„Немојте да се грижите за утре“
Рене не можела повеќе да издржи. Нејзиниот сопруг, Метју, бил без стабилна работа повеќе од три години. „Ми се чинеше дека ќе пукнам“, се присетува Рене. „Бев обесхрабрена бидејќи не знаев што да очекувам!“ Метју се обидел да ја смири потсетувајќи ја дека, на ваков или таков начин, потребите секогаш им биле задоволени. „Но, ти сѐ уште си без работа!“ одговорила Рене. „Ни требаат пари!“
НОРМАЛНО е човек да биде загрижен ако ја изгуби работата. Сигурно се прашува: ‚Колку долго ќе потрае ова? Како да врземе крај со крај додека да најдам нова работа?‘
Ваквата загриженост е разбирлива. Но, Исус Христос дал реалистичен совет што може да донесе извесно олеснување. Тој рекол: „Немојте да се грижите за утре... на секој ден доста му е неговото зло“ (Матеј 6:34, Превод на МПЦ).
Утврди од што се плашиш
Исус не рекол дека треба да се однесуваме како да немаме проблем. Но, ако се секираме за она што би можело да се случи утре, само ќе ни биде уште потешко. Факт е дека немаме многу контрола над она што ќе се случи утре, сеедно дали ќе биде добро или лошо. Сепак, нешто можеме да сториме, а тоа е да преземеме мерки за да се справиме со сегашноста.
Се разбира, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Ребека, чиј сопруг бил отпуштен од работа после 12 години, вели: „Логиката едноставно не ти работи под таков стрес. Сепак, моравме да размислуваме логично. Затоа се трудев да се соземам. Кога видов дека она од што најмногу се плашев не се случува, сфатив дека залудно се секирам. Решивме да се концентрираме на моменталните проблеми, и така се поштедивме од многу стресови“.
Прашај се: ‚Од што најмногу се плашам? Колкава е веројатноста дека тоа навистина ќе се случи? Колку сила трошам грижејќи се што би можело да се случи или да не се случи?‘
Научи да бидеш задоволен со она што го имаш
Нашиот став може да влијае врз нашите чувства. Затоа, Библијата нѐ поттикнува да го стекнеме следново гледиште: „Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8). За да го примениме овој совет, треба да ги ограничиме нашите желби и да бидеме среќни кога се задоволени нашите потреби. Ако настојуваме да ја задоволиме нашата желба за повеќе, ќе ни биде тешко да го поедноставиме животот (Марко 4:19).
Рене научила да биде задоволна со она што го има откако стекнала пореалистично гледиште за својата ситуација. Таа вели: „Никогаш не останавме без струја или огрев ниту, пак, бевме исфрлени на улица. Вистинскиот проблем беше тоа што не бевме навикнати на ваков живот и мојата нереална желба да живееме како порано само ми ги зголемуваше грижите“.
По кратко време, Рене сфатила дека нејзиниот став, а не околностите, е причината што ситуацијата ѝ изгледала неподнослива. „Морав да ја прифатам реалноста таква каква што е, наместо да размислувам каква би сакала да биде“, вели таа. „Откако научив да бидам задоволна со она што Бог ни го дава секој ден, станав многу посреќна.“
Прашај се: ‚Дали се задоволени моите денешни потреби? Ако да, можам ли да мислам само на денес, уверен дека потребите ќе ми бидат задоволени и утре?‘
Исправниот став е првиот неопходен чекор за да се справиме со намалениот буџет.a Кои други чекори можеш да ги преземеш ако приходот ти се намалил поради невработеност?
[Фуснота]
a Нешто повеќе за тоа како да најдеш и да задржиш работа можеш да прочиташ во Разбудете се! од 8 септември 2005, страници 3-11.
[Рамка на страница 5]
Упорноста се исплаќа!
Откако со седмици безуспешно барал работа, Фред помислил дека нема излез. „Тоа беше како да чекаш превоз на автобуска постојка, а никој не доаѓа“, вели тој. Фред решил да го земе во свои раце она што можел да го контролира — своите постапки. Испратил кратка биографија во сите фирми за кои постоела и најмала можност да имаат потреба од неговата струка. Ги проследил сите одговори што ги добил и добро се подготвувал за секое интервју, уверен дека „замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5). Тој вели: „Во една фирма, двапати бев подложен на ‚вкрстено испрашување‘, и тоа од страна на главните раководители“. Но, неговата упорност се исплатила. „Ме примија на работа!“ вели тој.
[Рамка/слика на страница 6]
Нешто многу поважно од пари
Што ти е поважно — твојот карактер или твојот приход? Размисли за следниве библиски изреки.
„Подобар е сиромавиот што живее непорочно отколку оној што е расипан на патиштата свои, макар и да е богат“ (Изреки 28:6).
„Подобро е јадење од зеленчук таму каде што има љубов отколку згоен јунец таму каде што има омраза“ (Изреки 15:17).
Овие изреки јасно покажуваат дека губењето на приходот не мора да те сруши како личност. Кога сопругот на Рене ја изгубил работата, таа им рекла на своите деца: „Многу татковци ги напуштаат своите семејства. Но, татко ви сѐ уште е со нас. Свесни сте колку ве сака и колку ви помага кога имате проблеми. Не би можеле да имате подобар татко!“