ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/8 стр. 5-8
  • Дали Европа навистина ќе се обедини?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали Европа навистина ќе се обедини?
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Чекори кон монетарно обединување
  • Уште монетарни прашања
  • На вратата на ЕУ тропаат нови членки
  • Огорченост, национализам и невработеност
  • Кој е одговорен?
  • Обединета Европа — зошто тоа би било важно?
    Разбудете се! 2000
  • ЕУРО 2012 — историски настан
    Разбудете се! 2012
  • Чумата на невработеност
    Разбудете се! 1996
  • Каде оди овој свет?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
Повеќе
Разбудете се! 2000
g00 8/8 стр. 5-8

Дали Европа навистина ќе се обедини?

АКО Ви е тешко да поверувате дека Европа е сериозна кога зборува за обединување, ќе треба да преминете само неколку од нејзините внатрешни граници. Сега луѓето слободно се движат во рамките на Европската унија (ЕУ). Долгото чекање на граничните премини речиси го снема. Се разбира, патниците се воодушевени — но тие не се единствените кои имаат корист од тоа. Сега граѓаните на земјите на ЕУ можат лесно да студираат, да работат и да отвораат претпријатија каде и да било во рамките на ЕУ. Ова, пак, доведе до економски напредок во посиромашните подрачја на Унијата.

Лесното преминување на границите сигурно е една голема промена. Сепак, дали треба да заклучиме дека Европа е веќе обединета и дека нема никакви пречки на патот до обединување? Напротив, пред нас се појавуваат препреки, а некои од нив се прилично застрашувачки. Но, пред да дискутираме за нив, да разгледаме еден од најголемите чекори кон обединување кој е направен досега. На тој начин ќе ни биде полесно да разбереме зошто луѓето негуваат толкава надеж во обединувањето.

Чекори кон монетарно обединување

Одржувањето на границите може да биде скапо. Царинските формалности меѓу 15-те земји членки на ЕУ едно време ги чинеа тие нации околу 12 милијарди евра годишно. Не изненадува тоа што новата ситуација на европските граници го поттикна економскиот развој. Кога ќе помислите на 370-те милиони жители на ЕУ кои слободно преминуваат од земја во земја во рамките на единствен заеднички пазар, јасно е дека економскиот потенцијал е извонреден. Што го овозможи ваквиот напредок?

Во февруари 1992, политичките водачи направија еден голем чекор на патот кон обединување со тоа што го потпишаа Договорот на Европската Унија, односно Договорот од Мастрихт. Овој договор го положи темелот за отворање обединет пазар во рамките на Европа, една централна банка и една единствена валута. Сепак, требаше да се направи уште еден важен чекор: да се отстранат флуктуациите во девизниот курс. Може да се случи утрешниот девизен курс сосема да ја смени сликата на некоја трансакција што е направена денес.

Оваа препрека на патот кон единство беше отстранета со формирањето на Економската и монетарна унија (ЕМУ) и воведувањето на еврото како заедничка валута. Сега исчезнаа трошоците од курсната разлика и претпријатијата повеќе не мора да се штитат од ризиците што ги носи девизниот курс. Резултатот од тоа се пониски трошоци во бизнисот и поголема меѓународна трговија. Ова, пак, може да води до повеќе работни места и зголемена куповна моќ — што би било од корист на сите.

Основањето на Европската централна банка во 1998 година претставуваше уште еден важен чекор кон усвојувањето на единствена валута. Оваа независна банка, која е сместена во германскиот град Франкфурт, поседува монетарна сувереност над владите учеснички. Таа настојува да го спречи зголемувањето на инфлацијата во евро зоната, која се состои од 11 земји учеснички,a и да ги стабилизира флуктуациите на девизниот курс помеѓу еврото, доларот и јенот.

Значи, што се однесува до парите, направени се големи чекори кон обединување. Меѓутоа, прашањето во врска со парите го покажува и длабокото неединство кое сѐ уште постои меѓу европските нации.

Уште монетарни прашања

Посиромашните земји на ЕУ имаат поплаки. Тие сметаат дека побогатите нации членки не го делат доволно со нив своето богатство. Ниту една од нациите членки не одрекува дека е потребно да им се понуди дополнителна финансиска поддршка на посиромашните европски партнери. Сепак, побогатите нации сметаат дека имаат валидни причини да не го сторат тоа.

Да ја земеме за пример Германија. Сега, кога нејзините финансиски тешкотии се зголемија, опадна воодушевеноста на оваа земја да дејствува како финансиер во обединувањето на Европа. Само обединувањето на Источна и Западна Германија имаше огромна цена — речиси сто милијарди долари годишно. Тоа е една четвртина од државниот буџет! Заради овие настани, германскиот државен долг нагло се зголеми толку многу што Германија мораше да вложува големи напори за да ги задоволи критериумите за прием што ги поставува ЕМУ.

На вратата на ЕУ тропаат нови членки

Оние кои се залагаат за единствена валута се надеваат дека во блиска иднина земјите на ЕУ кои сѐ уште не се влезени во ЕМУ, ќе успеат да ги совладаат препреките до 2002 година, кога се очекува монетите и банкнотите на еврото да ги заменат денешните европски валути. Ако престанат да се двоумат Британија, Данска и Шведска, дури и луѓето од тие земји можат да доживеат нивните фунти и круни да бидат заменети со еврото.

Во меѓувреме, на вратата на ЕУ тропаат уште шест други земји. Тоа се Естонија, Кипар, Полска, Република Чешка, Словенија и Унгарија. Уште пет земји чекаат на ред, имено, Бугарија, Летонија, Литванија, Романија и Словачка. Нивното влегување нема да биде евтино. Се проценува дека во периодот од 2000 до 2006 година, ЕУ ќе мора да обезбеди 80 милијарди евра за да им помогне на десетте новодојдени членки од Источна Европа.

Меѓутоа, средствата што ќе мора да ги вложат новодојдените членки за да ги задоволат барањата за влез во ЕУ се многу повисоки од износот што ќе го добијат како помош од ЕУ. На пример, Унгарија ќе мора да потроши 12 милијарди евра за подобрување на патиштата и железниците. Република Чешка ќе треба да потроши повеќе од 3,4 милијарди евра за прочистување на водата, а Полска мора да потроши 3 милијарди евра за да ги намали емисиите на сулфур. Па сепак, кандидатите сметаат дека користите се поголеми од трошоците. Како прво, ќе се зголеми нивната трговија со земјите на ЕУ. Меѓутоа, кандидатите можеби ќе треба да почекаат извесно време. Според моменталното јавно мислење, новите нации членки треба да бидат примени дури откако ЕУ ќе си ги среди сопствените финансиски прашања.

Огорченост, национализам и невработеност

И покрај сите напори што се прават за да се постигне поголемо единство, како внатре така и надвор од Европа постои загриженост околу настаните на овој континент. Исто така, постои голема вознемиреност околу тоа како да се излезе на крај со етничките конфликти, како што се оние во балканскиот регион кој е во процес на дезинтеграција — прво војната во Босна, а потоа конфликтот во Косово. Нациите членки на ЕУ честопати не се сложуваат околу тоа како да се решат таквите конфликти во Европа и надвор од неа. Бидејќи ЕУ не е федерација на држави и нема заедничка надворешна политика, премногу често доминираат националните интереси. Јасно е, националните интереси претставуваат огромна препрека за ‚Соединетите Европски Држави‘.

Европа има уште еден неодложен проблем — големата невработеност. Во просек, 10 проценти од работната сила се невработени. Тоа значи дека повеќе од 16 милиони луѓе се без работа. Во многу земји, младите луѓе, кои сочинуваат речиси една четвртина од населението на ЕУ, вложуваат големи напори да најдат работа, но без успех. Не е ни чудно тоа што многу луѓе мислат дека борбата со масовната невработеност е предизвик број еден за Европа! Досега, напорите да се извршат реформи на пазарот на работната сила се покажаа безуспешни.

Меѓутоа, има една уште поголема препрека на патот до обединување.

Кој е одговорен?

Сувереноста останува најголемата пречка за да се постигне обединета Европа. Нациите членки мораат да се договорат до кој степен се спремни да се откажат од националната сувереност. Целта на ЕУ е да утврди еден наднационален облик на владеење. Ако не се оствари тоа, забележува Le Monde, воведувањето на еврото ќе биде само „привремена победа“. Меѓутоа, на некои нации членки им е тешко да ја прифатат идејата да се откажат од власта. На пример, водачот на една нација членка на ЕУ изјавил дека неговата земја е „родена за да биде водач на нациите, а не да оди по нив“.

