Библијата — книга со точни пророштва — дел 2
Бегајте од Вавилон!
Во оваа серија од осум статии е разгледано едно извонредно обележје на Библијата — пророштвата запишани во неа. Статиите ќе ти помогнат да дојдеш до одговорот на овие прашања: Дали библиските пророштва се едноставно производ на некои паметни луѓе? Или, пак, се дело на Бог? Испитај што велат доказите.
ВО ПРЕТХОДНИОТ број разгледавме три пророштва од Библијата поврзани со потомството на Авраам. Доказите потврдуваат дека Бог ги исполнил тие ветувања преку древниот израелски народ, кој потекнувал од Авраам.
Древниот Вавилон е уште една нација што одиграла важна улога во библиската историја, особено во текот на седмиот век пр.н.е. Да разгледаме три пророштва поврзани со ова царство и да видиме дали има докази дека тие се дело на Бог.
Пророкот Мојсеј го предупредил древниот Израел: „Ако го заборавиш Јехова, својот Бог, и ако појдеш по други богови, па почнеш да им служиш и да им се клањаш... сигурно ќе пропаднете“ (5. Мојсеева 8:19; 11:8, 9). И покрај тоа, Израелците одново и одново се бунтувале против Бог и обожавале лажни богови (1. Царевите 14:22-24).
И стрпливоста на Бог има граници и затоа по некое време дозволил неговиот неверен народ да падне во рацете на Вавилонците. Предводени од царот Навуходоносор, вавилонските војски дошле против Израел и го опсадиле Ерусалим. Дали оваа опсада била значајна? Да разгледаме што напишал пророкот Еремија речиси 20 години пред тој настан (Еремија 25:1).
Пророштво 1: „Затоа што [вие Израелци] не ги послушавте моите зборови, еве... ќе го испратам... Навуходоносор, вавилонскиот цар... и ќе ги доведам [Вавилонците] против оваа земја и против нејзините жители... Целата оваа земја ќе се претвори во пустош и ќе стане грозна глетка, и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години“ (Еремија 25:8-11).
Исполнување: По долготрајна опсада, Навуходоносор го разорил Ерусалим во 607 год. пр.н.е. Освоил и други јудејски градови, меѓу кои и Лахис и Азика (Еремија 34:6, 7). Повеќето од преживеаните жители ги протерал во Вавилон, каде што ги држел во ропство 70 години.
Што вели историјата:
● Библијата го сместува Навуходоносор како цар на Вавилон отприлика во времето кога бил уништен Ерусалим. Археолошките докази го потврдуваат она што е запишано за него во Библијата. Во Фиренца (Италија), може да се види еден медалјон од оникс. На него има изгравирано текст, кој делумно гласи: „Навуходоносор, царот на Вавилон, побара да се направи овој медалјон во чест на Меродах, неговиот господар“. Навуходоносор владеел од 624 до 582 год. пр.н.е.
● Во книгата Библијата и археологијата (The Bible and Archaeology) се вели дека археолошките наоди и извештаи од Лахис го потврдуваат следново: „Конечното уништување било насилно, а пожарот што го уништил градот [Лахис] бил толку силен што варовникот на градбите станал вар“.
Пророштво 2: „Кога ќе навршат седумдесет години во Вавилон, [јас, Јехова] ќе ве посетам и ќе ви го исполнам својот добар збор дека ќе ве вратам на ова место [Јуда]“ (Еремија 29:10).
Исполнување: По 70 години изгнанство, од 607 до 537 год. пр.н.е., персискиот цар Кир ги ослободил еврејските заробеници и им дозволил да се вратат во својата татковина за повторно да го изградат храмот во Ерусалим (Езра 1:2-4).
Што вели историјата:
● Дали Израелците останале 70 години во ропство во Вавилон како што било проречено во Библијата? Еве што рекол познатиот израелски археолог Ефраим Стерн: „Нема никакви докази дека некој воопшто живеел во Израел во периодот меѓу 604 и 538 год. пр.н.е. За целото тоа време, ниеден град што го уништиле Вавилонците не бил повторно населен“. Ваквиот недостиг на докази за жители или за населени градови на освоените територии се поклопува со времето кога Израелците биле во изгнанство во Вавилон од 607 до 537 год. пр.н.е. (2. Летописи 36:20, 21).
