Книга во која можеш да имаш доверба — четврти дел
Медо-Персија во библиската историја
Ова е четврта од седумте статии што ќе излезат во „Разбудете се!“, а зборуваат за седумте светски сили од библиската историја. Нивна цел е да покажат дека Библијата е веродостојна и вдахновена од Бог и дека нејзината порака влева надеж дека ќе им дојде крајот на страдањата што се последица на суровото владеење на луѓето.
УРНАТИНИТЕ од палати и кралски гробници ни даваат само бледа претстава за величието, моќта и богатството на древното двојно царство на Медија и Персија. Пред да се обединат овие две царства, превласта ја имала Медија. Но, во 550 год. пр.н.е., Медијците потпаднале под власта на персискиот цар Кир II, кој тогаш станал владетел на царството Медо-Персија. Ова огромно царство било сместено западно од Персискиот Залив, а неговите граници се протегале од Егејското Море до Египет и до северозападна Индија, вклучувајќи ја и Јудеја.
Медо-Персија владеела со еврејскиот народ преку 200 години — од падот на Вавилон во 539 год. пр.н.е. сѐ додека не била поразена од Александар Велики во 331 год. пр.н.е. Во многу библиски книги се спомнуваат значајни настани што се одиграле во тој период.
Веродостојна историја
Библијата кажува дека царот Кир II ги ослободил Евреите што биле заробеници во Вавилон и им дозволил да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат храмот што Вавилонците го уништиле во 607 год. пр.н.е. (Езра 1:1-7; 6:3-5). Потврда за ова е еден документ запишан на глина познат како Киров цилиндар, кој бил откриен во 1879 год. во урнатините на древниот Вавилон. Во овој документ Кир е спомнат по име, а опишано е и дека тој имал обичај луѓето што биле донесени како заробеници од претходните владетели да ги пушти да се вратат во својата земја, а со себе да си ги понесат и своите верски предмети. Библискиот писател Исаија ги запишал пророчките зборови што Јехова ги кажал за Кир: „,Ќе изврши сѐ што сакам‘, ќе го изврши она што го реков за Ерусалим: ‚Пак ќе биде изграден‘, и за храмот: ‚Ќе бидат положени неговите темели‘“ (Исаија 44:28).
Всушност, Кир дал наредба трошоците за повторната изградба на храмот да „ги сноси царскиот дом“, како што стои во Езра 6:3, 4. Оваа неверојатна изјава има поткрепа во световната историја. Во книгата Персија и Библијата (Persia and the Bible) се вели: „Непроменлива политика на персиските цареви било да се помогне во обновата на светилиштата во царството“.
Библијата ни кажува дека подоцна непријателите на Евреите му напишале на Дариј Велики (наречен и Дариј I) писмо во кое го оспориле тврдењето на Евреите дека Кир дал дозвола за обнова на храмот. Дариј заповедал да се најде оригиналниот пишан документ. Што се случило? Во главниот град Екбатана нашле еден свиток во кој била запишана одредбата на Кир. Преку писмо, Дариј им одговорил: „Јас, Дариј, ја издавам оваа наредба. Да се изврши веднаш [поправката на храмот]!“ Со тоа му ставил крај на противењетоa (Езра 6:2, 7, 12, 13).
Световната историја ги потврдува овие детали. На пример, во Екбатана се наоѓала летната резиденција на Кир и можно е оттаму да ја издал одредбата во врска со храмот. Освен тоа, археолошките откритија покажуваат дека медо-персиските цареви многу се интересирале за верските работи во нивното царство и пишувале писма за да се решат споровите.
Веродостојни пророштва
Во еден сон што го добил од Бог, пророкот Даниел видел како еден по друг од морето излегуваат четири ѕверови, а секој од нив претставувал по една светска сила. Првиот ѕвер, кој бил како крилест лав, го претставувал Вавилон. Вториот бил „како мечка“. За него, во извештајот понатаму се вели: „Му беше кажано: ‚Стани, јади многу месо‘“ (Даниел 7:5). Оваа страшна мечка ја претставувала Медо-Персија.
Во склад со пророштвото на Даниел, Медо-Персија имала незаситен глад за власт. Кратко по сонот на Даниел, Кир ги поразил Медијците, а потоа војувал со соседните Лидија и Вавилон. Неговиот син Камбис II го освоил Египет. Подоцна медо-персиските цареви уште повеќе ги прошириле границите на царството.
Како можеме да бидеме сигурни дека ова е точно толкување на сонот? Во едно друго видение поврзано со ова, Даниел видел еден овен како ‚боде кон запад, кон север и кон југ‘. Ова пророштво се исполнило кога Медо-Персија почнала ‚да боде‘ кон другите народи, вклучувајќи го и моќниот Вавилон. Еден Божји ангел му објаснил на Даниел кое е значењето на ова видение: „Овенот што го виде, кој имаше два рога, ги претставува царевите на Медија и Персија“ (Даниел 8:3, 4, 20).
