Атеистите во напад
ВО ОПШТЕСТВОТО се појави нова група атеисти позната како „нови атеисти“. Бидејќи не сакаат своите ставови да ги задржат лично за себе, поведоа вистинска кампања. „Активно, гневно и страсно се обидуваат да ги убедат побожните да го прифатат нивното гледиште“, пишува колумнистот Ричард Бернстајн. Нивна мета се дури и агностиците бидејќи според новите атеисти не постои никаква друга опција — за нив едноставно нема Бог, и точка!
„Светот треба да се разбуди од својот долг кошмар во кој го измачуваат разни верски убедувања“, вели нобеловецот Стивен Вајнберг. „Ние научниците треба да сториме сѐ што е во наша моќ за да го ослабиме влијанието на религијата. Тоа би можело да биде нашиот најголем придонес за цивилизацијата.“ Едно средство што новите атеисти го користат за да ја постигнат својата цел е пишаниот збор. Со своите книги, кои станаа бестселери, побудија огромен интерес кај читателите.
За појавата на новите атеисти повод дала самата религија. На луѓето им е преку глава од екстремизмот, тероризмот и конфликтите што го измачуваат човештвото, а се последица на верски чувства. „Религијата е жив отров“, изјави еден водечки атеистички активист. Освен тоа, се вели дека во овој „отров“ спаѓаат сите верски убедувања, а не само екстремистичките гледишта. Новите атеисти велат дека главните религиозни верувања мора да бидат разоткриени како погрешни, отфрлени и заменети со логично размислување што се темели на факти. Луѓето не треба да се плашат отворено да зборуваат за „купиштата бесмислици кои им го загорчуваат животот“, а се наоѓаат во Библијата и во Коранот, пишува атеистот Сем Харис. „Повеќе не можеме да си дозволиме... своите гледишта да ги изразуваме само на дипломатски начин.“
Новите атеисти остро ја критикуваат религијата, а ѝ оддаваат голема чест на науката. Некои дури тврдат дека таа го побива постоењето на Бог. Но дали навистина е така? Дали воопшто би можела да го направи тоа? „Времето ќе покаже кој бил во право, а кој не“, вели г. Харис.
Што мислиш ти, кој ќе излезе дека бил во право? Вреди да размислиш и за следниве прашања: ‚Дали верувањето во Творец е лошо само по себе? Дали светот навистина би бил подобар кога сите би биле атеисти?‘ Прочитај што рекле за атеизмот, религијата и науката некои угледни научници и филозофи.