● Древните нации низ Месопотамија пишувале на плочки од мека глина. Еден цилиндар од стврдната глина, познат како Киров цилиндар, датира од околу 539 год. пр.н.е., истата година кога персискиот цар Кир го соборил Вавилонското Царство. Еден натпис гласи: „Јас сум Кир... цар на Вавилон“. На истиот натпис понатаму пишува: „Им ги вратив на [извесни претходно наведени] свети градови на другата страна од Тигар, светилиштата кои долго време стоеја во урнатини, светите предмети што беа во нив... Јас (исто така) ги собрав сите нивни (поранешни) жители и (им) ги вратив нивните домови“.
Овој археолошки доказ е во склад со библиското пророштво кое кажува дека еврејските изгнаници ќе се вратат во својата татковина — пророштво запишано околу 200 години однапред.
Пророштво 3: „Вавилон, украсот на царствата, убавината и гордоста на Халдејците, ќе стане како Содом и Гомор кога ги уништи Бог. Никогаш повеќе нема да биде населен“ (Исаија 13:19, 20).
Исполнување: Во 539 год. пр.н.е., во еден неочекуван пресврт, моќната светска сила Вавилон, паднала пред здружените сили на Медија и Персија.a Градот никогаш не ја повратил својата слава. Постепено пропаѓал и на крајот од него останала само пустелија „без жители“ (Еремија 51:37).
Што вели историјата:
● Вавилон го снемало од лицето на Земјата. Тоа го потврдува историчарот Том Бој кој кажува дека „Западните историчари и патници од шеснаесеттиот па сѐ до осумнаесеттиот век“ добро знаеле од колкаво значење е тој град, но не можеле да ја утврдат неговата „точна локација“.
● Во 1919 год., Х. Р. Хол, управител на одделот за египетски и асирски антиквитети во Британскиот музеј, вака го опишал Вавилон: „Тоа е еден куп од срушени ѕидови... затрупани со песок“.
Што можеме да заклучиме откако го разгледавме исполнувањето на овие пророштва? Јасно е дека безброј пати се потврдило дека Библијата е книга со точни пророштва. Пророчките пораки за Јуда и Вавилон се исполниле до збор!
Ерусалим бил уништен затоа што народот не обрнал внимание кога Бог го предупредувал да престане да постапува безбожно. По прореченото 70-годишно ропство во Вавилон, на Израелците им било дозволено да се вратат во Ерусалим. Древниот град Вавилон бил уништен токму како што било претскажано, а стои ненаселен и ден-денес. Но, ова се само некои од многуте пророштва запишани во Библијата.
Во следниот број ќе разгледаме настани од првиот век што биле проречени многу однапред. И тие исполнети пророштва ни ја зајакнуваат увереноста дека Библијата е точна.
[Фуснота]
a И Исаија прорекол дека Медија ќе одигра главна улога во освојувањето на Вавилон, и тоа околу 200 години однапред. (Прочитај Исаија 13:17-19; 21:2.)
[Табела на страници 12 и 13]
(Види во публикацијата)
ВАВИЛОН НИЗ ИСТОРИЈАТА
о. 732 пр.н.е.: Исаија го претскажува падот на Вавилон
(пр.н.е.)
647 Еремија поставен за пророк
632 Вавилон ја поразува Асирија
625 Навуходоносор почнува да владее
617 Даниел и Езекиел одведени во Вавилон
607 Навуходоносор го уништува Ерусалим
582 Завршува владеењето на Навуходоносор
539 Вавилон поразен од Медијците и Персијците
537 На еврејските заробеници им е дозволено да се вратат во Ерусалим
Евреите се робови во Вавилон 70 години
[Слика на страница 12]
Писмата од Лахис го потврдуваат описот што Еремија го дава за начинот на кој Вавилонците ја освојуваат Јуда
[Слика на страница 13]
На Кировиот цилиндар пишува дека Кир имал обичај да ги враќа заробениците во нивните земји
[Извори на слики на страница 13]
Страница 12, Писма од Лахис: Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum; страница 13, Киров цилиндар: © The Trustees of the British Museum