Поглед во светот
Околу 17 отсто од учениците во Бразил на возраст од 10 до 13 години се вклучени во некој вид малтретирање — или како жртви или како насилници (O ESTADO DE SÃO PAULO, БРАЗИЛ).
Сега и деца под 12 години имаат висок крвен притисок, покачен холестерол, камења во бубрезите и проблеми со црниот дроб. Кои се главните причини за тоа? Физичка неактивност, премногу нездрава храна и прекумерна тежина (ABC, ШПАНИЈА).
Според една проценка на владата на САД, трошоците за подигање дете родено во 2008 год. во семејство со просечни примања до неговата 18-та година ќе изнесуваат „околу 221.190 долари (или 291.570 долари, ако се земе предвид инфлацијата)“ (МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО НА САД).
Како беше да си играш
Според една неодамнешна анкета, една петтина од родителите во Британија велат дека заборавиле „како беше да си играш со децата“. Една третина признале дека играњето им е здодевно, а други рекле дека немаат време или немаат идеи како да си играат. Во врска со овие сознанија, професор Тања Бајрон, специјалист по клиничка психологија, вели: „Играта помеѓу децата и родителите вклучува четири важни аспекти: поука, мотивација, адаптација и комуникација“. Иако секој трети родител избрал да игра компјутерски игри со своите деца, најголем број од децата повеќе сакаат сами да ги играат тие игри. Меѓу активностите во кои повеќето деца на возраст од 5 до 15 години сакаат да бидат заедно со своите родители се игрите што се играат надвор или некои игри со карти и коцки.
Приказни за добра ноќ
Една интернет страница им нуди помош на татковците кои се премногу зафатени и не можат лично да им читаат на своите деца приказни за добра ноќ. Сиднејскиот весник Daily Telegraph објаснува: „Една компјутерска програма го снима гласот на таткото додека чита приказна, додава музика и звучни ефекти и му праќа на детето аудиоснимка преку електронска пошта“. Меѓутоа, стручните лица што се занимаваат со меѓучовечки односи се скептични во врска со оваа идеја. „Читањето помага да се створи врска помеѓу родителот и детето“, вели д-р Ричард Флечер од Универзитетот во Њукасл (Австралија). Во тие прилики, татковците имаат можност да комуницираат со децата, да ги гушкаат и да се смеат заедно. Д-р Флечер вели дека ниеден имејл не може да го надомести она што се случува кога таткото ќе седне да му чита на своето дете.