ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 6/10 стр. 27-29
  • Заштита од грип

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Заштита од грип
  • Разбудете се! 2010
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Заштитни мерки
  • Покажувај обѕирност кон другите
  • Вирусот — убиец го напаѓа Заир
    Разбудете се! 1996
  • Поглед во светот
    Разбудете се! 2010
  • Сида — како да се води борба против неа
    Разбудете се! 1999
  • Заштити се од заразните болести
    Разбудете се! 2016
Повеќе
Разбудете се! 2010
g 6/10 стр. 27-29

Заштита од грип

Кога го дал пророштвото за последните денови на сегашниов свет, Исус претскажал дека „на разни места ќе има смртоносни зарази“ (Лука 21:11). Една таква зараза е и грипот.

ОВАА болест ја предизвикува еден вирус, т.е. микроорганизам, кој навлегува во живата клетка и ја користи за да се размножува. Вирусот на грипот, кој ги напаѓа дишните органи, се пренесува главно преку ситните капки што се исфрлаат од телото на заразениот при кивање, кашлање, па дури и при разговор. До пандемија доаѓа кога заразата ќе се прошири на многу луѓе на поголемо подрачје.

Вирусите не ги напаѓаат само луѓето туку и животните и птиците. Тие се делат на три групи: тип А, тип B и тип C. Највообичаени причинители на грип се вирусите од типот А. Вирусите најчесто се класифицираат врз основа на два протеина кои се наоѓаат на нивната површина: хамаглутинин (H) и неураминидаза (N).

Постојат две големи причини за загриженост поврзани со вирусите на грипот. Како прво, тие се размножуваат многу брзо и постојано мутираат. И, како второ, различни видови вируси може да се комбинираат и да создадат нов вид. Ако некој вид е доволно уникатен, имунитетот на човекот не може да се избори со него.

Ризикот да се фати грип е поголем во текот на зимските месеци. Неодамнешните истражувања покажаа дека, при пониски температури, надворешната мембрана на вирусот се претвора во заштитен гел кој му помага да преживее во воздухот, но се топи на повисоки температури во дишните органи на човекот, при што настанува инфекција. Студениот воздух не предизвикува вирусни инфекции, но создава погодни услови за ширење на вируси.

Заштитни мерки

Свесни за потребата да бидат спремни за борба со епидемија на грип, многу влади имаат изготвено планови за интервенција. Но, што може да направи секој од нас лично? Да разгледаме три основни заштитни мерки:

Зајакни го организмот: Погрижи се секој член на семејството да спие доволно и да јаде храна што ќе му го зајакне имунитетот. Исхраната треба да се состои главно од свежо овошје и зеленчук, интегрални жита и безмасни протеини кои го снабдуваат телото со аминокиселините неопходни за подобрување на имунитетот.

Заштити се од микроби. Доколку е можно, секој ден темелно чисти ги масите и работните површини во кујната. Приборот за готвење и за јадење миј го по секоја употреба и редовно менувај ја постелнината. Дезинфицирај ги предметите што ги допираат другите, како што се рачките на вратите, телефоните, далечинските управувачи и слично. По можност, редовно проветрувај ги просториите во кои престојуваш.

Одржувај добра лична хигиена: Темелно миј си ги рацете со сапун и вода или премачкувај ги со антибактериски гел. (Ако е изводливо, секогаш носи со себе ваков гел во мало шишенце.) Немој да користиш заедничка крпа за лице и раце, дури ни со останатите членови на семејството.

Избегнувај да ги допираш очите, носот и устата со немиени раце. Ако е можно, користи хартиено марамче за да ги покриеш устата и носот при кашлање или кивање и фрли го веднаш по употреба. Немој да користиш заеднички уреди, како што се телефоните, преку кои лесно се пренесуваат микроби. На децата треба убаво да им се покаже како да ги применат овие упатства. Добро е вакви навики да имаме секогаш, но посебно во сезона на грип.

Покажувај обѕирност кон другите

Заразата може да ја пренесеш еден ден пред да забележиш некакви симптоми и пет дена откако ќе се разболиш. Симптомите се слични како кај обичната настинка, но се многу поизразени. Некои од нив се: температура (најчесто висока), главоболка, изнемоштеност, сува кашлица и болка во мускулите. Течењето на носот и стомачните проблеми, како што се гадење, повраќање и пролив, се повообичаени кај децата. Ако забележиш кај себе вакви симптоми, по можност остани дома и труди се да не заразиш и други.

Одморај се доволно и внесувај повеќе течности. Антивирусните лекови можат да бидат корисни само ако се примаат кратко по појавата на симптомите. Аспиринот (ацетилсалицилната киселина) не треба да им се дава на деца заболени од грип. Побарај итна медицинска помош ако кај себе забележиш симптоми слични на пневмонија, како што се тешко дишење, болка во градите или постојана и силна главоболка.

Навистина е непријатно да се има грип. Ако си подготвен, полесно ќе можеш да го прележиш. Што е најважно, можеш со радост да го чекаш времето кога, според едно ветување од Библијата, „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).

[Рамка на страница 27]

ТЕЖОК ГРИП

Грипот H1N1, кој се појави најпрво во Мексико во 2009 год., е сличен на шпанскиот грип од 1918 год., кој одзеде десетици милиони животи. Меѓутоа, новиот грип содржи и елементи што можат да се најдат во вирусите кои ги напаѓаат свињите и птиците.

[Рамка/слики на страници 28 и 29]

6 НАЧИНИ ДА СЕ СПРЕЧИ ЗАРАЗАТА

1. Покривај си ја устата кога кашлаш

2. Миј си ги рацете

3. Проветрувај го домот

4. Чисти редовно

5. Ако се разболиш, потруди се да останеш дома

6. Избегнувај физички контакти ако си заразен

[Рамка/слика на страница 29]

АКО ДОЈДЕ ДО ЕПИДЕМИЈА

Остани при себе и немој да креваш паника. Обрни уште поголемо внимание на предлозите од оваа статија. Ако е можно, избегнувај места каде што се тискаат премногу луѓе. Ако си болен, може да биде од корист соодветна маска за лице. Миј ги рацете често. Имај во резерва прехранбени продукти за две седмици, како и медицински производи и средства за лична хигиена во случај да не можеш да излезеш до продавница.

На работа, на верски собир и на кое и да е друго место со многу луѓе, следи ги предлозите што ќе бидат дадени таму. Исто така, труди се просториите во кои престојуваш да бидат добро проветрени.

[Слика на страница 27]

Вирусот на грипот H1N1 под микроскоп

[Извор на слика]

CDC/Cynthia Goldsmith

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели