Што се случи со светското единство?
„За прв пат по Втората светска војна меѓународната заедница е обединета . . . Затоа светот може да ја искористи оваа прилика да го исполни долгоочекуваното ветување за нов светски поредок.“
ОВА го рекол еден претседател на Соединетите Држави во последната деценија од 20-от век. Во тоа време, настаните во светот даваа впечаток дека на повидок е светско единство. Тоталитарните влади паѓаа една по друга. Падна берлинскиот ѕид, со што беше означен почетокот на една нова ера за Европа. Пред очите на зачудениот свет го снема и Советскиот Сојуз, кого многумина од Западот го гледаа како подбуцнувач на светски судири. Заврши Студената војна и со големи надежи се зборуваше за разоружување, вклучувајќи го и нуклеарното. Точно, во Персискиот Залив избувна војна, но тоа беше само краткотраен инцидент што предизвика поголемиот дел од светот уште поодлучно да се залага за мирољубив поредок.
Можеа да се видат оптимистички знаци не само во политиката туку и во другите подрачја од животот. Животниот стандард се подобруваше во многу делови од светот. Напредокот на полето на медицината овозможи докторите да прават работи што само неколку децении пред тоа би биле сметани за чуда. Економскиот развој во многу земји зеде толкав замав што изгледаше дека се оди кон глобален просперитет. Се чинеше дека работите се движат во посакуваниот правец.
Денес, не многу години подоцна, не можеме а да не се запрашаме: ‚Што се случи? Каде е ветеното светско единство?‘ Наместо кон единство, се чини дека светот оди во спротивен правец. Бомбаши-самоубијци, терористички напади, извештаи за сѐ поголемо ширење на оружја за масовно уништување и други вознемирувачки настани станаа составен дел од вестите. Изгледа дека таквите настани го туркаат светот сѐ подалеку од единство. Еден угледен финансиер неодамна рекол: „Ние сме фатени во магичен круг на сѐ поголемо насилство“.
Светско единство или глобална расцепканост?
Кога беа формирани Обединетите Нации, една од целите што си ги поставија беше „да развијат пријателски односи меѓу нациите врз основа на почитувањето на принципот за еднакви права и самоопределување на народите“. Дали, по речиси 60 години, е постигната оваа благородна цел? Далеку од тоа! Изгледа дека нациите се повеќе заинтересирани за изразот „самоопределување“ отколку за „пријателски односи“. Борбата на народите и етничките групи да установат свој идентитет и суверенитет сѐ повеќе го разединува светот. Кога беа формирани, Обединетите Нации имаа 51 членка, а денес имаат 191.
Како што видовме, кон крајот на 20-от век надежите за обединет свет беа големи. Оттогаш, постепеното расцепкување на светот на кое што беше сведок човештвото, ја претвори таа надеж во очај. Насилниот распад на Југославија, судирите меѓу Чеченија и Русија, војната во Ирак и постојаното крвопролевање на Блискиот Исток — сето ова беше доказ за уште поголемо неединство.
Нема сомневање дека многу обиди за мир се искрени и добронамерни. И покрај тоа, се чини дека не е можно да се постигне светско единство. Многумина се прашуваат: ,Зошто и понатаму е толку недостижно светското единство? Каде оди овој свет?’
[Извори на слики на страница 3]
AP Photo/Lionel Cironneau
Arlo K. Abrahamson/AFP/Getty Images