Освен тоа, околу два века пред да биде поразен Вавилон, пророкот Исаија го прорекол не само името на персискиот освојувач — кој сѐ уште не бил ни роден — туку и тактиката со која ќе го освои Вавилон. Исаија напишал: „Јас, Јехова, вака му велам на својот помазаник Кир, кого го фатив за десницата, за да ги покорам пред него народите... да отворам пред него двокрилна врата, за да не биде затворена градската порта“ (Исаија 45:1). И Исаија и Еремија прорекле дека ќе пресушат вавилонските „реки“, или каналите што добивале вода од реката Еуфрат, кои служеле како заштитен опкоп (Исаија 44:27; Еремија 50:38). Грчките историчари Херодот и Ксенофон ја потврдуваат точноста на библиските пророштва, вклучувајќи го и фактот дека Вавилонците имале гозба вечерта кога Кир го освоил градот (Исаија 21:5, 9; Даниел 5:1-4, 30). Свртувајќи ги водите на Еуфрат, војските на Кир го преминале коритото на реката и влегле во градот низ отворените порти без многу отпор. Моќниот Вавилон паднал во една ноќ!
Овој настан водел до неверојатно исполнување и на едно друго пророштво. Претходно пророкот Еремија претскажал дека Божјиот народ ќе биде во изгнанство во Вавилон 70 години (Еремија 25:11, 12; 29:10). Тоа пророштво се исполнило точно навреме, кога на изгнаниците им било дозволено да се вратат во својата земја.
Сигурна надеж
Кратко откако Медо-Персија го освоила Вавилон, Даниел запишал едно пророштво кое ни помага да го сфатиме најважниот настан во остварувањето на Божјата намера за човештвото. Ангелот Гавриел му кажал на Даниел точно кога ќе се појави Месијата — ‚потомството‘ ветено во 1. Мојсеева 3:15! Божјиот ангел рекол: „Од часот кога ќе излезе речта да се обнови и повторно да се изгради Ерусалим па до Месијанскиот Водач ќе поминат седум седмици, и уште шеесет и две седмици“, или вкупно 69 седмици (Даниел 9:25). Кога почнал овој проречен период?
Иако Кир им дозволил на Евреите да се вратат во својата земја кратко по падот на Вавилон, и по многу години Ерусалим и неговите ѕидови сѐ уште стоеле во урнатини. Во 455 год. пр.н.е., царот Артаксеркс му дал дозвола на својот пехарник Неемија, кој бил Евреин, да се врати во Ерусалим и да ги надгледува градежните работи (Неемија 2:1-6). Тогаш почнале да течат 69-те седмици.
Но, овие 69 седмици не биле дословни седмици од по седум дена, туку седмици што се состојат од години. Всушност, во некои преводи на Библијата изразот „седмици“ е преведен со „седмици што се состојат од години“b (Даниел 9:24, 25). Месијата требало да се појави по период од 69 „седмици“ од кои секоја се состои од 7 години, или по вкупно 483 години. Пророштвото се исполнило во 29 год. од н.е., кога Исус се крстил — точно 483 години по 455 год. пр.н.е.c
Точното исполнување на пророштвото на Даниел е само уште еден од многуте докази кои го потврдуваат идентитетот на Исус. Тоа ни дава уште поцврста основа за надежта што ја имаме за иднината. Исус, како Цар на Божјето небесно Царство, ќе му стави крај на суровото човечко владеење. Потоа ќе исполни уште многу библиски пророштва, вклучувајќи ги и пророштвата што кажуваат дека мртвите ќе воскреснат и ќе можат да живеат вечно во рајот на Земјата (Даниел 12:2; Јован 5:28, 29; Откровение 21:3-5).
[Фусноти]
a Името Дариј го носеле најмалку тројца цареви.
b Некои од преводите што ја користат фразата „седмици што се состојат од години“ се: Tanakh—A New Translation of the Holy Scriptures, The Complete Bible—An American Translation, и The Bible—Containing the Old and New Testaments, од Џејмс Мофат.
c Ова пророштво детално е разработено во книгата Што навистина учи Библијата?, на страници 197-199, каде што има и графички приказ на 69-те седмици.
[Табела/слики на страница 18]
(Види во публикацијата)
455 пр.н.е. 29 од н.е
Од времето кога била дадена наредбата да се изгради Ерусалим до појавувањето на Месијата поминале точно 483 години
[Слика на страници 16 и 17]
Кировиот цилиндар покажува дека било обичај заробениците да се пуштат да си одат во својата земја
[Слика на страница 17]
Гробот на Кир може сѐ уште да се види во урнатините на древна Пасаргада во денешен Иран
[Извори на слики на страница 17]
Страница 16, горе, временска линија: Египетски ѕиден релјеф и биста на Нерон: Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum; персиски ѕиден релјеф: Musée du Louvre, Париз; долу, Киров цилиндар: Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum; страница 17, гробот на Кир: © Richard Ashworth/age fotostock