Зошто сѐ повеќе луѓе го слават Божиќ?
ДАЛИ веќе се радуваш на божиќните празници или самата помисла на нив те оптоварува? Милиони луѓе се прашуваат: ‚Кому треба да му купам подарок? Што да купам? Ќе имам ли доволно пари? Колку време ќе треба да ги отплаќам долговите?‘
И покрај ваквите грижи, Божиќ останува омилен празник. Всушност, се слави дури и во нехристијански земји. Денес повеќето семејства во Јапонија го слават Божиќ — не затоа што за нив има некакво верско значење, туку затоа што е прилика за веселба. Во списанието The Wall Street Journal стои дека, во големите градови во Кина, „веселиот Дедо Мраз со румени образи се смее од плакатите излепени по излозите“. Во истото списание понатаму стои: „Божиќната треска ги зафати припадниците на средната класа која од неодамна се појави во оваа земја. Божиќ им служи како изговор да купуваат, да јадат и да се забавуваат“.
Во многу земји, Божиќ во голема мера го поттикна растот на стопанството. Тоа може да се каже особено за Кина, која стана „најголем извозник на пластични елки, светкави ленти, сијалички и други божиќни украси“, стои во The Wall Street Journal.
Во земјите во кои поголемиот дел од населението е од муслиманска вероисповед се слават празници кои наликуваат на Божиќ, иако повеќето од нив не се паѓаат на 25 декември. Во Анкара (Турција) и во Бејрут (Либан) не е невообичаено во излозите да се видат богато украсени елки и завиткани подароци. Во Индонезија, хотелите и трговските центри организираат различни празнични активности, кога децата можат да јадат или да се сликаат со Дедо Мраз.
Во западните земји, Божиќ сѐ повеќе станува световен празник. Сѐ се врти околу парите, а во многу реклами „децата се искористуваат како главна целна група“, известува Royal Bank of Canada. Точно, некои сѐ уште одат во црква на божиќна литургија. Но, во последно време, наместо во црква, повеќето одат во трговските центри во кои ечат божиќни песни. Што довело до ваквата појава? Дали можеби ова има некаква врска со потеклото на Божиќ? Кои се неговите корени?
Пред да ги разгледаме овие прашања, би било добро да ги прочиташ библиските извештаи на кои наводно се заснова приказната за Рождеството Христово.
[Рамка/слика на страница 4]
ШТО ВЕЛАТ ПИСАТЕЛИТЕ НА ЕВАНГЕЛИЈАТА
Апостол Матеј: „Кога се роди Исус во јудејски Витлеем, во деновите на цар Ирод, во Ерусалим дојдоа познавачи на ѕвездите од исток и почнаа да се распрашуваат: ‚Каде е еврејскиот цар кој се роди? Зашто, ја видовме неговата ѕвезда кога бевме на исток и дојдовме да му се поклониме‘. Кога го чу тоа, цар Ирод се вознемири... И ги собра сите свештенички поглавари, па ги испрашуваше каде треба да се роди Христос“. Штом дозна дека ќе се роди во „Витлеем“, Ирод им рече на астролозите: „Одете и добро распрашајте се за детето. Кога ќе го најдете, јавете ми“.
„Откако го ислушаа царот, тргнаа. И гледај, ѕвездата што ја видоа кога беа на исток одеше пред нив сѐ додека не застана над местото каде што беше детето... И влегоа во куќата и го видоа детето со Марија, неговата мајка.“ Тогаш му дадоа дарови на Исус. Но, „Бог ги предупреди на сон да не се враќаат кај Ирод“. Затоа „се вратија во својата земја по друг пат“.
„Кога си заминаа, на Јосиф на сон му се појави Јеховин ангел и му рече: ‚Стани, земи ги детето и мајка му, па бегај во Египет...‘ Така тој стана ноќе, ги зеде детето и мајка му и замина... Кога виде дека познавачите на ѕвездите го изиграле, Ирод многу се разгневи и испрати луѓе во Витлеем и во целата негова околина да ги убијат сите машки деца од две години надолу“ (Матеј 2:1-16).
Ученикот Лука: Јосиф „отиде од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во Давидовиот град, наречен Витлеем... за да се попише со Марија... Додека беа таму... [таа] го роди својот син, првородениот, го пови и го положи во јасли, бидејќи во ноќевалиштето немаше место за нив.
Во тој крај имаше и овчари кои живееја надвор и чуваа ноќна стража над своите стада. Одеднаш Јеховин ангел застана покрај нив... а тие многу се уплашија. А ангелот им рече: ‚Не плашете се! Еве, ви објавувам добра вест за една голема радост за сите луѓе, бидејќи денес во Давидовиот град ви се роди Спасител — Христос, Господарот‘“. Тогаш овчарите „брзо отидоа и ги најдоа Марија и Јосиф, и детето положено во јаслите“ (Лука 2:4-16).