Најдов вистинска љубов и мир
Раскажал Ежидио Нахакбрија
Израснав со чувство дека сум непожелен и дека никој не ме сака. Но, сега се чувствувам сакан и имам вистински внатрешен мир. Да ви раскажам како дојде до ваква промена.
ДОЈДОВ на свет во 1976 год., во една колиба со земјен под во Источен Тимор, кој тогаш беше дел од Индонезија. Бев осмо од десетте деца во едно сиромашно семејство. Бидејќи не можеа сите да нѐ прехранат, родителите го задржаа мојот брат близнак, а еден братучед го замолија да се грижи за мене.
Во декември 1975 год., кратко пред да се родам, Индонезија го нападна Источен Тимор, што доведе до герилска војна која траеше повеќе од две децении. Затоа, моите најрани спомени се поврзани со насилство и страдање. Многу јасно можам да се сетам како војниците го нападнаа нашето село и нѐ присилија сите да бегаме за да си го спасиме животот. Јас и братучед ми пеш се пробивме до едно пусто планинско место, каде што се засолнија илјадници жители на Источен Тимор.
Меѓутоа, војниците дознаа каде се криеме и по кратко време врз нас почна да паѓа дожд од бомби. Имам ужасни спомени од теророт, смртта и пустошот што тие ги оставија зад себе. По некое време се вративме во нашето село, но живеев во постојан страв. Многу од нашите соседи исчезнаа или беа убиени, па се плашев дека јас сум следниот.
Кога имав десет години, братучед ми се разболе и умре, по што родителите ме испратија да живеам со баба ми. Таа беше вдовица, огорчена од животот и за неа бев само товар. Ме третираше како роб. Еден ден, кога бев премногу болен за да работам, ме претепа и ме остави да умрам. За среќа, еден братучед ме зеде во своето семејство.
Кога имав 12 години, конечно тргнав на училиште. Кратко потоа, се разболе жената на братучед ми, а тој падна во тешка депресија. Бидејќи не сакав да им бидам додатен товар, избегав во џунглата и се приклучив на една група индонезиски војници. Им помагав околу перењето, готвењето и го чистев логорот. Со мене беа добри и се чувствував потребен. Но, по неколку месеци, роднините ме најдоа и ги натераа војниците да ме вратат во селото.
Политички активист
Откако завршив средно училиште, се преселив во главниот град на Источен Тимор, Дили, и се запишав на факултет. Таму запознав многу млади со слично детство како моето. Заклучивме дека единствен начин нашата земја да стане независна и да се направат промени во општеството е преку политиката. Организиравме многу политички демонстрации, а повеќето од нив завршуваа со немири. Многу од моите пријатели беа повредени. Некои дури беа и убиени.
Источен Тимор стекна независност во 2002 год., но војната зад себе остави пустош, десетици илјади мртви и стотици илјади раселени лица. Се надевав дека ситуацијата ќе се смени на подобро. Но, невработеноста, сиромаштијата и постојаните политички превирања продолжија.
Пресвртница
Во тоа време живеев со некои роднини, меѓу кои и еден помлад далечен роднина по име Андре. Тој ја проучуваше Библијата со Јеховините сведоци. Како ревносен католик, не бев среќен што се вплеткал во некоја друга религија. Сепак, ме интересираше Светото писмо и одвреме-навреме ја читав Библијата што Андре ја чуваше во својата соба. Она што го прочитав уште повеќе ме заинтригира.
Во 2004 год., Андре ми даде покана за Спомен-свеченоста по повод Исусовата смрт и решив да одам. Но, погрешно сум ја прочитал поканата, па стигнав два часа порано. Како што пристигнуваа Сведоците, меѓу кои имаше и мештани и странци, сите срдечно се поздравуваа со мене и ми изразуваа добредојде. Тоа ми остави силен впечаток. За време на говорот, во едно тефтерче ги запишав сите стихови што беа спомнати и подоцна ги проверив во мојата католичка Библија за да видам дали е точно она што го кажа говорникот. Сѐ беше како што кажа!
Следната седмица отидов на миса во мојата црква. Бидејќи јас и уште неколкумина други задоцнивме, свештеникот зеде еден стап и луто нѐ избрка од црквата. Додека ние стоевме надвор, тој ја заврши богослужбата со зборовите „Исусовиот мир нека биде со вас“. Една смела жена извика: „Како можеш да зборуваш за мир кога пред малку ги истера луѓето од црквата?“ Свештеникот не ѝ обрна никакво внимание. Јас си заминав од црквата и не се вратив повеќе.
Набрзо потоа почнав да ја проучувам Библијата и да одам на состаноците на Сведоците заедно со Андре. Нашите роднини беа вознемирени поради тоа и почнаа да ни прават проблеми. Баба му на Андре ни се закани: „Ако продолжите да одите во таа нова вера, ќе ископам дупка и живи ќе ве закопам во неа!“ Меѓутоа, нејзините закани не нѐ расколебаа. Бевме решени да продолжиме духовно да растеме.
Промени
Проучувајќи ја Библијата, сфатив дека јас, всушност, и не знам што е љубов. Бев човек со тежок карактер и имав подигнато ѕид околу себе. Немав доверба во луѓето. Но, Сведоците беа вистински заинтересирани за мене. Еднаш многу се разболев. Роднините не ме ни погледнаа, но Сведоците ме посетуваа и ми помагаа. Нивната љубов не ја покажуваа само ‚со зборови и со јазик, туку со дела‘ (1. Јованово 3:18).
Иако изгледав застрашувачки, Сведоците беа „сочувствителни“ и „полни со братска љубов“ (1. Петрово 3:8). За првпат во животот се почувствував сакан. Тоа ме смекна, па и кај мене почна да се раѓа љубов кон Бог и кон луѓето. Така, во декември 2004 год., се крстив како Јеховин сведок. По кратко време се крсти и Андре.
Благослови во тешки времиња
По крштавањето чувствував силна желба да им помагам на луѓето кои никогаш не почувствувале вистинска љубов и правда. Затоа, почнав со полновремена, или пионерска служба, како што ја викаат Јеховините сведоци. Кога ја пренесував охрабрувачката порака од Библијата, се чувствував многу поисполнето отколку кога учествував во политички демонстрации и немири. Конечно можев вистински да им помагам на луѓето!
Во 2006 год., во Источен Тимор повторно се заострија политичките тензии и имаше расправии околу границите. Спротивставените групи се бореа околу стари нерешени прашања. Градот Дили беше под опсада, многу луѓе од источниот дел бегаа за да спасат жива глава. Заедно со други Сведоци, избегав во Баукау, голем град околу 120 километри источно од Дили. На крај, нашата тешка ситуација се сврте во благослов зашто основавме ново собрание — првото собрание надвор од Дили.
Три години подоцна, во 2009 год., бев повикан да одам на една посебна школа за полновремени христијански проповедници во Џакарта (Индонезија). Сведоците во Џакарта срдечно ги отворија за мене и својот дом и своето срце. Нивната искрена љубов длабоко ме трогна. Се чувствував како дел од едно светско братство, од едно меѓународно „семејство“ кое вистински ме сакаше (1. Петрово 2:17).
Конечно мир!
По завршувањето на школата, се вратив во Баукау, каде што живеам и денес. Многу сум радосен што можам да им помагам на луѓето во духовен поглед, исто како што и мене ми беше помогнато. На пример, во едно далечно село надвор од Баукау, јас и други поучуваме за Библијата 20-тина луѓе, меѓу кои има и мнозина постари што не знаат да читаат и да пишуваат. Целата оваа група доаѓа на седмичните состаноци, а тројца од нив се приклучија на нашето духовно „семејство“ како крстени членови на христијанското собрание.
Пред неколку години се запознав со Фелизарда, мила девојка што ја прифати библиската вистина и набрзо се крсти. Се венчавме во 2011 год. Многу сум радосен и што мојот роднина Андре служи во подружницата на Јеховините сведоци во Источен Тимор. Сега повеќето мои роднини ја почитуваат мојата вера, вклучувајќи ја и баба му на Андре, која еднаш сакаше живи да нѐ закопа.
Порано бев гневен, не се чувствував сакан ниту сметав дека заслужувам некој да ме сака. Но, благодарение на Јехова, конечно најдов вистинска љубов и мир!
[Слика на страница 19]
Ежидио како политички активист
[Слика на страница 21]
Ежидио и Фелизарда со некои членови на собранието Баукау во Источен Тимор