Божиќните обичаи — дали се христијански?
БОЖИЌНАТА сезона пристигна. Што ти значи таа тебе, на твоето семејство и на твоите другари? Дали е тоа духовна прилика, или само еден празничен и забавен период? Дали е тоа време да се размислува за раѓањето на Исус Христос или време кога не се води сметка за христијанските норми?
При разгледувањето на овие прашања, задржи на ум дека божиќните традиции може да се разликуваат во зависност од местото на живеење. На пример, во Мексико и во другите латиноамерикански земји, дури и името е различно. Ла Навидад, односно Раѓањето, како што се нарекува во тие земји, укажува на раѓањето на Христос. Разгледај накратко некои детали од Мексико. Ова може да ти помогне да го обликуваш своето мислење во врска со оваа празнична сезона.
Посади, „тројцата мудреци“, и Насимиенто
Свеченостите започнуваат на 16 декември со посадите. Книгата Mexico’s Feasts of Life (Мексиканските прослави на животот) коментира: „Време е на посадите, деветте волшебни денови кои водат до Бадник, во кои се комеморира осаменото лутање на Јосиф и Марија во градот Витлеем и моментот кога најпосле нашле љубезност и засолниште. Семејствата и пријателите се собираат секоја вечер за да ги одиграат сцените од деновите кои претходеле на раѓањето на Христос“.
Традиционално, група луѓе носат кипови на Марија и Јосиф, одат во еден дом и со песна бараат засолниште, или посади. Оние кои се во куќата одговараат со песна сѐ додека на посетителите конечно не им се дозволи да влезат. Потоа започнува забава во која некои — со врзани очи и со стап во рака — наизменично се обидуваат да ја скршат пињата, големо декорирано грне кое виси на едно јаже. Кога ќе се скрши, учесниците во прославата го собираат она што се наоѓа во него (бонбончиња, овошје и слично). Ова е проследено со јадење, пиење, музика и танцување. Осумте посада забави се одржуваат од 16 до 23 декември. На 24 декември, се прославува ночебуена (Бадник), а семејствата вложуваат напори да бидат заедно на една посебна вечера.
Набрзо доаѓа Нова година, која се прославува со многу бучни забави. Вечерта на 5 јануари, се очекува Трес реис магос („тројца мудреци“) да им донесат играчки на децата. Кулминација на сето тоа е една забава на 6 јануари, кога се послужува роска де реис (тркалезен колач). Додека се јаде овој колач, некој во своето парче наоѓа кукличка која го претставува бебето Исус. Оној што ќе ја најде е обврзан да ја организира и да биде домаќин на финалната забава на 2 февруари. (На некои места има три куклички кои ги претставуваат „тројцата мудреци“.) Како што можеш да видиш, забавата во врска со Божиќ тече непрекинато.
Во овој период посебно е истакнато насимиенто (сцена на раѓањето). Што сѐ е вклучено во ова? Па, на јавни места, како и во црквите и домовите, се поставуваат сцени со фигури (големи или мали) направени од керамика, дрво или глина. Тие ги претставуваат Јосиф и Марија како клечат до јасли каде се наоѓа новороденче. Честопати има и овчари и Лос реис магос („мудреците“). Сцената е една штала, која може да ја потполнат и некои животни. Меѓутоа, централна фигура е новороденчето, на шпански наречено ел нињо Диос (Детето Бог). Оваа клучна фигура може да се стави таму на Бадник.
Поглед одблизу на традициите за раѓањето
Во врска со божиќната прослава која е општопозната низ целиот свет, The Encyclopedia Americana вели: „Повеќето од обичаите кои сега се поврзани со Божиќ во почетокот не биле божиќни обичаи туку претхристијански или нехристијански обичаи кои ги присвоила христијанската црква. Сатурналија, римски празник кој се славел во средината на декември, станала пример за многу од веселите обичаи на Божиќ. Од оваа прослава, на пример, потекнува деталното и накитено празнување, давањето подароци и палењето свеќи“.
Во Латинска Америка се следат овие главни обичаи за Раѓањето, заедно со уште некои други. ‚Од каде потекнуваат?‘, можеби се прашуваш. Да бидеме искрени, многумина кои сакаат да се придржуваат за Библијата признаваат дека некои обичаи не се ништо друго освен астечки обреди. El Universal, весник во Мексико Сити, коментирал: „Фратри од различни редови го искористиле фактот што свеченостите во индијанскиот ритуален календар се совпаѓале со католичкиот литургиски календар, и така го употребиле ова за да го поддржуваат своето евангелизаторско и мисионерско дело. Прославите во чест на пред-латиноамериканските божества ги замениле со свечености во чест на христијанските божества, вовеле европски свечености и активности, искористувајќи ги и индијанските свечености, што довело до еден културен синкретизам од кој произлегол автентичниот мексикански израз“.
