Животот во библиски времиња — музичарите и нивните инструменти
„Фалете го [Бог] со звуците на рогот! Фалете го со псалтир и со харфа! Фалете го со дајре и со оро! Фалете го со струни и со кавал! Фалете го со чинели со складен звук! Фалете го со чинели што ѕвечат!“ (ПСАЛМ 150:3-5).
МУЗИКАТА и музичарите уште од древни времиња играат важна улога во обожавањето на Јехова Бог. На пример, кога Јехова со чудо ги избавил Израелците изведувајќи ги низ Црвеното Море, сестрата на Мојсеј, Маријам, ги повела жените во победничка песна и танц. Танчерките свиреле и на дајриња. Овој настан покажува колку им била важна музиката на Израелците — штотуку избегале од египетската војска, а голем број од жените веќе ги имале при рака своите инструменти и биле спремни да свират (2. Мојсеева 15:20). Подоцна, цар Давид организирал да има илјадници музичари што ќе свират на инструменти како дел од обожавањето во храмот што го изградил неговиот син Соломон (1. Летописи 23:5).
Од што биле направени овие инструменти? Како изгледале? Каков звук давале? И кога се користеле?
Видови музички инструменти
Инструментите опишани во Библијата биле направени од скапоцено дрво, оптегната животинска кожа‚ метал и коска. Некои биле обложени со слонова коска. Жиците биле направени од растителни влакна или животински црева. Иако денес нема останато речиси ниеден древен инструмент, зачувани се слики од нив.
Инструментите што се користеле во библиски времиња можат да се поделат на три основни групи: жичени инструменти, како што се харфата, лирата (1) и псалтирот (2); дувачки инструменти, како што се рогот, или шофарот (3), трубата (4), омилената шупелка, или кавалот (5); удирачки инструменти, како што се дајрето (6), ѕвечалото (7), чинелите (8) и ѕвончињата (9). Музичарите свиреле на овие инструменти како придружба на поетски песни, весело танцување и пеење (1. Самоилова 18:6, 7). Што е уште поважно, ги користеле во обожавањето на Бог, кој ја дал музиката како дар (1. Летописи 15:16). Да кажеме нешто повеќе за секоја група инструменти.
Жичени инструменти. Харфата и лирата биле лесни, можеле да се носат во рака и имале жици оптегнати преку дрвена рамка. Давид свирел на жичен инструмент за да го успокои вознемирениот цар Саул (1. Самоилова 16:23). Овие инструменти се користеле во оркестарот при посветувањето на храмот на Соломон и во други радосни пригоди, како што биле празниците (2. Летописи 5:12; 9:11).
Псалтирот бил сличен на харфата, но обично имал поинаков облик. Честопати се состоел од неколку жици оптегнати на рамка со резонатор. Растреперените жици можеби давале мелодични тонови сосема различни од класичната гитара денес. Жиците биле направени од усукани зеленчукови влакна или животински црева.
Дувачки инструменти. Во Библијата често се спомнуваат овие инструменти. Меѓу најстарите од нив е еврејскиот рог, познат и како шофар. Овој издлабен овнешки рог давал силни, продорни тонови. Израелците го користеле за да ги соберат трупите за битка и да го поведат народот во бој (Судиите 3:27; 7:22).
Друг вид дувачки инструмент била металната труба. Еден документ пронајден меѓу Свитоците од Мртвото Море покажува дека на овие инструменти музичарите можеле да отсвират неверојатно широк опсег на тонови. Јехова му рекол на Мојсеј да направи две сребрени труби за да се користат во светиот шатор (4. Мојсеева 10:2-7). Подоцна, кога бил посветен храмот на Соломон, звукот на 120 труби ја зголемил свеченоста на тој настан (2. Летописи 5:12, 13). Занаетчиите правеле труби со различна должина. Некои биле долги најмалку 90 сантиметри од едниот крај, каде што се ставала устата, до другиот крај, кој имал облик на ѕвоно.
Омилен дувачки инструмент на Израелците им била шупелката. Нејзиниот весел, мелодичен звук го кревал расположението на луѓето на семејните собири, на прославите и на свадбите (1. Царевите 1:40; Исаија 30:29). Нежниот звук на шупелката можел да се чуе и на погребите, каде што музичарите свиреле како дел од ритуалот на оплакувањето (Матеј 9:23; види на страница 14).
Удирачки инструменти. На своите прослави, Израелците користеле најразлични удирачки инструменти. Нивните складни звуци буделе силни емоции. Дајрето, кое било направено од животинска кожа оптегната врз кружна дрвена рамка, испуштало тап звук како од тапан кога музичарот или танчерот ќе удрел со рака по инструментот. Кога музичарот ќе ја затресел рамката, ѕвончињата што биле прикачени на неа давале ритмичен ѕвекот.
Друг удирачки инструмент било ѕвечалото. Тоа имало овална метална рамка и рачка, како и попречни шипки на кои биле лабаво прицврстени метални дискови. Кога брзо ќе се затресело, ѕвечалото давало остар звук.
Бронзените чинели давале уште поостар звук. Тоа биле метални чинии, кои ги имало во две димензии. Големите чинели силно се удирале една од друга, додека помалите чинели испуштале мелодичен звук кога се удирале меѓу двата прста. И едните и другите давале ист звук, но со различна јачина (Псалм 150:5).
По истиот пример
Денес, Јеховините сведоци ги почнуваат и ги завршуваат своите состаноци со музика и пеење. На нивните поголеми собири се пушта снимена оркестарска музика која се изведува со современи жичени, дувачки и удирачки инструменти.
Со тоа што го фалат Бог со музика и песни, Сведоците го следат примерот на древните Израелци и на христијаните од првиот век (Ефешаните 5:19). Како и Божјите слуги од библиски времиња, Јеховините сведоци денес радосно ја спојуваат поезијата со музиката за да го фалат Јехова.
[Слики на страница 23]
(Инструментите не се во природна големина)
(Види во публикацијата)