Дали религијата некогаш ќе донесе мир?
„ДА ГО направиме светот поубав. Да се ослободиме од религијата.“ Овој предлог го дал холандскиот филозоф Флорис ван ден Берг во своето предавање со наслов „Како да се ослободиме од религијата, и зошто?“ За укинување на религијата се залагаат и стручњаци од најразлични полиња во целиот свет.
„Светот треба да се разбуди од својот долг кошмар во кој го измачуваат разни верски убедувања“, вели нобеловецот и физичар Стивен Вајнберг. Во последниве години сѐ почесто се слуша идејата дека проблемите во светот може многу да се намалат ако се отстрани религијата. Има и сѐ повеќе книги кои зборуваат против религијата и кои се доста популарни.
Група врвни научници се состанаа затоа што сметаат дека итно мора да се направи нешто за да се отстрани религијата. Еден нов бран атеисти ги преплавуваат медиумите изразувајќи отворена омраза кон религијата. Дали овие почитувани интелектуалци се во право?
Има ли вистинска религија?
Ако сите религии промашуваат и ако не постои Бог, тогаш би било разумно да нема религија. Но, што ако Бог постои? Што ако има група луѓе кои вистински го застапуваат, кои ја имаат вистинската религија?
Ако внимателно се проучи историјата на религиите, може да се види дека има една религија која многу се разликува од сите други. Денес, релативно мал број луѓе припаѓаат на оваа религија. Нејзините основачи се Исус Христос и неговите апостоли. Но, таа нема никаква врска со она што со векови се прави во црквите на христијанскиот свет.
Во што се разликуваат христијанскиот свет и вистинската религија што ја основал Исус Христос? Во многу работи. Да разгледаме една од нив.
„Не е дел од овој свет“
Првите христијани не се мешале во политика. Ова е во склад со неутралниот став што го имал и Исус. Библијата кажува дека во најмалку две ситуации, Исус одлучно ги одбил понудите да стане политички водач (Матеј 4:8-10; Јован 6:15). Тој дури и ги прекорил своите ученици бидејќи посегнале по оружје во обид да го спречат неговото апсење (Матеј 26:51, 52; Лука 22:49-51; Јован 18:10, 11).
Кога римскиот управител на Јудеја му поставил на Исус неколку конкретни прашања во врска со тврдењата дека има политички амбиции, Исус јасно му одговорил: „Моето царство не е дел од овој свет. Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Очигледно, Исус не сакал да се меша во политиката и судирите во негово време.
Примерот на Исус го следеле и неговите ученици. Истражувањето во врска со улогата на религијата во војните, спомнато во претходните статии, објаснува: „Првите христијани верувале дека насилството не е решение... Повеќето од нив одбивале да служат војска и да војуваат“. Учењата на Исус и на неговите апостоли ставале голем акцент на љубовта кон ближните, во кои спаѓаат и туѓинците и луѓето од друга етничка и расна припадност (Дела 10:34, 35; Јаков 3:17). Оваа религија навистина придонесувала за мир.
Со текот на времето, во првобитните учења на христијанството навлегле штетните влијанија на филозофијата, традицијата и национализмот. Во претходно спомнатиот научен труд за улогата на религијата во вооружените судири низ историјата, стои: „Преобраќањето на [римскиот император] Константин довело до милитаризација на христијанското движење — христијаните повеќе не се воделе по учењата на Христос кои поттикнувале на сочувство, туку се повеле по политичките и територијалните стремежи на императорот. Христијаните, вклучувајќи го и императорот, морале во својата религија да најдат оправдување за војните“. Така била родена една искривена верзија на христијанството.
Посебна група
Дали вистинското христијанство исчезнало засекогаш? Во никој случај! Денес постои една група која заслужува да ѝ се обрне внимание. Јеховините сведоци го следат примерот на првите христијани како ниедна друга верска заедница. Тие немаат допирни точки со ниедна религија од христијанскиот свет. Во една енциклопедија, Јеховините сведоци се опишани како „посебни“ затоа што сите свои верувања ги темелат на „Библијата, која потполно ја истиснува традицијата“ (The Encyclopedia of Religion).
