Набљудување на светот
Во Грузија се засилува религиозната нетолеранција
„Денес Јеховините сведоци планираа летен верски состанок на една полјана во близина на речниот канал, но ноќта пред тоа дојде толпа луѓе“, стои во еден извештај во The New York Times. „Повеќе од дваесет луѓе што носеа крстови на Православната црква на Грузија пристигнаа со автобуси и го опљачкаа домот на домаќинот, Ушанги Бунтури. Во дворот натрупаа Библии, верски трактати и сѐ што му припаѓаше на г-н Бунтури и ги запалија . . . Базенот за крштавање го наполнија со дизел гориво. Дојде и полицијата, вклучувајќи го и локалниот командир на полицијата . . . Никој не беше уапсен . . . Нападите се случија како по сценарио“. Иако постои верска нетрпеливост „во многу поранешни републики на Советскиот Сојуз, вклучувајќи ја и Русија“, стои во Times, „Грузија се издвојува по интензитетот на насилството кон верските малцинства и по доказот за соучество на службени лица во нападите. Грузија гарантираше слобода на религијата во својот Устав донесен по распаѓањето на Советскиот Сојуз. Сепак, во сѐ поголемото насилство имаше десетици напади од толпи, подметнати пожари и тепања“.
Слаба обука за брак
Повеќе од 40 проценти од двојките што живеат заедно пред да стапат во брак се разведуваат пред десеттата годишнина, известува Daily News од Њујорк. И податоците до кои дојде Државниот центар за статистика во областа на здравството покажуваат дека кај двојките што живеат во див брак пред да се венчаат и остануваат во брак подолго од десет години постои двапати поголема веројатност на крајот да се разведат. „Ако еден маж и една жена размислуваат да живеат заедно [и] не сметаат дека е исправно да живеат во див брак“, вели Метју Брамлет, главен автор на тој извештај, „тие се луѓе што веројатно нема да се разведат.“ Освен тоа, изгледа дека луѓето што живеат заедно пред брак „се помалку спремни да работат на тоа да ја спасат врската“, наведува брачниот советник Елис Стивенс.
Користи од доењето
„Едноставно нема подобра храна за новороденчињата“ од мајчиното млеко, пишува неврохирургот д-р Сањеј Гупта во списанието Time. „Бебињата што се доени, поретко лежат во болница, поретко добиваат ушни инфекции, дијареа, осип, алергии и поретко имаат други здравствени проблеми отколку доенчињата што се хранат од шише.“ Исто така, се известува дека доењето штити од болести на дишните органи. Со едно истражување во Данска се дошло до заклучок дека „возрасните што како бебиња биле доени седум до девет месеци имаат повисок коефициент на интелигенција од оние што биле доени две или помалку седмици“. Американската академија за педијатрија препорачува детето да се дои барем шест месеци, а ако е можно една година или подолго. „Всушност, бебињата не се единствените на кои им користи доењето“, вели U.S.News & World Report. Едно истражување извршено на 150.000 жени во 30 земји откри дека „со секоја година што дои, жената го намалува за 4,3 проценти ризикот да добие рак на дојката“. Сепак, „само половина од мајките во Америка дојат, во просек два до три месеци“.
Семејните односи можат да помогнат да се спречи злоупотреба на дрога
Една анкета на тинејџери во Британија, Германија, Ирска, Италија и Холандија „покажува дека квалитетот, односно неквалитетот на семејниот живот лежи во коренот на проблемите со дрогата кај многу млади луѓе во западното општество“, рекол истражувачот д-р Пол Мекардел од Универзитетот Њукасл (Англија). Како што беше известено во лондонскиот The Daily Telegraph, кога младите луѓе живееле со двата родитела и нивните семејни односи биле многу квалитетни, особено односот со мајката, станале наркомани само 16,6 проценти. Но, кога не биле присутни тие фактори, дрога замале 42,3 проценти. „На телевизија јасно им ги изнесуваме на децата опасностите од злоупотребата на дрогата и покренуваме иницијатива за преземање мерки за заштита од дрогата во училиштата, но изгледа дека никој вистински не се зафаќа со проблемот на одговорноста на родителите“, рекол Мекардел. „Сметам дека ефикасната заштита од употребата на дрога повеќе е поврзана со семејните односи отколку со кој и да е друг фактор.“
Песимизам и покрај богатството и здравјето
И покрај тоа што еден извештај покажа дека во 2001 „економските и општествените услови се подобруваат веќе трета година по ред“, Канаѓаните сѐ уште се песимисти во врска со иднината, вели The Toronto Star. Истражувачите на Канадскиот совет за општествен развој откриле дека „Канаѓаните се чувствуваат понесигурни во финансиски поглед, се наоѓаат под поголем стрес на работното место, помалку се уверени дека заштитната мрежа во општеството ќе им биде од помош и поизложени се на криминал“. Некои од наведените причини за загриженост се „покачувањето на платите што едвај држи чекор со инфлацијата, поголемите долгови . . . долгите листи на чекање за некои здравствени лекувања, поголемите трошоци за лекови, почестите повреди во сообраќајни несреќи и неоправданиот страв дека тешкиот криминалот се зголемува“. Авторите на тој извештај наведуваат: „Ако безбедноста ја дефинираме како состојба на умот, тогаш одиме во погрешен правец“.