживаат да ги набљудуваат.
Засолниште за најразлични видови
Лоанго и Лопе се само два од 13-те национални паркови во Габон. Во другите паркови се заштитени шумите со мангрови дрвја, уникатниот растителен свет и подрачјата на кои живеат птиците-преселници. „Габон ги штити најдобрите екосистеми во целата земја“, објаснува Ли Вајт од Здружението за заштита на дивите животни (Wildlife Conservation Society). „Она што е значајно не е само големината, туку и квалитетот на подрачјата што беа заштитени. Во 2002 год., за кратко време беа создадени идеални национални паркови во кои можат да се најдат сите растенија и животни кои ги има во оваа земја.“
Се разбира, со тоа не се решени сите проблеми. Претседателот Бонго Ондимба отворено призна: „Целиот свет треба да преземе соодветни мерки, што значи дека има потреба и од долгорочни и од краткорочни жртви ако сакаме да ги зачуваме овие чуда на природата за нашите идни поколенија“.
[Карти на страница 17]
(Види во публикацијата)
АФРИКА
ГАБОН
Во Габон има 13 национални паркови
Националниот парк Лопе
Националниот парк Лоанго
[Слики на страници 16 и 17]
Грбав кит и авионска снимка на Лоанго
[Извор на слика]
Кит: Wildlife Conservation Society
[Слики на страници 16 и 17]
Мандрил (лево) и горила (десно)
[Извор на слика на страница 15]
Robert J. Ross