Се разбира, помалите нации членки стравуваат дека, долгорочно гледано, поголемите нации ќе ги држат конците во свои раце и нема да сакаат да ги прифатат одлуките кои би можеле да им наштетат на нивните сопствени интереси. На пример, помалите нации се прашуваат како ќе се одлучи во кои земји ќе бидат главните седишта на различни претставништва на ЕУ. Ова е важна одлука затоа што таквите претставништва го зголемуваат пазарот на работни места во земјите домаќини.

Соочени со овие застрашувачки препреки на патот до единство — економска нееднаквост, војни, невработеност и национализам — можеби е лесно да се разочараме кога е во прашање обединувањето на Европа. Сепак, факт е дека е постигнат извонреден напредок. Неизвесно е уште колкав напредок претстои. Проблемите кои ги притискаат оние кои се обидуваат да ја обединат Европа, главно, се истите проблеми кои ги притискаат сите човечки влади.

Дали некогаш ќе биде можно да се воспостави некоја влада која ќе може да ги реши проблемите како што се етничките судири, масовната невработеност, сиромаштијата и војните? Дали е реално да се размислува за еден свет во кој луѓето ќе живеат во вистинско единство? Следнава статија ќе разгледа еден одговор кој може да Ве изненади.

[Фуснота]

a Овие земји се Австрија, Белгија, Германија, Ирска, Италија, Луксембург, Португалија, Финска, Франција, Холандија и Шпанија. Од различни причини, Велика Британија, Грција, Данска и Шведска сѐ уште не се вклучени.

[Рамка на страница 6]

Доаѓа еврото!

Иако сегашните национални монети и банкноти на членките на Европската Унија нема да исчезнат сѐ до 2002, безготовинските трансакции веќе се извршуваат во евра. Ваквиот монетарен премин претставуваше огромен потфат за банките. Сепак, сега е определен девизниот курс на националните валути на земјите членки и еврото. И на берзата цените се изразени во евра. Многу продавници и претпријатија сега ја изразуваат цената на своите производи и во евро и во локалната валута.

Ваквата трговија бара драстични измени — особено за многу постари луѓе, кои повеќе нема да можат да ги користат вообичаените германски марки, франци или лири. Ќе треба да се направат промени дури и во регистар-касите и банкоматите. За овој премин да биде колку што е можно полесен, организирани се официјални кампањи за информирање со кои луѓето ќе бидат информирани за пристигнувањето и користењето на еврото.

Какви и да се преостанатите препреки, еврото доаѓа. Всушност, ковењето и печатењето на еврото веќе започна. И тоа не е баш мала работа. Дури и во една мала земја како што е Холандија, која има околу 15 милиони жители, пресите за ковење и печатење ќе работат нон-стоп три години за да произведат 2,8 милијарди монети и 380 милиони банкноти до 1 јануари 2002. Ако сите овие нови банкноти се соберат на едно место, ќе се направи куп висок 20 километри!

[Рамка на страница 7]

„Евромасакр?“

На почетокот на 1999, Европската комисија, извршниот орган на Европската Унија (ЕУ), едвај преживеа еден сериозен неуспех. Комисијата беше обвинета за измама, корупција и непотизам. Беше формиран еден одбор за да се испитаат овие обвиненија. По едно шестнеделно истражување, одборот утврди дека Европската комисија се служела со измама и лошо управувала. Сепак, истражниот одбор не најде докази дека членовите на комисијата се збогатиле.

Откако беше објавен извештајот на одборот, целата Европска комисија даде оставка во март 1999 — што претставуваше невиден чекор. Ова предизвика голема криза во ЕУ. Списанието Time ја нарече „Евромасакр“. Само времето ќе покаже како ќе се одрази оваа криза врз процесот на обединување на Европа.

[Слика на страница 5]

Веќе е многу полесно да се преминуваат границите во Европа

[Слика на страница 7]

Европската централна банка, во Франкфурт (Германија), беше основана во 1998

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели