Чекор 4 — чувај си го здравјето
„Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). Неколку едноставни мерки на претпазливост може да те поштедат од многу болести и страдања и да ти заштедат време и пари.
◯ Одржувај лична хигиена. „Миењето раце е најважниот чекор што можеш да го преземеш за да го спречиш ширењето зарази и да останеш здрав“, известува Американскиот центар за контрола и превенција на болести. Според една проценка, дури 80 отсто од инфекциите се пренесуваат преку нечисти раце. Затоа, миј ги често во текот на денот. Прави го тоа посебно пред да јадеш, пред да готвиш или пред да превиваш па дури и да допираш рана, а исто и откако си бил во допир со животни, по користење тоалет или откако си менувал пелени на бебе.
Сапунот и водата се поефикасни од антибактериските средства врз база на алкохол. Децата се поздрави кога родителите ги учат да си ги мијат рацете и со нив да не ги допираат устата и очите. Секојдневното капење, како и редовното перење на облеката и на постелнината исто така придонесуваат за подобро здравје.
◯ Чувај се од заразни болести. Избегнувај блиски физички контакти или користење ист прибор за јадење со некој што има настинка или грип. Од плунката и од носните секрети може да се заразиш. Болестите што се пренесуваат преку крвта, како што се хепатит Б и Ц и ХИВ/СИДА, може да се добијат главно преку сексуален контакт, интравенозно земање дрога и трансфузија. Иако вакцинирањето може да спречи некои инфекции, еден мудар човек мора да преземе мерки на претпазливост кога е со некој што има заразна болест. Пази се и од убоди на инсекти. Не седи и не спиј надвор незаштитен ако има комарци или други инсекти што пренесуваат болести. Постави мрежи за комарци околу креветот, особено кај децата, и користи средства против инсекти.a
◯ Одржувај чистота дома. Одржувај го домот чист и уреден внатре и надвор, без разлика колку напор ќе бара тоа од тебе. Гледај да нема места каде што ќе се собира вода во која може да се размножуваат комарци. Отпадоците, нечистотијата, непокриената храна и ѓубрето привлекуваат инсекти и штетници кои може да пренесат микроби и да предизвикаат болести. Ако немаш тоалет, направи полски клозет наместо да вршиш нужда на отворено. Покриј го клозетот за да не се собираат муви, кои пренесуваат очни инфекции и други болести.
◯ Внимавај да не се повредиш. Почитувај ги сите закони во врска со безбедноста додека работиш, возиш велосипед, мотоцикл или автомобил. Погрижи се возилото што го користиш да е во исправна состојба. Користи соодветна заштитна опрема и облека, на пример заштитни очила, шлем и обувки, како и сигурносен појас и помагала против бучава. Избегнувај претерана изложеност на сонце бидејќи предизвикува рак и предвремено стареење на кожата. Ако пушиш, престани веднаш. Тоа значително ќе го намали ризикот од срцеви заболувања, рак на белите дробови и мозочен удар.b
[Фусноти]
a Види го хрватското издание на Разбудете се! од 22 мај 2003 со наслов „Инсектите и ширењето болести“.
b Види го Разбудете се! од мај 2010 со наслов „Како да ги оставиш цигарите“.