„Пораснав како атеист“
ПРОФЕСОР Франтишек Вискочил кој предава на Карловиот универзитет во Прага, е светски познат истражувач на полето на неврофизиологијата. Порано тој бил атеист, но сега е цврсто убеден дека Бог постои. Во интервју за Разбудете се!, проф. Вискочил објаснува зошто го сменил својот став.
Како гледавте на религијата пред да станете научник?
Пораснав како атеист, и мојот татко честопати ги исмејуваше свештениците. Во 1963 год., дипломирав на два факултета — по биологија и по хемија. Додека се школував, мислев дека теоријата на еволуција ја објаснува разноликоста во живиот свет.
Ќе ни кажете ли нешто повеќе за Вашата кариера?
Во склоп на моите постдокторски истражувања, ги проучував хемиските и електричните својства на нервните синапси. Освен тоа, ги проучував и невроните, клеточните мембрани, пресадувањето на нерви и методите за намалување или елиминирање на негативните реакции на организмот на одредена супстанција. Голем дел од резултатите беа објавени, и некои статии беа избрани како референтни дела. По некое време, бев избран од страна на моите колеги за член на Чешката академија на науките. По кадифената револуција од ноември-декември 1989 год., станав професор на Карловиот универзитет и ми беше дозволено да патувам во западните земји за да се среќавам со моите колеги, од кои некои беа нобеловци.
Дали некогаш сте размислувале за Бог?
На некој начин, да. Понекогаш се прашував зошто толку луѓе со високо образование, како што беа некои од моите професори, веруваат во Бог — иако отворено не го изразуваа својот став поради комунистичкиот режим. Меѓутоа, за мене, Бог беше човечка измислица. Исто така, бев огорчен поради ѕверствата направени во име на религијата.
Како го сменивте својот став кон еволуцијата?
Во еволуцијата се посомневав кога почнав да ги проучувам синапсите. Бев одушевен од неверојатната сложеност на овие наводно едноставни врски меѓу нервните клетки. Се прашував како е можно синапсите и генетските информации кои влијаат врз нив да настанале случајно. Немаше никаква логика.
Потоа, на почетокот од 1970-тите, имав можност да слушам предавање од еден познат руски научник и професор. Тој рече дека живите организми не можеле да настанат преку случајни мутации и природна селекција. Тогаш некој во публиката праша каде лежи одговорот. Професорот извади од палтото една мала Библија на руски, ја подигна и рече: „Читајте ја Библијата — посебно извештајот за создавањето во 1. Мојсеева“.
Подоцна, во фоајето, го прашав професорот дали го мислеше тоа сериозно. Во кратки црти, тој ми одговори: „Една едноставна бактерија може да се подели на секои 20-ина минути и содржи стотици различни протеини. Секој од нив содржи 20 аминокиселини подредени во низа од по неколку стотини. За да може една бактерија да еволуира преку корисни мутации, кои ќе се одвиваат една по друга, би требало да помине многу, многу повеќе време отколку три или четири милијарди години, колку што постои Земјата, како што тврдат многу научници“. Според него, библиската книга 1. Мојсеева дава многу пологично објаснување.
Како влијаеја врз Вас коментарите на професорот?
Неговите забелешки и моите сомнежи ме поттикнаа да разговарам за оваа тема со неколку побожни колеги и пријатели, но нивните гледишта не ми изгледаа убедливи. Потоа разговарав со еден фармаколог кој беше Јеховин сведок. Три години по ред, тој ни ја објаснуваше Библијата мене и на мојата сопруга, Ема. Бевме изненадени кога дознавме две работи — прво, дека традиционалното „христијанство“ нема ништо заедничко со Библијата и, второ, дека таа, иако не е научна книга, е во склад со вистинската наука.
Дали промената на ставот влијаеше негативно врз Вашето научно истражување?
Ни најмалку. Секој добар научник, без оглед на своите верувања, мора да биде колку што е можно пообјективен. Но, мојата вера ме промени мене. Како прво, наместо да имам прекумерна самодоверба, да се натпреварувам со другите и да бидам претерано горд на своите научни достигнувања, благодарен сум му на Бог за сите мои способности. Освен тоа, наместо заслугата за чудесните творби во природата неправедно да ѝ ја припишуваме на случајноста, јас и значителен број други научници се прашуваме: ‚Како Бог го создал ова?‘
[Истакната мисла на страница 9]
Јас и значителен број други научници се прашуваме: ‚Како Бог го создал ова?‘