The Encyclopedia Americana објаснува: „Прикажувањето на раѓањето уште рано станало дел од божиќната прослава . . . Се вели дека прикажувањето на сцената од јаслите во црквата го започнал Свети Фрањо“. Ваквите прикажувања на раѓањето на Христос се изведувале во црквите во почетокот на колонизацијата на Мексико. Нив ги организирале фратарски калуѓери со цел да ги поучуваат Индијанците за Раѓањето. Подоцна станале попопуларни посадите. Сеедно каква била првобитната намера зад нив, начинот на кој се одржуваат посадите денес зборува сам за себеси. Ако во текот на оваа сезона се најдеш во Мексико, можеш да видиш или да осетиш нешто што еден писател за El Universal го истакнал во својот коментар: „Посадите, кои претставувале еден начин да бидеме потсетени на аџилакот на Исусовите родители кои барале засолниште каде што требало да се роди Детето Бог, денес се само денови на пијанство, претерување, ненаситност, безделничење и сѐ поголем криминал“.
Идејата за насимиенто произлегла од првобитните прикажувања во живо во црквите, за време на колонизацијата. Иако таа на некои им е привлечна, дали исправно го претставува она што го кажува Библијата? Ова прашање е на место. Кога таканаречените тројца мудреци — кои всушност биле астролози — дошле во посета, Исус и неговото семејство повеќе не живееле во штала. Било поминато извесно време, и семејството живеело во куќа. Ќе биде интересно да го забележиш овој детаљ од инспирираниот запис во Матеј 2:1, 11. Исто така, можеш да забележиш дека Библијата не кажува колку астролози биле таму.a
Во Латинска Америка, тројцата мудреци се замена на идејата за Дедо Мраз. Сепак, како што се прави и во други земји, многу родители дома кријат играчки. Потоа, на 6 јануари наутро, децата ги бараат, како да им ги донеле тројцата мудреци. Тоа е профитабилно време за продавачите на играчки, и некои од нив се збогатиле од она што многу луѓе со искрени срца го сметаат само како чиста фантазија. Митот за тројцата мудреци ја губи веродостојноста меѓу значителен број луѓе, па дури и меѓу малите деца. Иако некои се незадоволни поради тоа што со овој мит ги губат верниците, што може да се очекува од фантазија која се одржува само заради традиција и комерцијална корист?
Раните христијани не го славеле Божиќ, или Раѓањето. Една енциклопедија во врска со тоа вели: „Прославата не била одбележувана во првите векови на христијанската црква, бидејќи христијанска практика главно била да се прославува смртта на истакнати личности, а не нивното раѓање“. Библијата ја поврзува прославата на родендени со паганите, а не со вистинските обожаватели на Бог (Матеј 14:6—10).
Ова, секако, не значи дека не е корисно да се научат и запомнат вистинските настани вклучени во раѓањето на Божјиот Син. Фактичниот библиски извештај дава важен увид и поука за сите оние кои сакаат да ја вршат Божјата волја.
Раѓањето на Исус според Библијата
Веродостојни информации за раѓањето на Исус ќе најдеш во евангелијата на Матеј и Лука. Тие покажуваат дека ангелот Гавриел посетил една млада немажена жена по име Марија во галилејскиот град Назарет. Каква порака ѝ пренел? „Еве, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син, и треба да му го дадеш името Исус. Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Највишиот; и Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давида, неговиот татко, и тој ќе владее како цар над Јакововиот дом засекогаш, и неговото царство нема да има крај“ (Лука 1:31—33).
Марија многу се изненадила од оваа порака. Со оглед на тоа што не била мажена, рекла: „Како ќе биде тоа, кога немам односи со маж?“ Ангелот одговорил: „Светиот дух ќе дојде на тебе и силата на Највишиот ќе те засени. Затоа и она што ќе се роди, ќе се нарече свето, Божји Син“. Марија, увидувајќи дека тоа било Божја волја рекла: „Еве! Јеховина робинка! Нека биде со мене според твојата изјава“ (Лука 1:34—38).
Еден ангел му кажал на Јосиф за чудесното раѓање за тој да не се разведе од Марија, бидејќи планирал да направи така откако дознал за нејзината бременост. После ова тој бил спремен да ја преземе одговорноста да се грижи за Божјиот Син (Матеј 1:18—25).
Потоа, една одредба од цезарот Август ги натерала Јосиф и Марија да отпатуваат од Назарет (Галилеја) во Витлеем (Јудеја), градот на нивните прататковци, за да се попишат. „Додека беа таму, се навршија деновите таа да се породи. И го роди својот син, првородениот, и го пови во повои и го положи во јасли, бидејќи во ноќевалиштето немаше место за нив“ (Лука 2:1—7).