Исто како првите христијани, и Јеховините сведоци не заземаат страна во политичките конфликти. Во еден весник што го издава Украинската академија на науките пишува дека Јеховините сведоци се стремат кон тоа да ги надминат „расните, националните, верските, социјалните и економските разлики“. Во него се објаснува дека Јеховините сведоци не учествуваат во „противдржавни активности“ и дека се „граѓани што ги почитуваат законите на својата земја“.
Војчех Моѕелевски, професор на Варшавскиот Универзитет во Полска, во својата книга Пацифизмот и опкружувањето (Pacyfizm i okolice) напишал: „Јеховините сведоци ја сочинуваат најголемата заедница во светот која не учествува во војни“. Бидејќи во сѐ го следат примерот на христијаните од првиот век, може да се каже дека Јеховините сведоци успеале да ја обноват религијата што ја основале Христос и неговите апостоли. Ваквото христијанство навистина придонесува за мир. (Види ја рамката на следната страница.)
Светла иднина
Точно, многу искрени верници, па дури и некои верски водачи, се згрозени од лицемерството во својата религија. Мора да им се оддаде признание и на многу религиозни луѓе кои се посветени на целта да се постигне мир и единство во светот.
Но, колку и да се искрени нивните напори, луѓето немаат моќ да ги решат проблемите во светот. Пророкот Еремија уште во древни времиња напишал: „Патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).
Сепак, пред нас стои светла иднина. Божјата Реч учи дека на Земјата ќе биде основано ново мирољубиво човечко општество. Ова ново општество ќе биде едно вистинско братство. Луѓе од сите раси ќе живеат во слога и нема да бидат поделени со граници, етничка омраза или верски идеологии. Ќе бидат обединети затоа што сите ќе му служат на вистинскиот Бог, Јехова.
Во Библијата е проречено и дека ќе биде уништена религијата што му носи срам на Бог. Исус рекол: „Секое царство кое во себе е разделено, пропаѓа. Ниту еден град или куќа кои во себе се разделени, нема да опстанат“ (Матеј 12:25). Во свое време, Бог ќе се погрижи да се исполнат овие зборови во поглед на лажната религија.
Уште многу одамна, Библијата прорекла дека Бог „ќе суди меѓу народите и ќе создаде складност меѓу многу народи“. Ова пророштво кажува и дека луѓето „ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат“ (Исаија 2:4). Ова се исполнува уште денес. Вистинската религија — што ја имаат Јеховините сведоци — веќе придонесува за мир.
[Истакната мисла на страница 8]
Љубовта ги обединува Јеховините сведоци
[Рамка на страница 9]
По што се разликуваат Јеховините сведоци?
Многу луѓе се изненадени кога ќе дознаат колку се разликуваат Јеховините сведоци од сите други религии што тврдат дека го следат Христос. Да наведеме неколку работи по кои се издвојуваат Јеховините сведоци.
СТРУКТУРА
● Немаат свештенство.
● Оние што предводат, што поучуваат и што служат како мисионери не примаат плата.
● Не собираат десеток и не изнудуваат прилози во нивните верски објекти, познати како Сали на Царството.
● Сите нивни активности се поддржуваат со анонимни донации.
● Политички се неутрални.
● Се залагаат за мир и не учествуваат во војните.
● Сите Сведоци низ целиот свет имаат исти верувања кои се темелат на Библијата.
● Потполно се обединети и меѓу нив нема социјални, етнички, расни или класни поделби.
● Не се поврзани со ниту една друга религија, било католичка, православна или протестантска.
УЧЕЊА
● Веруваат дека има само еден вистински Бог, кој се вика Јехова.
● Не веруваат дека Исус Христос е Семоќен Бог и не веруваат во учењето за тројство.
● Ги следат учењата на Исус и го почитуваат како Божји Син.
● Не го обожаваат крстот и не користат идоли.
● Не веруваат дека постои пекол во кој се мачат лошите луѓе по смртта.
● Веруваат дека Бог ќе ги благослови послушните луѓе со совршен вечен живот во рај на Земјата.
Јеховините сведоци веруваат дека успеале да го обноват христијанството од првиот век — религијата на апостолите на Исус.
[Слика на страница 8]
Србин, Босанец и Хрват