Книга во која можеш да имаш доверба — трет дел
Вавилон во библиската историја
Ова е трета од седумте статии што ќе излезат во „Разбудете се!“, а зборуваат за седумте светски сили од библиската историја. Нивна цел е да покажат дека Библијата е веродостојна и вдахновена од Бог и дека нејзината порака влева надеж дека ќе им дојде крајот на страдањата што се последица на суровото владеење на луѓето.
СМЕСТЕН во една плодна низина на околу 80 километри јужно од денешен Багдад, древниот град Вавилон навистина пленел со својата убавина. Со двојните масивни ѕидови и со опкопот околу нив, Вавилон изгледал неосвоив. Овој град бил надалеку познат по своите грандиозни храмови, висечки градини и храмски кули. Како еден од највеличествените градови на древниот свет, неодамна Вавилон беше прогласен за град на чудата.
Во Библијата, овој град бил наречен „господарка на царствата“ и бил престолнина на третата светска сила од библиската историја (Исаија 47:5). Исто како Египетското и Асирското Царство пред него, Вавилонското Царство одиграло значајна улога во библиската историја, а тоа ни овозможува да направиме споредба помеѓу она што го кажува Библијата за него и она што го дознаваме од световните извори.
Веродостојна историја
Библиската книга Даниел ни кажува дека извесно време во Вавилон како цар владеел еден човек по име Валтазар (Даниел 5:1). Меѓутоа, некои световни извори порано тврдеа дека Валтазар никогаш не бил цар, иако имал голема моќ. Дали тоа значи дека во Библијата има грешка? Археолозите откриле голем број глинени цилиндри во урнатините на Ур во Месопотамија. На еден од цилиндрите, со клинесто писмо е испишана молитва што вавилонскиот цар Набонид ја кажал за „Бел-сар-усур [познат и како Валтазар], мојот најстар син“. Според New Bible Dictionary, со подоцнежните откритија е потврдено дека Валтазар „дејствувал како регент речиси во текот на половина од владеењето на неговиот татко, и за тоа време тој практично бил цар“.
Историјата покажува и дека древниот Вавилон бил многу религиозен град, во кој цветале астрологијата и гатањето. На пример, во Езекиел 21:21 читаме дека царот на Вавилон сакал со помош на гатање да дознае дали да го нападне Ерусалим или не. Библијата вели дека царот ‚гледал на црн дроб‘. Зошто баш на црн дроб? Вавилонците го користеле овој орган за гатање. Книгата Месопотамска астрологија (Mesopotamian Astrology) кажува дека на само една локација во древниот Вавилон, археолозите нашле „32 [глинени] фигури на црн дроб испишани“ со предзнаци.
Познатиот археолог Нелсон Глук еднаш рекол: „Веќе 30 години вршам ископувања со Библијата во едната и со лопатка во другата рака и, од историска гледна точка, досега не сум нашол дека нешто во Библијата не е точно“.
Веродостојни пророштва
Што би помислил ако некој ти рече дека од еден голем град — како што е Вашингтон, Москва или Пекинг — ќе останат само напуштени урнатини? Би можел со право да се посомневаш во тоа. Сепак, токму тоа се случило со древниот Вавилон. Околу 200 години однапред, отприлика во 732 год. пр.н.е., Јехова Бог му рекол на пророкот Исаија да запише едно пророштво за падот на моќниот Вавилон. Тој напишал: „Вавилон, украсот на царствата... ќе стане како Содом и Гомор кога ги уништи Бог. Никогаш повеќе нема да биде населен, ќе го нема повеќе во ниту едно идно поколение“ (Исаија 13:19, 20).
Но, зошто Бог го прорекол уништувањето на Вавилон? Во 607 год. пр.н.е., вавилонските војски го уништиле Ерусалим, а преживеаните ги одвеле како заробеници во Вавилон, каде што постапувале многу сурово со нив (Псалм 137:8, 9). Бог прорекол дека неговиот народ ќе мора да го трпи тоа 70 години поради злобните дела што ги направиле. Потоа кажал дека ќе ги избави и ќе им дозволи да се вратат во својата татковина (Еремија 25:11; 29:10).
Во склад со пророштвото што го изрекол Бог, во 539 год. пр.н.е. — токму кога се навршувале 70-те години изгнанство за Евреите — навидум неосвоивиот град Вавилон бил поразен од медо-персиските војски. Со текот на времето, од градот останале само куп урнатини — како што било и проречено. Ниеден човек не би можел да претскаже таков шокантен пресврт на настаните. Нема сомнение дека пророкувањето, односно способноста однапред да ги предвиди настаните, го издвојува Авторот на Библијата — вистинскиот Бог, Јехова — од сите други богови (Исаија 46:9, 10).