Во Лука 2:8—14 се опишува што следело потоа: „Во истиот тој крај имаше и овчари кои живееја на отворено и ноќе чуваа стража над своите стада. И одеднаш покрај нив застана Јеховин ангел, и Јеховината слава заблеска околу нив, и ги фати голем страв. Но ангелот им рече: ‚Не плашете се, зашто еве, ви објавувам добра вест на голема радост што ќе ја имаат сите луѓе, бидејќи денес во Давидовиот град ви се роди Спасител, кој е Христос Господ. А ова ви е знак: Ќе најдете доенче повиено во повои и положено во јасли‘. И одеднаш со ангелот се појави мноштво небесна војска која го фалеше Бог и велеше: ‚Слава на Бог на висините, а на земјата мир меѓу луѓето на добра волја‘“.
Астролозите
Извештајот на Матеј спомнува дека астролози од Исток дошле во Ерусалим барајќи го местото каде што се родил Царот на Евреите. Цар Ирод бил многу заинтересиран за ова — но не со добри намери. „Откако ги испрати во Витлеем, рече: ‚Одете и внимателно побарајте го малото дете, и кога ќе го најдете, јавете ми за да одам и јас и да му оддадам почит‘.“ Астролозите го нашле детенцето и ‚ги отвориле своите блага и му принеле дарови: злато, бел темјан и смирна‘. Но, не се вратиле повторно кај Ирод. „Насоне добија божествено предупредување да не се враќаат кај Ирод.“ Бог употребил ангел за да го предупреди Јосиф за намерите на Ирод. Тогаш Јосиф и Марија побегнале со својот син во Египет. Потоа, со цел да го елиминира новиот Цар, суровиот цар Ирод наредил да се убијат момчињата во подрачјето на Витлеем. Кои момчиња? Оние од две години па надолу (Матеј 2:1—16).
Што можеме да научиме од извештајот?
Астролозите кои дошле во посета — сеедно колку ги имало — не го обожавале вистинскиот Бог. Библискиот превод La Nueva Biblia Latinoamérica (издание 1989) во една фуснота наведува: „Мудреците не биле цареви туку гатачи и свештеници на паганска религија“. Тие дошле потпирајќи се на своето знаење за ѕвездите на кои им биле оддадени. Ако Бог сакал да ги води кај детенцето, ќе биле одведени на точното место без најпрвин да одат во Ерусалим и во палатата на Ирод. Подоцна, Бог интервенирал и го изменил нивниот правец со цел да го заштити детето.
За време на Божиќ овој извештај честопати е опкружен со митска и романтична атмосфера која ја засенува најважната работа: дека ова бебе се родило за да биде величествен Цар, како што им било објавено на Марија и на овчарите. Не, Исус Христос повеќе не е бебе ниту, пак, дете. Тој е владејачкиот Цар на Божјето Царство, кое наскоро ќе ги отстрани сите владетелства кои ѝ се противат на Божјата волја, и ќе ги реши сите проблеми на човештвото. Тоа е Царството за кое се молиме во Господовата молитва (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10).
Од она што ангелите им го изјавиле на овчарите учиме дека приликата за спасение им е отворена на сите кои се спремни да ја слушаат пораката за добрата вест. Оние кои ја добиваат Божјата наклоност стануваат ‚луѓе на добра волја‘. Постојат прекрасни изгледи за мир во целиот свет под Царството на Исус Христос, но луѓето мора да бидат спремни да ја вршат Божјата волја. Дали божиќната сезона придонесува за ова, и дали ја одразува таа желба? Многу искрени луѓе кои сакаат да ја следат Библијата сметаат дека одговорот е очигледен (Лука 2:10, 11, 14).
[Фуснота]
a Не треба да се игнорира ни еден друг детаљ: во мексиканското насимиенто, бебето се нарекува „Детето Бог“, што ја пренесува идејата дека самиот Бог бил тој кој дошол на Земјата како бебе. Меѓутоа, Библијата го претставува Исус како Божји Син кој се родил на Земјата; тој не бил ист или еднаков со Јехова, семоќниот Бог. Разгледај ја вистината за ова, изнесена во Лука 1:35; Јован 3:16; 5:37; 14:1, 6, 9, 28; 17:1, 3; 20:17.
[Рамка на страница 4]
НЕКОИ БИ СЕ ИЗНЕНАДИЛЕ
Во својата книга The Trouble With Christmas (Проблемот со Божиќ), авторот Том Флин ги изложил заклучоците до кои дошол по повеќе години истражување:
„Огромен број традиции кои сега ги поврзуваме со Божиќ имаат свои корени во претхристијанските пагански религиозни традиции. Некои од нив имаат социјални, сексуални или космолошки конотации кои би можеле да ги наведат образованите, културно осетливи современи луѓе да ги отфрлат традициите откако појасно ќе ги разберат нивните корени“ (страница 19).
Откако презентира мноштво поткрепувачки информации, Флин се враќа на основната поента: „Една од најголемите иронии на Божиќ е во тоа колку малку од неговата содржина е навистина христијанска. Откако ќе ги отфрлиме претхристијанските елементи, потеклото на поголемиот дел од она што преостанува е постхристијанско, а не автентично христијанско“ (страница 155).
[Слика на страница 7]
Објавувањето на Исусовото раѓање го подготвило теренот за неговата идна улога како Божји избран Цар