ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 5/11 стр. 10-11
  • Мравките-медарки — пустински деликатес

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Мравките-медарки — пустински деликатес
  • Разбудете се! 2011
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Живи тегли мед
  • Марш на една војска!
    Разбудете се! 2003
  • „Оди кај мравката“
    Разбудете се! 1995
Разбудете се! 2011
g 5/11 стр. 10-11

Мравките-медарки — пустински деликатес

ЈУМИНИЈА, нашата пријателка која е Абориџинка, сподели една од своите пустински тајни со нас. Додека нѐ водеше низ спржениот предел северно од Алис Спрингс во централна Австралија, таа со погледот внимателно го пребаруваше песочното тло. И тогаш, под еден вид ниски багремови дрвца, забележа ситни суштества што нѐ одведоа до едно слатко задоволство. Станува збор за мравките-медарки.

Таа почна енергично да копа следејќи ги мравјите ходници длабоко во песочното тло. За кратко време, беше во дупка длабока околу 1 метар и доволно широка за да може да седне во неа. „Мравки-медарки можеш да бараш во текот на целата година, но зимата е најдобро време бидејќи во лето е многу жешко“, довикна од дупката. Ние стоевме и гледавме додека таа, со око на стручњак, ги прегледуваше отворените ходници. „Мора да знаеш кој ходник да го следиш“, објасни.

По некое време, Јуминија го најде гнездото. Во него имаше најмалку 20 мравки-медарки, чии надуени стомаци големи колку зрно грозје беа полни со течност со боја на килибар. Тие висеа на таванот од ходникот и не можеа да се движат од стомакот. За само неколку минути, собра преку сто мравки од неколку простории. „Медот од овие мравки е една од најслатките работи што може да се најдат тука, во пустината“, вели Јуминија.

Живи тегли мед

Од над 10.000 познати видови мравки, мравките-медарки се едни од најнеобичните. За разлика од пчелите, кои го собираат медот во саќе, мравките-медарки го складираат нектарот во живите тела на мравките-работници, наречени и мравки-магационери. Колонијата мравки ја користи храната од овие живи „тегли мед“ кога ќе дојдат гладни денови.

За да остави или да земе храна, мравката со своите антени ја отчукува соодветната лозинка врз антените на мравката-магационер, која потоа ја отвора устата, а со тоа и патот до „теглата мед“. Во стомакот, мравката-магационер има еден посебен залисток составен од четири крилца кој контролира колку мед ќе влезе или излезе. Во својот животен век од неколку месеци, овие „тегли“ можат неколкупати да бидат наполнети и испразнети.

Мравките-магационери обично се неактивни и безбедно живеат под земјата, заштитени од сушата, жегата и грабливците што ловат инсекти. Во овој мрачен подземен свет, тие се заштитени од бактерии и габи затоа што си го премачкуваат телото со антибиотичката течност што ја лачат од една посебна жлезда.

Но, од каде доаѓа „медот“? Процесот започнува од сокот и нектарот на багремовите дрвца. Ситни мушички, наречени лисни вошки, се хранат со овие природни сокови. Потоа мравките-работници го молзат вишокот шеќер од лисните вошки, наречен медена роса, или го собираат и нектарот директно од дрвцата. На крајот, работниците ја преточуваат насобраната течност во стомакот на магационерите. Се разбира, бидејќи неактивните магационери имаат скромни потреби од храна, поголемиот дел од медената роса завршува во „трезорот за мед“!

А што е со лисните вошки? Дали се само искористени? Далеку од тоа. Како прво, мравките им оставаат доволно нектар. Како второ, тие ги штитат лисните вошки од паразити и од грабливци. Значи, од оваа симбиоза, наречена мутуализам, корист имаат и мравките и лисните вошки.

„Оди кај мравката“, вели Библијата, „набљудувај ги нејзините патишта и стани мудар. Иако нема ни заповедник, ни управител, ни господар, таа си приготвува храна лете, собира резерви од храна во времето на жетва“ (Изреки 6:6-8). Колку се вистинити овие зборови, затоа што мравките се многу организирани, трудољубиви и одлично соработуваат меѓу себе! Навистина одушевува тоа што овие издржливи пустински жители успеваат да произведат ваков вкусен деликатес во толку негостољубива средина!

[Слика на страница 11]

Надуениот стомак на мравките-медарки е полн со сладок нектар

[Извори на слики на страница 11]

Страници 10, 11, горе: M Gillam/photographersdirect.com; страница 11: © Wayne Lynch/age fotostock

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели