Музичките звуци во древниот Израел
МУЗИКАТА била нераздвоен дел од културата на древниот Израел. Трубите и роговите се огласувале кога требало да се собере народот за да го обожава Бог или за да се одбележи некој значаен настан. Од жиците на лирите и харфите се разлевала музика што ги опуштала благородниците (1. Самоилова 16:14-23). Радосните моменти се славеле со тапани, чинели и тропалки (2. Самоилова 6:5; 1. Летописи 13:8).
Јувал, кој му бил потомок на Каин, во Библијата е спомнат како „прататко на сите оние што свират на харфа и на кавал“ (1. Мојсеева 4:21). Можно е тој да ги измислил и жичените и дувачките инструменти.
Библијата зборува за многу настани во кои музиката имала своја улога. Сепак, кажува многу малку за самите инструменти. Меѓутоа, на темел на археолошките пронајдоци и древните списи, научниците се обиделе да добијат некаква претстава за тоа како изгледале древните музички инструменти и каков бил нивниот звук. Некои заклучоци се темелат на претпоставки, но да разгледаме неколку примери кои се добро документирани.
Дајриња, ѕвечала и чинели
Откако Бог со чудо ги пренел Мојсеј и Израелците низ Црвеното Море, Маријам, сестрата на Мојсеј, ‚зела дајре во раката, а сите жени ѝ се придружиле со дајриња и играле‘ (2. Мојсеева 15:20). Иако не е најдено ништо од библиските времиња што личи на денешното дајре, во Израел се пронајдени древни глинени фигури на жени со мали тапани, и тоа во Ахзив, Мегидо и Вет-Син. Овој инструмент, кој во библиските преводи честопати се нарекува дајре, најверојатно претставувал обична кружна дрвена рамка на која била оптегната животинска кожа.
Пред да биде основана нацијата Израел, во свечени прилики жените тропале на дајриња додека пееле и играле. Библијата објаснува дека, кога израелскиот водач Јефтај се вратил дома по една важна воена победа, ќерка му му излегла во пресрет „удирајќи на дајре и играјќи“. Во една прилика, жените ги прославувале успесите на Давид „со песна и со игра... во придружба на звукот од дајриња“ (Судиите 11:34; 1. Самоилова 18:6, 7).
Кога Давид, како цар, го донел ковчегот на сојузот во Ерусалим, народот ‚се веселел пред Јехова свирејќи на секакви инструменти направени од смрековина, на харфи и на псалтири, на дајриња, ѕвечала и на чинели‘ (2. Самоилова 6:5). Подоцна, храмот во Ерусалим имал свој оркестар во кој вешти музичари свиреле на чинели, труби и харфи, како и на други жичени инструменти.
Ова ни помага да добиеме некаква претстава за тогашните дајриња. Но, што биле ѕвечалата? По сѐ изгледа тоа биле музички тропалки кои имале мала овална метална рамка со рачка. При тресење на ѕвечалото се добивал остар и ѕвонлив звук. Во Библијата, ѕвечалата се спомнати само еднаш, и тоа кога во Ерусалим бил донесен ковчегот на сојузот. Меѓутоа, според еврејските преданија, ѕвечалата се користеле и при тажни настани.
А какви биле древните чинели? Можеби си ги замислуваш како големи метални дискови кои се удираат еден од друг. Но, некои чинели од древниот Израел имале дијаметар од само десетина сантиметри, со што повеќе личеле на денешните кастањети и имале ѕвонлив звук.
Харфи и жичени инструменти
Во Израел доста се користел и инструментот кинор, кој најчесто е наречен „харфа“ или „лира“. Давид свирел на овој инструмент за да го смири цар Саул (1. Самоилова 16:16, 23). На темел на древните цртежи на карпи, слики на монети, мозаици, плочи и печати, изучувачите дошле до најмалку 30 различни заклучоци во врска со нивниот изглед. Низ вековите, формата на овој инструмент се менувала. Музичарот го држел во рацете и поминувал или со прстите или со перце преку жиците.
Небелот бил сличен со кинорот. Не може со сигурност да се каже колку жици имал небелот, колку голем бил и дали се свирело на сите жици одеднаш или се тргала секоја жица поединечно. Меѓутоа, повеќето изучувачи мислат дека музичарите можеле да ги носат со себе и небелот и кинорот.
Труби и рогови
Бог му заповедал на Мојсеј да направи две труби. Тие требало да бидат изработени од ковано сребро (4. Мојсеева 10:2). Свештениците ги користеле за да објават многу настани поврзани со храмот и со различните празници. Во зависност од намената, се свиреле различни звуци — на пример, долг тон или краток писок. Сѐ уште не се знае како точно изгледале овие труби, затоа што не е откриена ниедна труба од библиските времиња. Од нив имаме само слики, како што е онаа на еден релјеф од триумфалната порта на Тит во Рим.
Рогот, т.е. шофарот, е спомнат во Хебрејските списи преку 70 пати. Овој инструмент се изработувал од рогови на коза или овен. Според некои еврејски извори, имало два вида рогови — прав рог со златен усник и свиткан рог со сребрени декорации. Рогот честопати се користел за сигнализација бидејќи давал продорен звук кој се состоел од 2-3 тона и одекнувал надалеку.
Во древниот Израел, рогот се користел за да се најават некои верски настани, како што бил почетокот и крајот на саботата. Но, се користел и во други прилики, како на пример при војување. Можеме само да си ги замислиме страшните силни звуци од 300-те рогови кратко пред војската на Гедеон ненадејно да ги нападне Мадијамците (Судиите 7:15-22).
Најразлични музички инструменти
Во библиски времиња се користеле и ѕвона, шупелки и псалтири. Јеховиниот пророк Даниел, кој бил протеран во Вавилон, го опишал оркестарот на вавилонскиот цар Навуходоносор. Во него имало и цитра, кавал и гајда (Даниел 3:5, 7).
Овој краток преглед на неколку од инструментите спомнати во Светото писмо го потврдува фактот дека музиката била дел од секојдневието во древниот Израел, а најверојатно и во други древни цивилизации. Нејзините звуци ги исполнувале царските дворови и местата за обожавање, но можеле да се чујат и во селата и по домовите.
[Слика на страница 15]
Од ѕвечалото се добивал звук со тресење
[Слика на страница 15]
Цар Давид добро свирел на харфа
[Слика на страница 15]
Дајрето се користело уште пред основањето на израелската нација
[Слика на страница 15]
Трубата честопати се користела за да се најават некои настани
[Слика на страница 16]
Фигура на жена со ударен инструмент во рацете (8 век пр.н.е.)
[Слика на страница 16]
Монета на која е прикажан жичен инструмент (2 век од н.е.)
[Слика на страница 16]
На овој камен од дворот на храмот во Ерусалим се испишани зборовите: „Кон местото за трубење“ (1 век пр.н.е.)
[Извори на слики на страница 16]
Глинена фигура: Z. Radovan/BPL/Lebrecht; монета: © 2007 by David Hendin. Сите права се задржани; храмски камен: фотографија © Israel Museum, Ерусалим; со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority