Стрес — опасен по здравјето
„Немам фиксно работно време — работам и дење и ноќе. Честопати вршам операција во една болница, а потоа имам само неколку минути да се пробијам низ густиот сообраќај за да стигнам до друга болница каде што ме чека следната операција“ (д-р Питер Стјуарт, ЈАР).
ВЕРОЈАТНО знаеш како се чувствува д-р Стјуарт, дури и ако твојот стрес е резултат на сосема поинакви околности. Сеедно што те става под стрес — дали е тоа возење низ сообраќаен метеж, затегнати односи дома и на работа или нешто трето — стресот не е ништо ново.
Пред повеќе од 30 векови, еден искусен војник отворено признал: „Страв и трепет влегува во мене, ми поминуваат морници“ (Псалм 55:5). Овој човек добро знаел што е стрес. Како млад пастир, тој се соочил со лав, мечка и со еден страшен војник решен да го убие (1. Самоилова 17:4-10, 23, 24, 34-36, 41-51).
Се разбира, стресот сам по себе не е лош. Тој може да нѐ подготви за одреден предизвик. На луѓето што се нашле во животна опасност, стресот им помогнал да направат работи за кои не ни сонувале дека ги можат. Кога си имал некоја важна задача, стресот можеби предизвикал наплив на адреналин кој ти помогнал да ја завршиш задачата навреме.a
Меѓутоа, ако стресот не престанува и организмот не може да се опушти, најверојатно ќе настанат проблеми. Еден истражувач вели: „Стресот е најголемата закана за нашето целокупно здравје“. Ако ти се чини дека си под преголем стрес, или ако не сакаш да дојдеш во таква ситуација, можеби се прашуваш: ‚Можам ли некако да го ублажам стресот?‘
За среќа, можеш! Решението кое им помогнало на многумина им стои на располагање на сите луѓе. Се наоѓа во една книга во која можеби не очекуваш да го најдеш. Станува збор за Божјата Реч, Библијата. Иако не е медицински прирачник, таа ни дава мудри совети што можат да ни помогнат. Ни објаснува зошто има толку многу стрес и укажува на причините за оваа појава. Таа содржи и практични предлози кои можат да ни помогнат да го намалиме стресот и да се справиме со него.
[Фуснота]
a Адреналинот е хормон што го лачи надбубрежната жлезда. Тој помага да се справиш со неочекувани ситуации.