ЕУРО 2012 — историски настан
САКАШ ЛИ да гледаш добар фудбалски меч — или можеби и да одиграш некој? Тогаш, веројатно знаеш дека оваа година ќе се одржи европското првенство организирано од УЕФА. Првиот судиски свиреж на ЕУРО 2012 ќе се огласи на 8 јуни во Варшава (Полска), а финалниот меч ќе се одигра на 1 јули во Киев (Украина). Што е ЕУРО 2012, и какви сѐ подготовки се прават за него? Зошто се смета за историски настан?
„Заедно ја пишуваме историјата“
Европски фудбалски првенства се одржуваат на секои четири години уште од 1960 год. Досега, домаќини на овој настан биле Австрија, Англија, Белгија, Германија, Италија, Југославија, Португалија, Франција, Холандија, Швајцарија, Шведска и Шпанија.
Оваа година, домаќини на првенството ќе бидат Полска и Украина. Во Полска натпреварите ќе се играат во градовите Варшава, Вроцлав, Гдањск и Познањ. Во Украина, пак, националните тимови ќе ги одмерат силите на стадионите во Доњецк, Киев, Лавов и Харков.
Според УЕФА, „ова е третпат (по Белгија/Холандија во 2000 год. [и] Австрија/Швајцарија во 2008 год.) домаќини на европското првенство да бидат две земји“. Сепак, ЕУРО 2012 е историски настан. Зошто? Затоа што оваа година првенството не само што е плод на соработката меѓу двете земји домаќини и организаторите на натпреварите туку и затоа што за првпат ќе се одржи во земји од Централна и Источна Европа. Затоа, официјалниот слоган на овогодишниот настан е „Заедно ја пишуваме историјата“.
Подготовки
Се разбира, една од најважните работи за да се одиграат натпреварите е да се обезбедат соодветни стадиони. За таа цел стадионите во Познањ и во Харков беа реновирани, а во другите шест градови беа изградени комплетно нови. Вкупниот капацитет на сите овие стадиони е 358.000 гледачи.
Во очекување на олку голем број посетители, градовите домаќини вложуваат многу во безбедноста. Илјадници членови на обезбедувањето добија посебна обука за овој настан. Според електронскиот весник Science & Scholarship in Poland, во нивната обука беа вклучени „вежби за спроведување безбедносни мерки на 140 други настани, во што спаѓаше... да се држат толпите под контрола, да се означат безбедносни зони и соработка со странски тимови за обезбедување“.
Зошто се неопходни ваквите мерки? Една причина е тоа што на властите им е јасно дека големите спортски настани се можна мета на терористички напади. Исто така, свесни се дека страсните навивачи често претставуваат опасност едни за други, како што покажуваат случаите на насилство и хулиганско однесување во минатото.
Урамнотежено гледиште
За жал, многу вљубеници во спортот одат во крајност. „Животот ми е празен и мизерен ако мојот [фудбалски] тим има слаби резултати“, вели еден навивач. „Можам искрено да кажам дека, доколку постои некаква опасност од нуклеарна војна, нешто што најмногу би ме загрижило е дали ќе се одиграат закажаните натпревари за тој викенд.“
Но, да видиме какво урамнотежено гледиште во врска со рекреацијата е изнесено во една стара книга полна со мудрост — Библијата. Таа кажува дека е убаво во животот да има разноликост. На пример, во неа пишува дека има „време за смеење... време за играње“ (Проповедник 3:1-4, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Но, Библијата поттикнува и на умереност (1. Тимотеј 3:2, 11). Затоа, кога одлучуваме околу што ќе се врти нашиот живот, мудро е да го следиме библискиот совет ‚да процениме што е најважно‘ (Филипјаните 1:10).
[Рамка/слика на страница 25]
ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ НА ЕУРО 2012
На 20 октомври 2011 год., УЕФА објави дека ќе „воведе целосна забрана за користење, продажба или рекламирање на цигари на сите стадиони на кои ќе се играат натпреварите од ЕУРО 2012“. Зошто ваква забрана? „Забраната за пушење на ЕУРО 2012 е од обѕир кон здравјето на гледачите, како и на сите што се вклучени во овој турнир“, изјави претседателот на УЕФА, Мишел Платини. Оваа забрана ја поддржа и еврокомесарката Андрула Василиу, која ги посоветува градовите домаќини во непушачките зони да вклучат и дополнителни места, како што се рестораните и јавниот превоз. „Целта на фудбалот и спортот е подобро здравје и форма“, вели Василиу, „а пушењето има спротивен ефект: тие две работи просто не одат заедно.“
[Карта на страница 24]
(Види во публикацијата)
ПОЛСКА
ВАРШАВА
Гдањск
Познањ
Вроцлав
УКРАИНА
КИЕВ
Лавов
Харков
Доњецк
[Слика на страница 24]
Финалето помеѓу Германија и Шпанија на ЕУРО 2008 се одржа на стадионот Ернст Хапел во Виена (Австрија)
[Слика на страница 25]
Олимпискиот стадион во Киев (Украина)
[Извор на слика на страница 25]
Страници 24 и 25, двете фотографии: Getty Images