Младите прашуваат
Спремен ли сум да се иселам од дома?
››Понекогаш ми се чини дека луѓето ме гледаат со потценување бидејќи сѐ уште живеам дома иако имам 19 години. Како да нема да станам полнолетна ако не живеам одвоено‹‹ (Кејти)a
››Иако имам речиси 20 години, не можам да го живеам животот како што јас сакам. Размислувам да се иселам од дома бидејќи ми здосади родителите постојано да ги игнорираат моите желби и да ми кажуваат што треба да правам‹‹ (Фиона)
ДОЛГО пред да бидеш спремен да се иселиш од дома, може да почувствуваш желба за самостоен живот. Таквото чувство е нормално. Всушност, Божјата првобитна намера била младите да созреат и, со текот на времето, да ги напуштат родителите за да основаат свое семејство (1. Мојсеева 2:23, 24; Марко 10:7, 8). Сепак, дали тоа што имаш желба за поголема слобода значи дека е дојдено времето и да ја оствариш? Можеби. Но, како ќе знаеш дали си навистина спремен за тој чекор? Размисли за следниве три важни прашања. Прво прашање:
Кои се моите мотиви?
За да ти биде јасно зошто сакаш да се иселиш од дома, подреди ги по важност можните причини наведени на списокот што следи.
․․․ Да побегнам од домашните проблеми
․․․ Да имам поголема слобода
․․․ Пријателите да имаат подобро мислење за мене
․․․ Да му излезам во пресрет на еден пријател кој бара цимер
․․․ Да помагам како доброволец на друго место
․․․ Да стекнам искуство
․․․ Да им го олеснам финансискиот товар на родителите
․․․ Друго ․․․․․
Овие причини не се лоши сами по себе. Меѓутоа, мотивот за твоето заминување од дома може силно да се одрази на тоа колку среќен ќе бидеш откако ќе ја оствариш својата намера. На пример, ако се селиш само за да побегнеш од домашните проблеми или за да имаш поголема слобода, најверојатно ќе се разочараш!
Даниела, која си заминала од дома на 20 години, научила многу од своето искуство. Таа вели: „Сите мораме да живееме со некакви ограничувања. Кога живееш одвоено, ограничувањата ти ги наметнуваат работните обврски или финансиските можности“. Кармен, која отишла да живее во странство шест месеци, вели: „Уживав во новите околности, но честопати имав чувство дека немам слободно време! Морав редовно да работам низ дома — да го чистам станот, да вршам поправки, да ја одржувам градината, да перам, да го чистам подот итн.“
Точно е дека со иселувањето од дома ќе добиеш поголема слобода, а можеби и пријателите ќе имаат подобро мислење за тебе. Но, ти си тој што ќе треба да ги плаќа сметките, да готви, да чисти и да го исполни времето кога пријателите и семејството нема да бидат покрај тебе. Затоа, немој под влијание на другите да донесеш избрзана одлука (Изреки 29:20). Дури и да имаш оправдани причини да се иселиш, добрите намери нема да бидат доволни за да се снајдеш надвор. Треба да си способен сам да се грижиш за себеси. Ова нѐ води до второто прашање, имено:
Дали сум спремен?
Иселувањето од дома може да се спореди со пешачење низ дивина. Дали би тргнал низ дивината ако не знаеш да поставиш шатор, да запалиш оган, да готвиш или да читаш карта? Се разбира дека не! Сепак, многу млади се иселуваат од дома без речиси никакви вештини кои им се потребни за да водат домаќинство.
Мудриот цар Соломон рекол дека „паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). За да провериш дали си спремен за самостоен живот, разгледај ги следниве поднаслови. Стави ✓ до вештините што ги имаш и ✘ до оние што треба да ги стекнеш.
◯ Ракување со пари „Никогаш не сум морала сама да плаќам за ништо“, вели Серена (19). „Се плашам од помислата да се иселам од дома и да треба сама да водам сметка за парите“. Како можеш да научиш да ракуваш со пари?
Една библиска изрека гласи: „Мудриот ќе слуша и повеќе ќе научи“ (Изреки 1:5). Би можел да ги прашаш родителите колкави се според нив месечните трошоци за едно лице — колку би требало да плати за кирија или за станбен кредит, за храна, за користење и одржување на автомобил или за друг превоз, итн. Потоа, замоли ги да те научат како да ги планираш своите пари и како да ги плаќаш сметките. Зошто е важно да научиш да живееш во рамките на своите можности? Кевин (20) вели: „Кога живееш надвор од дома, ти излегуваат многу непредвидени трошоци. Ако не внимаваш, ќе капнуваш од работа само за да ги вратиш долговите“.
Би сакал ли да видиш како ќе изгледа да живееш надвор од дома? Ако имаш работа, извесно време плаќај им на родителите секој месец за храна, ноќевање и за други трошоци. Ако не можеш или не сакаш да го правиш тоа додека си дома, тогаш не си вистински спремен за самостоен живот (2. Солуњаните 3:10, 12).
◯ Работа низ дома Брајан (17) вели дека она од кое најмногу се плаши е дека, ако се исели од дома, ќе мора сам да се пере. Како да знаеш дали си спремен да се грижиш за себе? Арон (20) го дава следниов предлог: „Обиди се една седмица да живееш како да си надвор. Јади исклучиво храна што сам си ја зготвил и си ја купил од твои пари. Носи облека што самиот си ја испрал и си ја испеглал. Чисти сам. И, обиди се самиот да се снајдеш за превоз, без да ти помагаат родителите“. Овој предлог ќе ти помогне на два начина: 1) ќе развиеш корисни вештини и 2) повеќе ќе го цениш трудот на твоите родители.
◯ Разбирање со другите Се сложуваш ли добро со родителите, со брат ти и/или со сестра ти? Ако не, можеби си мислиш дека животот ќе ти биде многу полесен ако живееш со некој пријател. Иако тоа е можно, размисли за она што го вели Ева (18): „Две мои другарки отидоа заедно под стан. Беа најдобри пријателки, но едноставно не можеа да живеат заедно. Едната беше уредна, а другата не. Едната беше духовно настроена, другата не толку. Едноставно не им одеше“.
Ерин (18) сака да си замине од дома. Сепак, таа вели: „Додека живееш со родителите, можеш многу да научиш како да се сложуваш со другите. Учиш како да ги решаваш проблемите и како да попушташ. Сум забележала дека оние што се иселуваат од дома за да избегнат несогласување со родителите, всушност, бегаат од конфликти, а не учат како да ги решаваат“.
◯ Духовни навики Некои си заминуваат од дома бидејќи не сакаат да бидат активни во религијата на своите родители. Други имаат искрена желба да продолжат редовно да ја проучуваат Библијата и да учествуваат во други духовни активности, но по кратко време стекнуваат лоши навики. Како да избегнеш „бродолом во верата“? (1. Тимотеј 1:19).
Немој без размислување да ги прифатиш религиозните верувања на твоите родители. Јехова Бог сака да утврдиме дали е исправно она во што веруваме (Римјаните 12:1, 2). Затоа, стекни и задржи навика редовно да ја проучуваш Библијата и да учествуваш во други аспекти од службата за Бог. На еден календар би можел да си направиш план со духовни активности и да видиш дали ќе можеш да го следиш еден месец без да те потсетуваат родителите.
Третото и последно прашање за кое би било добро да размислиш е:
Која е мојата цел?
Некои си заминуваат од дома само за да побегнат од проблемите или да се ослободат од авторитетот на своите родители. Толку им е битно да излезат од дома, што се концентрираат само на она што ќе го оставаат зад себе, а воопшто не мислат на она што ги чека. Но, ова е исто толку неразумно колку што би било неразумно да возиш гледајќи само во ретровизорот. Кога еден возач се концентрира на она што е зад него, не може да гледа пред себе. Што можеме да научиме од овој пример? За да бидеш успешен, немој да се концентрираш само на твоето заминување од дома — насочи го вниманието на некоја вредна цел.
Некои полнолетни Јеховини сведоци се преселиле за да проповедаат на изолирани подрачја во нивната земја, па дури и во странство. Други се селат за да помогнат при изградбата на верски објекти или да работат во некоја од подружниците на Јеховините сведоци. Трети, пак, сакаат да живеат сами извесно време пред да стапат во брак.b
Наведи една цел што би сакал да ја постигнеш откако ќе се иселиш од дома.
Има млади што останале дома предолго и не ги стекнале зрелоста и вештините што се потребни за самостоен живот. Сепак, не избрзувај со својата одлука. Размисли добро. „Замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“, вели Библијата, „а секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“ (Изреки 21:5). Слушај ги советите на твоите родители (Изреки 23:22). Моли се за тоа. И, додека размислуваш, земи ги предвид библиските начела што беа обработени во оваа статија.
Прашањето за кое треба да размислиш не е: ‚Дали сум спремен да се иселам од дома?‘, туку: ‚Дали сум способен да се грижам сам за себе?‘ Ако одговорот на второто прашање е „да“, тогаш можеби е време да се одвоиш од родителите.
[Фусноти]
a Некои имиња во оваа статија се сменети.
b Во некои култури е вообичаено детето, а посебно ќерката да остане дома сѐ додека не се омажи. Библијата не дава конкретен совет за ова.
РАЗМИСЛИ
● Како може да ти помогне тоа што извесно време ќе останеш да живееш дома дури и ако ти е тешко да живееш со семејството?
● Што можеш да сториш додека си дома за да им бидеш од помош на другите во семејството, а воедно и да се оспособиш за самостоен живот?
[Рамка/слики на страница 11]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
››Кога родителите ти даваат обврски — какви што би имал ако не живееш со нив — тоа е најдобар начин да научиш како да водиш самостоен живот‹‹
››Нормално е да сакаш да се осамостоиш. Но, ако се селиш само за да се ослободиш од правилата, тогаш не си спремен за таков чекор‹‹
[Слики]
Сара
Арон
[Рамка на страница 13]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ
Серена, која ја цитиравме во почетокот на оваа статија, се плаши да си замине од дома. Зошто? Таа вели: „Дури и кога сакам да купам нешто со свои пари, татко ми не ми дозволува. Тој вели дека тоа е негова работа. Затоа, се плашам од помислата сама да си ги плаќам сметките“. Несомнено, татко ѝ на Серена е добронамерен, но дали мислиш дека тој ѝ помага на својата ќерка еден ден да води домаќинство? (Изреки 31:10, 18, 27).
Дали можеби твоите деца се претерано заштитени, а со тоа и неподготвени за идните обврски? Како можеш да дознаеш? Размисли за четирите вештини обработени во оваа статија, но од гледна точка на еден родител.
Ракување со пари. Дали твоите поголеми деца знаат како се плаќаат сметките за режиски трошоци или за други давачки? (Римјаните 13:7). Дали можат одговорно да користат кредитни картички? (Изреки 22:7). Знаат ли да ја распределат својата плата, а потоа да трошат во рамките на своите можности? (Лука 14:28-30). Дали го почувствувале задоволството да купат нешто со пари што самите ги заработиле? Го доживеале ли уште поголемото задоволство што произлегува од тоа да трошат од своето време и средства за да им помагаат на другите? (Дела 20:35).
Работа низ дома. Дали твоите ќерки и синови знаат да готват? Си ги научил ли да перат и да пеглаат? Ако возат автомобил, можат ли безбедно да сменат осигурувач, масло, дупната гума и слично?
Разбирање со другите. Дали, кога твоите поголеми деца имаат несогласувања, секогаш се вмешуваш за да ги смириш или си ги научил самите да најдат мирно решение, а потоа да ти кажат како го решиле проблемот? (Матеј 5:23-25).
Духовни навики. Дали им кажуваш на твоите деца што да веруваат или им помагаш самите да се уверат во тоа? (2. Тимотеј 3:14, 15). Наместо секогаш да одговориш на нивните прашања во врска со религијата и моралот, дали ги учиш да стекнат „способност за расудување“ и ‚да ја извежбаат својата моќ на согледување за да разликуваат добро и зло‘? (Изреки 1:4; Евреите 5:14). Би сакал ли да ги следат твоите навики на лично проучување на Библијата? Би сакал ли тие да имаат и подобри навики од тебе?
За да ги оспособиш твоите деца на сите овие подрачја, несомнено се потребни време и значителен напор. Но, сето тоа ќе се исплати кога ќе дојде ден да си заминат од дома.
[Слика на страница 12]
Иселувањето од дома може да се спореди со пешачење низ дивината — пред да тргнеш на пат, треба да стекнеш вештини за преживување