Каде оди овој свет?
СВЕТСКО ЕДИНСТВО. Звучи толку добро. И зарем не го посакува секој од нас? Да, многу се зборува за светското единство. Секогаш одново, состаноците на светските лидери се фокусираат на оваа тема. Во август 2000 година, повеќе од 1000 верски водачи се сретнаа во Обединетите нации во Њујорк на Милениумскиот самит за светски мир. Тие дискутираа како да се решат судирите во светот. Меѓутоа, веќе на самата конференција можеше да се види дека светот врие од несогласувања. Еден муфтија од Ерусалим одби да дојде затоа што на самитот присуствуваше и еден еврејски рабин. Други, пак, беа навредени затоа што Далај Лама не беше поканет да присуствува на првите два дена, поради страв дека тоа ќе го предизвика незадоволството на Кина.
Во октомври 2003 година, во Тајланд, се одржа самит на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), на кој земјите што излегуваат на Пацифичкиот Океан дискутираа за прашањата поврзани со безбедноста во светот. Сите земји, вкупно 21, се обврзаа да ги расформираат терористичките групи и постигнаа заемна согласност околу начините како да се зголеми светската безбедност. Сепак, во текот на конференцијата, неколку претставници приговорија на коментарите на еден премиер, за кои беше речено дека се обвинувања полни со омраза кон Евреите.
Зошто нема единство?
Иако многу се зборува за обединување на светот, гледаме малку резултати. Зошто човештвото никако не може да постигне светско единство во 21 век и покрај искрените напори на мнозина?
Дел од одговорот се гледа во коментарите на еден од премиерите кои присуствуваа на конференцијата на АПЕК. Тој рече: „Вклучен е факторот што се нарекува национална гордост“. Да, човечкото општество е потонато во национализам. Секоја нација и етничка група е водена од желбата за самоопределување. Националниот суверенитет во комбинација со духот на конкуренција и алчност создадоа една експлозивна состојба. Сѐ почесто, кога националните интереси ќе дојдат во судир со она што е од општ интерес за човештвото, победуваат националните.
Зборовите на псалмистот добро го опишуваат национализмот како: ‚чума што донесува неволји‘ (Псалм 91:3 NW). Тој е како чума за човештвото, која го води во невидено страдање. Национализмот, проследен со омраза кон другите нации, постоел со векови. Денес, национализмот продолжува да го разгорува огнот на поделби и човечките лидери не можат да го изгаснат.
Многу власти признаваат дека национализмот и себичноста се коренот на светските проблеми. На пример, поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, У Тант, изјавил: „Толку многу проблеми со кои се соочуваме денес се должат на, или се резултат на погрешни ставови . . . Меѓу нив е тесноградиот национализам со ставот — ‚сѐ за мојата земја, било да е во право или не‘“. И покрај тоа, нациите денес, обземени од себичност, дигаат сѐ поголема врева околу нивниот суверенитет. Оние што веќе го имаат не сакаат да отстапат ни педа од тоа. На пример, International Herald Tribune дал еден ваков коментар за Европската унија: „Ривалството и недовербата и понатаму се обележја на европската политика. За повеќето членки на ЕУ, сѐ уште е неприфатливо некоја од другите членки да добие поголемо влијание и да го преземе водството“.
Божјата реч, Библијата, точно го опишува резултатот од човечкото владеење, велејќи: „Човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9). Со тоа што го расцепкуваат светот и си прават свои држави, како групи од луѓе така и поединци го доживеале исполнувањето на ова библиско начело: „Кој се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“ (Пословици 18:1 NW).
Нашиот Творец, кој знае што е најдобро за нас, никогаш немал намера луѓето да си поставуваат свои влади и самите да си владеат. Кога го прават тоа, луѓето ја игнорираат Божјата намера и фактот дека сѐ му припаѓа нему. Псалм 95:3-5 вели: „Величествен е Господ, нашиот Бог, велик Цар над сите богови. Во Неговите раце се земските длабочини, Негови се планинските височини. Негово е морето, Тој го создаде, и копното, што го направија Неговите раце“. Бог е законски Суверен кого сите треба да го сметаат за свој владетел. Со тоа што сакаат да си воспостават свој суверенитет, нациите одат против неговата волја (Псалм 2:2).
Што е потребно?
Единствен начин да се обедини светот е да има една светска влада што работи за интересите на сите луѓе. Многу луѓе кои внимателно размислуваат за ситуацијата, ја согледуваат оваа потреба. Меѓутоа, тие честопати го бараат излезот на погрешното место. На пример, многу познавачи на ситуацијата, вклучувајќи ги и верските водачи, ги поттикнуваат луѓето да се надеваат дека Обединетите нации ќе донесат светско единство. Меѓутоа, човечките организации, колку и да се благородни нивните идеали, никогаш не биле способни да ги решат меѓународните проблеми на човештвото. Напротив, повеќето од овие организации едноставно станале слика и прилика на неединството што постои меѓу многу нации.
Библијата предупредува да не очекуваме решение за проблемите во човечките институции, кога вели: „Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение“ (Псалм 146:3). Дали ова нѐ доведува до ќорсокак кога станува збор за светското единство? Воопшто не. Постои друг излез.
Мнозина не се свесни дека Бог веќе воспоставил влада што е способна да го обедини светот. Библијата го вели следново за Јехова Бог: „Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора. Побарај од мене и ќе ти ги дадам народите во наследство и земските краишта во сопственост“ (Псалм 2:6, 8). Забележи дека стихот ни кажува дека Јехова Бог ‚го поставил неговиот Цар‘, за кого во стих 7 зборува како за „Мој син“. Ова не е никој друг туку Божјиот најистакнат духовен Син, Исус Христос, на кого му е дадена власт над сите нации.
Како ќе дојде до светско единство?
Повеќето луѓе не ја прифаќаат оваа небесна влада што ја воспоставил Бог. Нациите упорно се држат за своето право на суверенитет — право што самите си го даваат. Меѓутоа, Бог нема да ги толерира оние што одбиваат да го прифатат неговиот суверенитет и владата што ја воспоставил. Во врска со оние што одбиваат да ја прифатат оваа влада, Псалм 2:9 кажува што ќе направи Исус Христос: „Ќе владееш со нив со железен жезал и ќе ги скршиш како грнчарски сад“. Без оглед дали се свесни или не, нациите сега маршираат кон судир со Бог. Последната книга од Библијата зборува дека „царевите од целата населена земја“ се собираат „за војната на големиот ден на Семоќниот Бог“ (Откр. 16:14). Нациите и поделбите што тие ги предизвикуваат ќе бидат уништени. Ова ќе го расчисти патот за Божјата влада непречено да си ја изврши својата работа.
Како Суверен на целиот универзум, Јехова Бог преку својот Син мудро ќе ја употреби моќта за да ги направи неопходните промени со цел да се обедини светот. Божјата влада ќе донесе вистинско единство и ќе ги благослови сите што ја сакаат праведноста. Зошто не си одвоиш неколку минути за да го прочиташ Псалм 72 во твојата Библија? Таму е дадена една пророчка слика за тоа што ќе направи за човештвото владата под Божјиот Син. Луѓето ќе доживеат вистинско светско единство и сите нивни проблеми — угнетувањето, насилството, сиромаштијата и така натаму — ќе ги нема.
Во денешниов поделен свет, многумина мислат дека надежта за такво нешто е нереална. Но погрешно е да се размислува така. Божјите ветувања досега никогаш не останале неисполнети, ниту пак некогаш ќе се случи да не се исполнат (Исаија 55:10, 11). Дали би сакал со свои очи да ја видиш таа промена? Можеш да го доживееш тоа. Всушност, веќе има луѓе кои се подготвуваат за тоа време. Тие доаѓаат од сите нации, но наместо да се делат меѓусебе тие сега обединето се подложуваат на Божјиот суверенитет (Исаија 2:2-4). Кои се тие? Познати се како Јеховини сведоци. Зошто не ја прифатиш нивната покана да ги посетиш местата каде што се собираат? Најверојатно, ќе уживаш во освежувачкото дружење со луѓе кои можат да ти помогнат да се подложиш на Божјиот суверенитет и да уживаш во единството што никогаш нема да заврши.
[Слики на страница 7]
Луѓе од сите нации се подготвуваат за живот во еден обединет свет
[Извор на слика на страница 4]
Saeed Khan/AFP/Getty Images
[Извори на слики на страница 5]
Жена што тажи: Igor Dutina/AFP/Getty Images; демонстранти: Said Khatib/AFP/Getty Images; оклопни возила: Joseph Barrak/AFP/Getty Images