Чекор 5 — мотивирај се себеси и семејството
„Со делата на паметниот човек управува знаењето“ (Изреки 13:16). Ако стекнеш основни информации околу здравјето, ќе бидеш поспособен и помотивиран да ги направиш промените што се потребни за да бидете поздрави и ти и твоето семејство.
◯ Постојано учи. Во многу земји постојат јавни и приватни институции кои нудат едукативни програми и литература на најразлични теми поврзани со здравјето. Искористи ги за да добиеш информации за некои основни начини на кои можеш да си го подобриш и да си го заштитиш здравјето. Биди спремен да учиш и да правиш едноставни промени.
Добрите навики што ќе ги стекнеш може многу да им користат на твоите деца и на нивните деца во иднина. Кога родителите даваат добар пример во поглед на здравата исхрана, чистотата, навиките на спиење, вежбањето и превенцијата, најверојатно и нивните деца ќе имаат корист од тоа (Изреки 22:6).
◯ Што уште е потребно? За да почнеш и да продолжиш да водиш здрав начин на живот, не е доволно само да мислиш на користа што ќе ја имаш од тоа. Не е лесно да се отстранат закоравените навики — и за мали промени обично е потребна силна мотивација. Дури и заканата од сериозна болест и смрт за некои не е доволна причина да почнат да го прават она што знаат дека е добро за нив. Тогаш, што може да им помогне? Како и секој друг, мора да имаат некоја повозвишена цел во животот.
Брачните парови треба да останат здрави и силни за да можат и понатаму да си помагаат еден на друг. Родителите сигурно сакаат да продолжат да ги воспитуваат и да им даваат поддршка на своите деца. И децата, кога ќе станат возрасни, треба да се грижат за постарите членови на своето семејство. А сигурно дека е благородна цел и да се биде од корист наместо товар за општеството. Сето ова вклучува љубов и грижа кон другите.
Уште посилен мотив се благодарноста и оддаденоста кон нашиот Творец. Луѓето што веруваат во Бог сакаат да си го зачуваат животот кој е прекрасен дар од него (Псалм 36:9). Ако сме здрави, можеме да правиме повеќе за Бог. Нема ниту повозвишена ниту друга причина што повеќе би нѐ мотивирала да се грижиме за здравјето од оваа.
[Истакната мисла на страница 8]
Уживај во користите од здравиот начин на живот