Сигурна надеж
И едно друго пророштво на посебен начин се исполнува денес. Тоа пророштво е поврзано со вавилонскиот цар Навуходоносор и неговиот сон за еден голем лик. Телото на ликот било поделено на пет дела — главата, градите и рацете, стомакот и колковите, нозете, и стапалата — направени од различен метал (Даниел 2:31-33). Металните делови ги претставувале владите, или царствата, што се менувале на светската сцена, почнувајќи од Вавилон па сѐ до англо-американската светска сила, седма по ред во библиската историја (Даниел 2:36-41).
Даниел ни открива дека доаѓа до една значајна промена во материјалот од кој се направени стапалата и прстите на ликот. Во што е промената? Чистиот метал е заменет со една мешавина од железо и влажна глина. Во врска со тоа, Даниел му објаснил на Навуходоносор: „Тоа што си видел железо помешано со влажна глина, значи дека тие ќе се помешаат со човечкото потомство, но нема да се држат заедно, едно со друго, како што ни железото не може да се измеша со глината“ (Даниел 2:43). Да, мешавината од железо и глина е лесно кршлива — тие две состојки не можат „да се држат заедно“. Овие зборови многу точно го опишуваат политички расцепканиот свет во кој живееме!
Даниел ни открива уште нешто многу важно. Во својот сон, царот Навуходоносор видел како еден камен се отцепил од една голема планина. Овој камен ‚го удрил кипот во стапалата од железо и глина и ги здробил‘ (Даниел 2:34). Што значи тоа? Даниел објаснил: „Во деновите на тие цареви, небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Ова пророштво укажувало на едно Царство многу поинакво од која и да било влада позната на луѓето. Неговиот Цар е Исус Христос, Месијата. Како што беше спомнато во претходните статии од овој циклус, Исус ќе ги уништи Сатана и неговите следбеници — и луѓе и духовни суштества — по што во целата вселена ќе завладеат мир и слога (1. Коринќаните 15:25).
[Истакната мисла на страница 11]
„Веќе 30 години вршам ископувања... и, од историска гледна точка, досега не сум нашол дека нешто во Библијата не е точно“ (Нелсон Глук)
[Рамка на страница 12]
ПРОРЕЧЕН ПО ИМЕ
Едно од најзначајните пророштва во врска со падот на Вавилон се однесува на неговиот освојувач, персискиот цар Кир. Речиси два века пред Кир да дојде на власт, Јехова Бог го спомнал по име и прорекол дека тој ќе го освои Вавилон.
Укажувајќи на победата на Кир, Исаија напишал под водство на светиот дух: „Јас, Јехова, вака му велам на својот помазаник Кир, кого го фатив за десницата, за да ги покорам пред него народите... да отворам пред него двокрилна врата, за да не биде затворена“. Бог прорекол дека ќе пресуши и реката Еуфрат (Исаија 45:1-3; Еремија 50:38).
Грчките историчари Херодот и Ксенофон го потврдиле исполнувањето на ова неверојатно пророштво. Тие кажуваат дека Кир ја свртел реката Еуфрат, по што нејзините води се повлекле. Така војската на Кир можела лесно да ја премине и да влезе во градот низ портите кои биле оставени отворени. Како што било проречено, моќниот Вавилон паднал „ненадејно“, во една ноќ (Еремија 51:8).
[Рамка/слики на страници 12 и 13]
ГОЛЕМИОТ ВАВИЛОН
Во библиската книга Откровение се спомнува една симболична блудница наречена „Големиот Вавилон“ (Откровение 17:5). Кого го претставува таа? Доказите укажуваат дека станува збор за религиозна творба.
Древниот Вавилон бил многу религиозен град со над 50 храмови посветени на различни божества. Вавилонците верувале во тројства од богови и дека, кога човек ќе умре, неговата душа заминува во мрачен подземен свет. Според една енциклопедија, таму „човечкиот живот е само бедна, мизерна копија на животот на земјата“ (Funk & Wagnalls New Encyclopedia).
Со текот на времето, таквите учења се рашириле низ целиот свет. Денес овие учења, или некои нивни верзии, можат да се најдат во религиите на христијанскиот свет. Сите тие религии се главен дел од светската религиозна творба наречена Големиот Вавилон!
[Слики]
Вавилонците обожавале тријади на божества. Овде се прикажани симболите на едно такво тројство — Син, Шамаш и Иштар
[Извор на слика]
И двете фотографии се направени со љубезна дозвола на British Museum
[Слика на страница 10]
Уметнички приказ на древниот град Вавилон
[Слика на страница 11]
Глинен цилиндар на кој се наоѓа името на Валтазар
[Извор на слика]
Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum
[Извори на слики на страница 10]
Временска линија: Египетски ѕиден релјеф и биста на Нерон: Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum; персиски ѕиден релјеф: Musée du Louvre, Париз