ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 7/07 стр. 26-29
  • „Јехова, сакам да ти служам“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Јехова, сакам да ти служам“
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Искушенија на училиште
  • Охрабрувачко писмо
  • Промените водат кон напредок
  • Одговор на уште повеќе молитви
  • Служба во странство
  • Најдов вистинска љубов и мир
    Разбудете се! 2012
  • Следејќи ги стапките на моите родители
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Извонредно христијанско наследство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • „О Јехова, помогни ѝ на мојата малечка да остане верна!“
    Разбудете се! 1994
Повеќе
Разбудете се! 2007
g 7/07 стр. 26-29

„Јехова, сакам да ти служам“

Раскажала Даниела Хол

Кога бев мала, многу сакав да одам кај баба, која живееше до нас. Таа имаше обичај да си дремне попладне. Ако отидев во тоа време, ќе ме седнеше до неа на креветот и ќе ми читаше библиски приказни. Често ми велеше: „Никогаш немој да заборавиш дека Јехова те сака. А ако го сакаш и ти него, тој секогаш ќе се грижи за тебе“. Нејзините зборови длабоко ми се врежаа во умот и во срцето.

БАБА умре во 1977 год., кога јас имав само четири годинки. Таа, како и сите роднини на татко ми во нашето гратче Моу (Австралија), беше Јеховин сведок. Моите родители не беа, но на татко ми му се допаѓаа Сведоците. Подоцна се преселивме во Тинтенбар, мало гратче во близина на брегот на Нов Јужен Велс. Таму, заедно со мојот постар брат, Џејми, и со тато, одвреме-навреме одев на состаноците на Сведоците.

Кога имав осум години, моите родители се разделија. Тато се врати во Моу, а јас и Џејми останавме со мама. Неа не ја интересираше Библијата и не сакаше да одиме на состаноците на Сведоците. Тоа многу ме погодуваше. Зборовите на баба ми одекнуваа во главата. Бев сигурна дека го сакам Јехова! И, сакав да му служам. Затоа му се молев и му кажав дека и јас сум негов Сведок. И Џејми го чувствуваше истото.

Искушенија на училиште

Кратко потоа, еден наставник ни рече на сите во одделението да кажеме од која религија сме, за да може да го запише тоа во дневникот. Кога дојде ред на Џејми, тој јасно и гласно рече: „Јеховин сведок“. Наставникот застана и му рече да повтори уште еднаш. Џејми повтори. „Ќе видиме дали е баш така“, рече наставникот. Кога мене ми дојде редот, и јас гласно реков: „Јеховин сведок“. Очигледно изнервиран, наставникот нѐ одведе кај директорот на училиштето.

„Еве ги вашите документи. Вашите родители не кажаа дека сте Јеховини сведоци кога ве запишаа“, остро рече директорот. „Но, ние живееме според таа религија“, одговоривме со почит. Тоа беше прв и последен пат директорот и наставникот да зборуваат со нас на таа тема.

На училиште, се трудев да им зборувам на соучениците за малкуте работи што ги знаев од Библијата. Ја носев со себе Моја книга со библиски приказни и одвреме-навреме можев да му прочитам по некоја приказна на едно девојче што веруваше во Бог.a Сепак, бидејќи се трудев да живеам во склад со христијанските мерила, не бев омилена во одделението, и честопати бев осамена.

Толку често му се молев на Јехова од дното на душата што тој ми стана најблизок пријател. Секој ден по часовите, седнував на мојот кревет и му кажував на Јехова за сите работи што ми се случија тој ден, до најмала ситница. Често плачев. Додека по образите ми се тркалаа солзи, се молев: „Јехова, сакам да ти служам со твојот народ“. Откако ќе се помолев, секогаш се чувствував многу подобро.

Охрабрувачко писмо

Кога имав десет години, Џејми се врати да живее со тато во Моу. Се чувствував уште поосамено во духовен поглед. Но еден ден, кога бев на гости кај едни соседи, најдов списанија од Јеховините сведоци. Возбудено се обидов да ја запамтам адресата на подружницата во Австралија и брзо отрчав дома за да ја запишам. Потоа напишав едно искрено писмо до подружницата во кое ја објаснив мојата ситуација и побарав духовна помош. Одговорот што го добив оттаму, писмо од две страници напишано само за мене, ме допре до срце. Тоа беше доказ дека Јехова навистина ме сака!

Писмото ме поттикна да размислувам за верата на малото израелско девојче кое му станало слугинка на Нааман, заповедник на сириската војска во библиско време. Иако било заробено и живеело далеку од својата родна земја, тоа го задржало блиското пријателство со својот Бог, Јехова. И, со тоа што храбро зборувало за својата вера, покажало дека е негов вистински сведок (2. Царевите 5:1-4).

Во писмото од подружницата стоеше и следново: „Како мало девојче, треба да му служиш на Јехова така што ќе им бидеш послушна на родителите и ќе имаш добри оценки на училиште. Но, треба да останеш и блиска со Јехова — затоа продолжи да му се молиш и да проучуваш“. На крајот од писмото, стоеше: „Даниела, не заборавај дека, каде и да сме, Јехова е секогаш близу до нас. Знаеме дека ти веруваш во тоа“ (Римјаните 8:35-39). Ова писмо, сега веќе старо и пожолтено, стои меѓу првите листови од мојата Библија. Низ годините, го имам прочитано многу пати, но ниту еднаш не можев да го дочитам, без да заплачам.

Кратко потоа, добив уште едно писмо. Во него пишуваше дека татко ми направил претплата за редовно да ги добивам преку пошта списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Бев пресреќна! Сега редовно добивав духовна храна. Кога ќе ми стигнеа списанијата, ги читав од првата до последната страница. Сѐ уште ги чувам првите примероци од овие прекрасни списанија. Отприлика во исто време, почна да ме посетува еден христијански старешина од собранието во градот. Неговите посети многу ме охрабруваа, иако доаѓаше само на кратко.

Промените водат кон напредок

И покрај тоа што сега бев во подобра ситуација од духовна гледна точка, сѐ уште копнеев слободно да му служам на Јехова. Затоа, кога наполнив 13 години, ја прашав мајка ми дали можам да живеам со тато. Многу ја сакав мама, а и таа ме сакаше, но бев решена да му служам на Бог. Кога таа се согласи, се вратив во Моу и почнав да ја проучувам Библијата со тамошното собрание. Тато ни дозволи мене и на Џејми да одиме и на сите состаноци. Сведоците од собранието даваа сѐ од себе за да ни помагаат. Јас и Џејми напредувавме многу брзо во духовен поглед, и подоцна се крстивме едноподруго — со само неколку месеци разлика. Така ми се исполни молитвата од детството. Конечно му служев на Јехова заедно со неговиот народ!

Во меѓувреме станав многу блиска со тетка ми и тетин ми, Лорејн и Филип Тејлор, кои исто така служеа во собранието во Моу. Им бев како ќерка. Кога требаше да се преселат на островот Бугенвил (Папуа Нова Гвинеја), за да служат таму бидејќи имаше потреба од објавители на Царството, скокнав од радост кога ме прашаа дали би одела со нив. Иако имав само 15 години, тато и мама ме пуштија да одам.

Во Бугенвил го продолжив образованието по пат на дописна школа. Но, останатиот дел од времето го поминував во проповедање. Колку бев радосна што можев да служам заедно со мисионери и пионери! Тамошните жители беа едни од најпонизните луѓе што сум ги сретнала во животот, и многумина беа спремни да ја проучуваат Библијата.

Нешто подоцна таа година избувнаа политички немири на островот, и беше премногу опасно да останам таму. Ми се кинеше срцето што морав да си заминам од тој мал остров и да ги напуштам неговите прекрасни луѓе. Додека малиот авион се креваше во воздухот, гледав како тетин ми, Филип, мавта со раката стоејќи на пистата. Липајќи го молев Јехова во себе да ми помогне еден ден да служам како мисионер во друга земја.

Одговор на уште повеќе молитви

Кога се вратив во Австралија и го завршив средното училиште, почнав да стажирам во една адвокатска канцеларија. Во меѓувреме тато се прежени и се грижеше за големо семејство. Џејми живееше со мама. Некое време патував ваму-таму меѓу двајцата родители. Животот ми изгледаше доста комплициран. Морав да го поедноставам и да го насочам вниманието на духовни цели. Затоа, во 1994 год., почнав да служам полновремено како пионер во Моу.

Повторно бев среќна. Се дружев со духовно настроени млади луѓе во собранието, и тие ми даваа голема поддршка. Всушност, во 1996 год. се омажив за еден од нив — Вил — тивок, мил и понизен човек, кој ми е вистински дар од Јехова.

Мирно запловивме во брачните води и бевме многу среќни. Еден ден, кога Вил се врати дома откако беше во служба со патувачкиот надгледник, кој ги посетуваше собранијата во нашето подрачје, ме седна и ме праша: „Сакаш ли да се преселиме за да му помагаме на едно друго собрание?“ Во срцето веднаш си реков ‚Да!‘ Сепак, на шега реков: „Каде? На Вануату? На Фиџи?“ Кога Вил рече: „Во Морвел“, ми излета: „Па тоа е во комшии!“ И двајцата се насмеавме и веднаш се сложивме дека со радост ќе се преселиме за да служиме како пионери во соседното собрание.

Следните три години во Морвел беа многу среќни и имавме многу успех во службата. Потоа имавме уште едно изненадување. Добивме покана од подружницата на Јеховините сведоци во Австралија да служиме како специјални пионери. Каде? Во Источен Тимор, мала држава во источниот дел на Индонезискиот Архипелаг. Очите ми се наполнија со солзи. Од сѐ срце му се заблагодарив на Јехова што ми одговори на сите молитви. Не само што ме прифати како свој слуга туку сега можев заедно со маж ми да му служам и во друга земја.

Служба во странство

Пристигнавме во главниот град Дили во јули 2003 год. Во собранието во Дили — кое беше и единственото во земјата — имаше 13 специјални пионери од Австралија и само неколку тамошни Сведоци. Браќата и сестрите во Тимор беа многу сиромашни. Повеќето од нив ги изгубиле поседите, а и доста членови од семејството, во 24-годишната граѓанска војна која заврши во 1999 год. Поради својата новопронајдена вера, многу од нив се соочиле и со остро противење од своите семејства. Сепак, и покрај сите неволји и сиромаштијата, тие беа духовно богати и среќни (Откровение 2:8, 9).

Увидовме дека повеќето жители на Источен Тимор се побожни и дека ја почитуваат Божјата реч. Всушност, за кратко време ја проучувавме Библијата со толку многу луѓе што не можевме да постигнеме! Подоцна, некои од првите лица со кои проучувавме служеа рамо до рамо со нас како крстени браќа и сестри. Бевме многу радосни додека го гледавме нивниот духовен напредок.

Потоа, во 2006 год., Дили повторно потона во хаос. Напнатоста меѓу различните етнички групи прерасна во жесток судир. Многу куќи беа ограбени или изгорени до темел, и Сведоците од градот побараа засолниште во домовите на специјалните пионери. Нашата куќа и дворот се претворија во привремен камп за бегалци, а едно време со нас живееја стотина луѓе! Натстрешницата под која ја паркиравме колата ни служеше како кујна, трпезарија и привремена Сала на Царството.

Иако во близина експлодираа бомби и се слушаше пукање, нашиот пионерски дом беше мирно прибежиште. Сите чувствувавме како Јехова нѐ штити. Секој ден го почнувавме со заедничко разгледување на еден стих од Библијата. Состаноците ги одржувавме како и обично. Освен тоа, продолживме и понатаму да ја проучуваме Библијата со заинтересираните.

Како што одминуваа седмиците, стануваше сѐ појасно дека е опасно браќата родени во источниот дел од земјата да останат во Дили. Затоа одговорните браќа решија да се основа нова група во Баукау, вториот град по големина во земјата, кој се наоѓа на три часа источно од Дили. Така јас и Вил добивме нова задача.

Пристигнавме во Баукау во јули 2006 год., речиси три години од денот кога стапнавме на тлото на Источен Тимор. Новата група се состоеше од четири специјални пионери и шест Сведоци од Тимор. Иако локалните браќа и сестри оставија сѐ што имаа во Дили, широките насмевки не им исчезнаа од лицето. Бевме восхитени од нивната верност и самопожртвуваност!

Јас и Вил сѐ уште служиме во Баукау. Многу ја сакаме оваа задача и ја сметаме за уште еден благослов од Јехова. Кога размислувам за минатото, сфаќам дека баба беше во право. Јехова верно се грижеше за мене сите овие години. Постојано му благодарам што ми ја даде таа голема чест да му служам заедно со неговиот народ. Освен тоа, со нетрпение чекам повторно да ја видам баба кога ќе воскресне. Тогаш ќе можам да ѝ се заблагодарам што ми го даде клучот кој ми ја отвори вратата на еден навистина среќен и исполнет живот.

[Фуснота]

a Издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 26]

Со баба

[Слика на страници 28 и 29]

Со сопругот, Вил

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели