Поглед во светот
Според едно истражување, околу 10,3 отсто од машките во Бразил на возраст од 15 до 64 години кои се сексуално активни, во последните 12 месеци имале полови односи со барем едно лице што го запознале преку интернет (МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО НА БРАЗИЛ).
Северниот Леден Океан долго време бил прекриен со огромни слоеви мраз дебели и до 80 метри. Денес, таквиот „напластен мраз... речиси го нема. Ваквата неочекувана појава ќе овозможи низ поларните предели да пловат бродови“ (НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „РОЈТЕРС“, КАНАДА).
Москва и Ватикан најавија воспоставување на целосни дипломатски односи (RIA NOVOSTI, РУСИЈА).
„Во периодот помеѓу 2000 и 2007 год.“, Килиманџаро, највисоката планина во Африка, „изгуби 26 отсто од вечниот мраз со кој беше прекриена“ (DAILY NATION, КЕНИЈА).
Депресивни индивидуалисти
Според истражувачите, Британија е „најиндивидуалистичкото општество во светот, општество во кое поединецот е најважен од сѐ“, известува лондонскиот весник Daily Telegraph. Едно друго истражување покажа дека Британците се погодени од најлошите видови депресија и анксиозност. Некои стручњаци гледаат поврзаност помеѓу индивидуализмот и депресијата. Во истражувањата беа споредени западните општества со оние во Кина и Тајван. Изгледа дека тоа што вторите го ставаат доброто на општеството пред интересите на поединецот, го штити менталното здравје на луѓето. Во западните земји, „себичното општество... нѐ прави депресивни“, вели Telegraph.
Шведската црква одобри истополови венчавки
Во октомври 2009 год., Шведската лутеранска црква одобри хомосексуални венчавки во црква. Одлуката беше донесена откако, само неколку месеци пред тоа, парламентот на Шведска изгласа закон со кој се дозволува стапување во брак на лица од ист пол. „Ова значи дека Шведската црква е една од првите поголеми цркви во светот која отстапи од традиционалното гледиште за бракот како заедница помеѓу маж и жена“, вели весникот Dagens Nyheter.
На кој јазик плачат бебињата?
Според истражувачите од Универзитетот Вирцбург во Германија, уште од вториот ден од животот, бебињата плачат според мелодијата на нивниот мајчин јазик. Тие снимиле плач на 30 француски и 30 германски новороденчиња и ја анализирале фреквенцијата, мелодиската контура и интонацијата. Плачот на француските бебиња честопати почнува со пониска интонација која потоа се движи нагоре, а плачот на германските бебиња честопати почнува со висока интонација која потоа се спушта. И двете групи бебиња ги имитирале мелодиските контури типични за јазикот на нивните родители. Затоа, се смета дека развојот на говорот почнува уште од утробата и дека првиот говор на бебето е неговиот плач.